Македонија
Државниот завод за ревизија: Отсуство на кадар и процедури го загрозуваат квалитетот на податоците во Централниот регистер на населението
Државниот завод за ревизија спроведе проверка на информациските системи со фокус на усогласеноста на процедурите за безбедност на податоците од Централниот регистар на населениетио кај Министерството за дигитална трансформација за периодот од 2019 до 2024 година.
„Врз основа на извршената ревизија, заклучивме дека, освен за состојбите што се однесуваат на капацитетот на човечки ресурси, недефинирани чувствителни работни позиции, отсуство на процедури за активностите поврзани со функционирање на Централниот регистар на населението, за утврдување исполнување на стандардите за квалитет на податоците, недостиг на дефинирани стандарди за примена на ИТ-безбедност, системски контроли за размена на податоци меѓу институциите што би спречиле заобиколување на Централниот регистар на населението, активности за функционирање на Централниот регистар на населението – во сите материјални аспекти се во согласност со релевантната законска и подзаконска регулатива, стратешки документи, стандарди, упатства, договори и воспоставени политики“, наведуваат од ДЗР.
Централниот регистар на населението е интегрирана база на лични податоци, која се води во електронска форма во Министерството за дигитална трансформација, врз основа на автоматско интегрирање на податоците од поединечните бази што ги водат надлежните органи, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичните книги и органот за водење на адресниот регистар.
Според ревизијата, „утврдивме отсуство на стручен и квалификуван кадар, особено во одделението за стандардизација и сертификација во Министерството, како и отсуство на процедури за утврдување исполнување на стандардите за квалитет на податоците, што влијае врз квалитетот на податоците во ЦРН“.
Исто така, „синхронизацијата на податоците од изворниците со ЦРН е на дневна основа, што остава можност за фреквентни промени на податоци кај изворниците во текот на 24 часа поради што постојат разлики помеѓу податоците во ЦРН и податоците во изворникот“.
Во извештајот се нагласува дека „недостигот на пишани процедури за управување со ЦРН не е во согласност со законската регулатива и стандардите и може да доведе до неконзистентно толкување на законските надлежности за одобрување на пристапот до ЦРН, без ревизорска трага и двојна контрола“.
ДЗР утврдил дека во 2024 година „дозвола за пристап и користење податоци од ЦРН имаат 11 надлежни органи и други субјекти и реализирани 1.634.415 повици, од кои 23.658 се неуспешни“. Објавениот регистар на овие субјекти „содржи нецелосна евиденција на податоците, како и до кои податоци на граѓаните имаат дозвола за пристап“, при што е забележана и „размена на податоци со заобиколување на ЦРН“.
„Отсуството на контрола од страна на Министерството врз изворниците на податоци во исполнување на минималните стандарди за административна безбедност создава ризик за безбедноста на податоците“, наведува ДЗР додавајќи дека тоа може да ја намали довербата во системот.
Меѓу препораките се бара „преземање мерки и активности за подобрување на состојбите со човечките капацитети, подготовка и одобрување пишани процедури за ЦРН и другите системи, подготовка на прирачници и воведување механизми за проверка на стандардите за квалитет на податоците, детаљни контроли за проверка на минималните физички и административни услови за безбедност, воведување системски контроли за размена на податоци меѓу институциите и воведување на автоматизиран и координиран механизам за следење на нотификациите за несовпаѓање на личните податоци“.
Од Министерството за дигитална трансформација доставиле забелешки на нацрт-извештајот, а од ДЗР потврдуваат дека „тие се разгледани и утврдено е дека двете забелешки претставуваат известување за преземени активности“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.

