Македонија
Изложба на фотографии од балканскиот рис во Галичник: останати се уште помалку од 50 единки од овој критично загрозен вид

Македонското еколошко друштво вчера во Галичник ја отвори изложбата на фотографии од балканскиот рис.
Изложбената поставка содржи 21 фотографија од балкански рисови фотографирани во Македонија, Албанија и Косово.
Пред присутните се обрати раководителот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, Диме Меловски, кој објасни дека денес во дивината се останати уште помалку од 50 единки од овој критично загрозен вид.
Многубројната публика го искористи присуството на тимот на Македонско еколошко друштво за да ги прошири своите знаења за балканскиот рис.
Програмата за закрепнување на балканскиот рис, која делува во рамки на МЕД, следната година одбележува две децении постоење и посветена работа. Таа беше првиот поттик за систематско мониторирање и истражување на овој вид, со крајна цел да се обезбеди неговиот опстанок.
Балканскиот рис е апекс-предатор, без природни непријатели во животинскиот свет. Неговиот најголем непријател е човекот – преку криволов или индиректно, преку уништување на шумите, со што се загрозува неговото живеалиште и се поттикнува неговото исчезнување.
Во хотел „Неда“ ќе биде достапна за посета до 31 август, а влезот е бесплатен. Изложбата има патувачки карактер, таа ќе биде претставена и во други места низ Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Прекршочни постапки за ТВ 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк

Врз основа на извештаи од извршен мониторинг над изборното медиумско претставување, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за поведување прекршочни постапки на денешната 14 седница одлучи да поведе прекршочни постапки против ТВ Компани 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк во првиот круг од Локалните избори 2025.
„Спротивно на Изборниот законик, ТВ Компани 21-М на 18 октомври, првиот ден од изборниот молк, емитуваше реприза на посебната информативна програма Клик плус – Изборни дебати, премиерно емитувана на 17.10.2025, реализирана како дебата во која учествуваат тројца кандидати за градоначалник на Општина Центар, односно емитуваше информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите.
ТВ Шутел на 18 и 19 октомври за време на двата дена од изборниот молк, емитуваше информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите, односно емитуваше музички спот и документарна емисија во кои се појавува кандидат за градоначалник на Општина Шуто Оризари“, соопштија од Агенцијата.
Македонија
(Видео) Уапсени две лица од Крушево за поткуп при избори и гласање

Две лица се уапсени, а пет се повикани на разговор во полиција во врска со кривично дело поткуп при избори и гласање, соопшти МВР.
Во 09:00 часот на улица „Дабничка“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп, во врска со кривично дело „поткуп при избори и гласање“, ги лишија од слобода Б.Х.(72) и Д.С.(36), двајцата од Крушево. Во врска со истиот настан, во Полициската станица Прилеп повикани се С.А.(28), М.А.(31), Ш.А.(40), Д.А.(22) и Џ.А.(36) од Крушево, со престој во Прилеп. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Исто така, регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите.
Генерално, од МВР велат дека локалните избори се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава.
Од таму велат дека се преземаат мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес и дека до сега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонски броеви 192 или 112.
Македонија
(Видео) До 13 часот гласале 20,12 отсто од избирачите

До 13 часот од добиени информации од 3.207 избирачки места од 1. 666. 298 запишани гласачи, гласале 335.244 или 20,12 отсто од избирачите, соопшти Државната изборна комисија.
Најголема излезеност има во Богданци, Вевчани, Градско, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Кратово, Крива Паланка, Лозово, Новаци, Ранковци и Чашка.
Најмала излезеност досега има во Босилово, Врапчиште, Гази Баба, Гостивар, Дебар, Желино, Јегуновце, Маврово и Ростуше, Пласница, Радовиш, Струга и Шуто Оризари.
До 13 часот во Град Скопје гласале 20,07 отсто од избирачите. За споредба, на локалните избори во 2021 до 13 часот гласале 20, 76 отсто од гласачите.
До моментот на одржување на прес- конференцијата, до ДИК нема никакви дојави за неправилности и нерегуларности.