Македонија
Одбележан 18 Август – Денот на Армијата
Во присуство на највисокото државно и воено раководство, во касарната „Јане Сандански“-Штип, се одржа централната свеченост за воениот празник „18 Август – Денот на Армијата“. На свеченоста беа построени ешалони од сите првопотчинети команди и единици на Генералштабот на Армијата, ешалони составени од новопромовираните офицери и подофицери во Армијата, а беше изложено и вооружување и опрема од Армијата.
На централната свеченост се обратија: претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Претседателката Сиљановска-Давкова во своето обраќање наведе: „Повеќе од три децении Армијата ја пишува својата приказна како востински custos patriae, чувар на татковината.“, притоа истакнувајќи: „Нашата Армија е столб на мирот и стабилноста, од придонесот во мировната мисија УНИФИЛ до ангажманот во мисијата КФОР, каде во ноември 2020 година македонските мировници го достигнаа највисокото ниво на НАТО одговорност. Денес, над 180 армиски припадници под македонското знаме се вклучени во мировни мисии и операции.“

Во ова прилика, претседателката се наврати на предизвиците на денешницата потенцирајќи дека живееме во едни од најнестабилните, најнепредвидливите и најнесигурните времиња, а тоа ја нагласува важноста за самоодржливост, зајакната способност за одвраќање, адаптирање на националните капацитети за кризен менаџмент со оние на НАТО за да бидеме компатибилни со европската безбедност.
Министерот Мисајловски пред присутните им се заблагодари на сите жени и мажи во униформа, сите вработени во одбраната кои имаат свој придонес во развојот на Армијата која е „организирана, високо професионална, исклучително почитувана.“ Тој порача дека столбовите на кои се гради македонската Армија и одбранбените сили стојат цврсто.

„Македонската одбрана инвестира во развојот, се опремува и модернизира, и многу важно – таа се подмладува и пополнува. Тоа е гарант дека нашата сила и способност да бидеме темел на државата денес, ќе биде реалност и во иднина“, заклучи Мисајловски пред државно – воениот врв.
Во своето обраќање началникот на Генералштабот на Армијата наведе: „Армијата, отсекогаш била еден од најважните столбови на државата, таа е симбол на извонредност и професионализам“, притоа ја потенцираше довербата што Армијата континуирано ја ужива кај граѓаните.
Генералот истакна дека во минатиот период Армијата напорно работеше, а со јасното поставување на приоритетите значително ги подобри борбените функции и борбената готовност. За идните чекори на Армијата, генералот нагласи: „Периодот кој следи го посветуваме на постојано зголемување на обученоста, подготвеноста и извежбаноста на сите нивоа на командување и контрола, имплементирајќи ги лекциите од современите војувалишта.“ На крајот на своето обраќање генералот Лафчиски повика заеднички да се продолжи со градење на Армијата како модерна и доверлива сила, сила на мирот, стабилноста и достоинството.

Во рамките на свеченоста, претседателката Сиљановска-Давкова го одликува Центарот за обука на питомци и офицери со „Орден за воени заслуги“. Орденот е доделен за извонредни успеси во исполнувањето во основната мисија – организација, подготовка и реализација на обука со питомците и кандидатите за офицери во Армијата, како и за особениот стратешки и долготраен придонес во изградбата и јакнењето на одбранбената способност на Армијата преку вложување во образованието и едукација на питомци и кандидати за офицери, со што се изградени генерации посветени и професионални воени лидери.

На централната свеченост присуствуваа и претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, гости од воено-дипломатскиот кор, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот, генералите во Армијата, претставници од локалната самоуправа, претставници на организации со кои соработува Армијата, пријатели и роднини на новопроизведените потпоручници и други гости.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

