Култура
(Фото) Спуштена завесата на јубилејното 65. Охридско лето
Бурни овации за европската премиера на „Приказната на Електра“ од Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски која вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ го затвори 65. „Охридско лето“.

Изведбата на претставата, не само што се истакна со својата оригинална интерпретација на оригиналот на Софокле, реализирана на квадратно платно, туку понуди и уникатно искуство покажувајќи како театарот може да се спои со аудио-визуелната технологија за да се прошири во бескраен простор.

Петте актери со целото свое тело ја изразуваа режисерската намера во краткорочната соработка со режисерот и тимот од различна јазична и културна средина, притоа изразувајќи ги емоциите на своите ликови. Тие не само што ги одиграа своите улоги, туку и се усогласија со технологијата. Во епилогот, режисерот сакаше да пренесе порака за мир и помирување, а не за војна или одмазда, преку ликот на Електра.

„Приказната за Електра“ е копродукциски проект на „Охридско лето“, Театарската асоцијација на Јужна Кореја и АРТЕМА.
Годинава, „Охридско лето“ понуди уникатна програма која привлече голем број посетители. На фестивалскиот репертоар беа 28 настани од областа на класичната музика, седум театарски претстави, а во дополнителната програма и ликовна изложба и проекција на филмови. На сцените на фестивалот, Антички театар, црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје, на Долни Сарај, во Центарот за култура „Григор Прличев“, како и во „Форт кафе“ под Самоиловите тврдини продефилираа над 1000 извонредни уметници од САД, Чешка, Франција, Австрија, Литванија, Турција, Молдавија, Германија, Полска, Грција, Холандија, Израел, Хрватска, Црна Гора, Кина, Велика Британија, Србија, Русија, Швајцарија, Шпанија, Унгарија, Јужна Кореја и Македонија. Според резервациите за билети, во публиката имаше и бројни посетители од над 30 земји од сите континенти.

Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски е задоволен од посетеноста на годинешното јубилејно издание на фестивалот и од реакциите на публиката.
-Воодушевен сум, пред сè, од реакциите на публиката затоа што освен спектакуларното отворање, распродадени бевме секоја вечер. Тоа е показател дека се исплаќа трудот што сме го вложиле при креирањето на програмата и при нејзината реализација од страна на целиот тим на „Охридско лето“. Со оглед на тоа што и за отворањето на фестивалот на 12. јули, Охрид беше делумно празен, нашите сцени беа постојано полни. Тоа значи дека фестивалот сам по себе привлекува туристи, а тоа било и неговата намена при формирањето заедно со уште неколку фестивали во поранешна Југославија. Сметам дека „Охридско лето“ кога има квалитетна програма, има и што да понуди. Има туристи кои посебно доаѓаат во овој период за да слушнат квалитетна класична музика и да гледаат врвни театарски претстави, вели Цуцковски.

Според него, квалитетот на програмата и реномето на фестивалот ќе бидат задржани и надградени во при следното 66.фестивалско издание.
-Јас како раководител на национална установа којашто треба да ги штити трајните вредности, секогаш ќе се борам за квалитетот и за врвната уметност, класичната музика и драмските претстави, за да го зачуваме нивото на фестивалот кое е негувано и одржувано 65 години, да продолжиме да го надградуваме и да оставиме на идните поколенија да има со што да се гордеат, додава директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Покровител на „Охридско лето“ е Претседателката на РС Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова. Фестивалот е финансиран од Владата преку ресорното министерство за култура и туризам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

