Македонија
(Фото) Македонски контингент од околу 280 војници со формациска опрема, вооружување и возила испратен на воената вежба „Saber Junction 25“ во Германија
Македонски контингент од околу 280 војници со формациска опрема, вооружување и возила, меѓу кои и новите лесни оклопни возила JLTV денеска во штипската касарна „Јане Сандански“ беше свечено испратен на воената вежба „Saber Junction 25“ која се реализира во Хохенфелс, Германија.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој присуствуваше на настанот, на војниците им порача да бидат горди што ја носат армиската униформа и што ја преставуваат државата пред сојузниците.
„Ви посакувам многу здравје, покажете дека се носиме со сите земји и дека можеме да покажеме квалитет”, рече министерот. Додаде дека за секој предизвик Министерството и Армијата се подготвени да ја дадат сета потребна поддршка.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски порача дека за прв пат од постоењето на Армијата формација од ваков состав, зајакната чета со сите елементи на маневар, на борбена поддршка и на самоодржливост ќе биде распоредена на вежба.

Целокупните финансиски средства за учество во планирачкиот процес, подготовките, транспортот на персоналот и опремата, како и учеството на вежбата се обезбедени од буџетот на одбраната, што е доказ за посветеноста на Министерството на континуираното усовршување и увежбување на армиските припадници.

Македонскиот контингент, кој е најголем досега кој учествувал на оваа серија вежби, е дел од Лесната пешадиска баталјонска група, што претставува можност за дополнителна подготовка пред претстојното оценување на борбената готовност следната, 2026 година. Освен развојот на интероперабилноста со сојузниците, едни од главните цели на вежбата се и извежбувањето на начинот на распоредување на поголема единица надвор од територијата на државата преку реализација на стратегиски транспорт до местото каде што ќе се одржи вежбата како и самоодржливост и логистичка поддршка за време на реализацијата на вежбата.

На вежбата „Saber Junction 25“ која е во организација на Командата на американската армија за Европа и Африка, учество ќе земат голем број на сојузници од НАТО и партнери.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мециновиќ: Додека претседателката зборува за топење на глечери, граѓаните се гушат од загаден воздух
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, на денешната прес-конференција по годишното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека во нејзиниот говор изостана визија за реалната состојба во државата. Тој истакна дека наместо анализа на проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните, обраќањето беше сведено на флоскули и претставување на владината агенда на ДПМНЕ, а не на политичка слика што ги опфаќа сите граѓани во Република Македонија.
Мециновиќ нагласи дека во говорот на Давкова сосема изостана осврт кон уништувањето на реките, загадувањето на воздухот и системското разорување на животната средина, што претставува политичка порака дека загадувањето, зголемените заболувања, доминацијата на интересите на крупниот капитал над здравјето на граѓаните се прифатливи и нормализирани.
Тој сублимираше дека ова претставува морална мапа за ургентните прашања, и дека сведочиме на апстрактни говори за стабилност и глобални климатски промени, преку кои всушност се избегнува соочување со конкретните причинители и одговорности кај нас. Таквиот пристап, како што велат од партијата, ја штити нерегулираната индустрија и интересите на крупниот капитал, а штетата по граѓаните се третира како колатерална и неизбежна.
Додаваат дека, иронично, зад говорите за енергетска независност истовремено застана реалноста на поскапена струја и продлабочена енергетска сиромаштија, што повторно покажува отсуство на приоритети насочени кон граѓаните. Затоа, пратеникот од Левица најави и итна законска интервенција како одговор на енергетската криза во која државата веќе се наоѓа.
Од Кабинетот на претседателката посочија дека во нејзиниот говор воопшто не се спомнати глечери, како што наведува Мециновиќ, и дека говорот содржеше повеќе теми поврзани со екологијата.
Македонија
СДСМ: Кризна состојба за покривање на криминалните тендери
Криминални политики со тендери и неспособност во енергетиката се двете единствени причини поради која сите граѓани на Македонија ќе плаќаат поскапа струја и поради што се воведува кризна состојба, велат од СДСМ преку соопштение.
„За само година и половина владата на Мицкоски ја доведе најголемата државна енергетска компанија ЕСМ до финансиски и производствен колапс.
Оваа година има историски најниско производство на домашна струја, нема ниту 3.000 GWh од планирани 5.100 GWh. Катастрофално лошо.
За да се надминат овие загуби власта купува скапа струја од увоз, за многу повисоки цени отколку што би било ЕСМ да ја произведува дома.
Колку тоа ги чини граѓаните? 77 милиони евра е официјална загуба за само првите два квартали од 2025 години, со проекција од над 100 милиони евра загуба до крајот на 2025 година.
Дополнително, над 110 милиони евра ЕСМ има земено нови кредити за само 18 месеци. Тоа се над 200 милиони евра!
Дали сега е јасно?
Ова не е „надворешна криза“ и нема врска со протестите во Грција.
Ова е внатрешно предизвикана катастрофа, резултат на криминални тендери, скап увоз на струја и неспособност на власта на Мицкоски.
КЛУЧНОТО ПРАШАЊЕ Е: ЗОШТО НАВРЕМЕ НЕ СЕ ОБЕЗБЕДЕНИ ЕНЕРГЕНСИ?
Зошто во сред зима нема најмалку 300.000 тони јаглен на депонија, како основен услов за сигурно зимско производство? Зошто мазутот не е набавен навреме, туку сега панично се бара решение? Прашуваме: Дали постои веќе избрана фирма за снабдување со мазут?
Затоа се прогласува кризна состојба и затоа власта удри по џебот на граѓаните. Нема пари, има буџетска дупка од 1 милијарда евра, но не се откажува од криминалните тендери и скапот увоз на струја, а сега и на мазут.
Сметката за ова на крај ја плаќа народот, сите граѓани на Македонија!“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
Разгледан клучниот План за праведна транзиција за 2026: Фокус на имплементација и координација
Денеска се одржа состанок на Советот за праведна транзиција, на кој беше разгледан Годишниот план за имплементација на праведната транзиција за 2026 година.
На состанокот беше нагласено дека Планот за 2026 е клучен документ за насочување на активностите во процесот на праведна транзиција и за исполнување на обврските на државата во рамки на Реформската агенда и Планот за раст, при што Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го координира неговото финализирање.
Фокусот на дискусијата беше ставен на тоа Планот да биде оперативен и имплементациски, со јасно дефинирани активности и проекти, одговорни институции, временска рамка, потребни ресурси и механизам за следење на напредокот.
Министерката Божиновска истакна дека “успешната имплементација во 2026 година бара силна меѓуинституционална координација, јасни улоги и активна вклученост на сите релевантни институции, со редовно известување за напредокот преку Советот и работните групи”.
По денешната дискусија и усогласување, Планот ќе биде подготвен за понатамошно формално усвојување, со цел државата да влезе во 2026 година со јасна насока, приоритети и засилен фокус на спроведување и резултати во рамките на зелената транзиција.

