Свет
Трамп почнал договори за средба помеѓу Зеленски и Путин, потоа би се вклучил и тој

По завршувањето на средбата во Белата куќа со украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на Европа, американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека телефонски разговарал со рускиот претседател за да започне организацијата на средба помеѓу Зеленски и Путин, на место што дополнително ќе се одреди.
По одржувањето на таа средба, според Трамп, би следел трилатерална средба која ќе го вклучува и него.
На состанокот со Зеленски, претседателите и премиерите на Франција, Финска, Италија, Обединетото Кралство, Германија, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте, разговараа за безбедносни гаранции за Украина, кои би ги обезбедиле различните европски земји во координација со САД, соопшти Трамп на социјалните мрежи.
„Сите се многу задоволни од можноста за мир помеѓу Русија и Украина“, рече Трамп во својата објава. Тој додаде дека потпретседателот Џ.Д. Ванс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф координираат со Русија и Украина околу понатамошните чекори.
Трамп ја оцени иницијативата како „многу добар, ран чекор“ во обидите за завршување на конфликтот кој трае речиси четири години.
Кремљ потврди дека Доналд Трамп денес имал телефонски разговор со Владимир Путин за време на состанокот во Белата куќа со Володимир Зеленски и европските лидери. Руските медиуми го цитираа портпаролот на Путин дека разговорот траел околу 40 минути.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Европските воени сили треба да учествуваат во мировните операции во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон им рече на новинарите во Вашингтон дека европските воени сили треба да учествуваат во мировните операции во Украина во иднина.
„Ќе ни треба силна украинска армија и ќе мора да ѝ помогнеме на Украина со сили на терен“, рече Макрон. „Ќе ни требаат мировни операции што сојузниците на Украина се подготвени да ги обезбедат“.
Не е прв пат Макрон да ја изнесе идејата, но досега тоа не доведе до никакви конкретни распоредувања.
Макрон додаде дека Трамп би бил „подготвен“ да воведе секундарни санкции и царини врз Москва „доколку Русија не соработува“. Тој исто така потсети дека Трамп веќе вовел царини врз Индија за купување руска енергија.
Францускиот претседател нагласи дека не е убеден дека Русија сака мир, додавајќи дека европските лидери „му ставиле до знаење на Трамп“ дека мировниот договор не може да чека недели или месеци.
фото: принтскрин
Свет
Британскиот премиер: Постигнавме вистински напредок

Британскиот премиер Кир Стармер зборуваше по состанокот во Белата куќа, каде што Доналд Трамп и Володимир Зеленски присуствуваа и европски лидери.
Тој рече дека на состанокот е постигнато „чувство на единство“ и дека се постигнати два клучни заклучоци.
Првиот е дека „коалицијата на волните“ – група од 31 земја што ветија дека ќе помогнат во зајакнувањето на Украина – ќе соработува со Соединетите Американски Држави за безбедносни гаранции. Стармер додаде дека веќе им дал задача на своите тимови да работат на ова прашање, нагласувајќи дека тоа е важна тема за безбедноста на Украина, Европа и Обединетото Кралство.
Вториот е договорот за состанок меѓу Владимир Путин и Зеленски, кој треба да се одржи билатерално, а потоа трилатерално, со учество на Доналд Трамп.
„Кога станува збор за прашања како територија, размена на затвореници или многу сериозното прашање за враќање на деца, јасно е дека Украина мора да биде на масата“, рече Стармер, заклучувајќи: „Денес постигнавме вистински напредок“.
фото: принтскрин
Свет
Шефот на НАТО: Испраќањето војници во Украина не е дискутирано

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека за време на разговорите во Белата куќа, воопшто немало дискусија за испраќање војници на украинска територија.
Во изјава за „Фокс њуз“, тој рече дека деталите за безбедносните гаранции на САД ќе бидат разработени во наредните денови, но сè уште не е јасно каква форма ќе имаат.
„Важно е што САД ќе се вклучат, тоа е голем чекор напред“, рече Руте без понатамошно појаснување.
фото: принтскрин