Македонија
Никоски: Новата градинка во Потстаница, Драчево, значи подобра грижа за децата и поголема поддршка за семејствата
Како напредуваат градежните работи за новата градинка во Потстаница, Драчево, на лице место излезе да провери и директорот на Управата за заштита на животната средина и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Никоски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, заменик-министерот за труд и социјала Ѓоко Велковски и градоначалникот на Општина Кисела Вода,Орце Ѓорѓиевски.
„Oвој објект e со вкупна површина од 300 квадратни метри и дополнително дворно уредување од 700 квадратни метри. Тој ќе обезбеди подобра грижа за децата и поголема поддршка за семејствата во овој дел од општината. Овој проект е доказ за нашата посветеност кон социјалниот развој и унапредување на квалитетот на животот во Кисела Вода“, рече директорот Никоски.
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави дека новата детска градинка ќе биде целосно завршена за само 20 дена и дека во неа ќе бидат згрижени 75 деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Почна новогодишната магија во нашите градинки, детската насмевка е најубавиот украс на празниците
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска беше дел од празничната магија на предновогодишниот концерт во ЈУДГ „Корчагин“ – објект „Пинокио“, каде што дечињата од објектите „Пинокио“ и „Палешка“ со искрена радост и насмевки посакаа добредојде на Новата 2026 година.
Со специјално подготвена приредба заедно со учениците од ДМБУЦ Илија Николовски Луј под водство на проф. Маре Видевска, со традиционални новогодишни композиции, сценски точки и празничен дух, најмладите упатија новогодишни честитки и желби до најблиските, и до најомилениот лик, дарежливиот Дедо Мраз.
Герасимовски ги поздрави децата, родителите и вработените, им заблагодари за прекрасниот концерт, а најмладите ги израдува со новогодишни пакетчиња.
„Детската насмевка е најубавиот украс на празниците. Како градоначалник на Општина Центар, останувам целосно посветен на создавање услови за среќно детство и правилен развој на нашите најмили. Така било и така ќе остане“, порача Герасимовски.
Македонија
(Видео) Фрчкоски: ВМРО-ДПМНЕ врши дефокус за да ги прикрие „мигрантите за пари“
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, денеска одржа вонредна прес-конференција, на која се осврна на, како што рече, обвинувањата и нападите што ВМРО-ДПМНЕ со денови ги пласира во јавноста.
Фрчкоски наведе дека по изгласувањето на Резолуцијата, која, според него, наместо борба против дезинформации, значи забрана на вистината и слободата на говорот, започнале закани со кривични пријави и апсења. Тој оцени дека вакви практики постоеле во времето на Третиот рајх.
Според него, темата „мигранти за пари“ е причина за, како што рече, паниката во ВМРО-ДПМНЕ. Фрчкоски тврди дека постои таен договор поврзан со мигранти и финансиски средства, кои, како што наведе, служеле за продолжување на тендерски практики.
„Одеднаш почнуваат да излегуваат вести за СДСМ, за наводни тендери со кои СДСМ нема никаква врска. На секоја вест ни го лепат ДУИ. Ова нивното е чист дефокус. Да постоеше нешто реално, одамна ќе реагираа. Сега ова е нивен сензационализам со цел да ги прикријат двете главни теми: „Мигранти за пари“ и забраната на слободата на говор со изгласаната Резолуција, по примерот на Декретот од Третиот рајх“, рече тој.
Во таа насока, тој изнесе примери за тендери во вредност од, како што рече, 5,3 милиони евра, 9 милиони евра и други милионски износи, доделени на фирми за кои тврди дека се поврзани со лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ, како и врски со Алта банка и Српската напредна странка.
Фрчкоски истакна дека ова, според него, е само почеток на откривање на криминално-корупциски шеми и афери, наведувајќи дека платформата Micko.mk и организацијата АКТ секојдневно прибираат нови информации, а по поднесувањето на пријавите, како што рече, настанала паника.
Тој обвини дека премиерот Христијан Мицкоски брза со реформи во правосудството со цел, според него, да го стави под контрола судството и обвинителството, додавајќи дека веќе 20 дена нема одговор за поднесените пријави.
Фрчкоски се осврна и на објавувањето негови фотографии и текстови од страна на ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека тоа претставува кампања за дефокус, во која, како што рече, без причина се споменува и неговиот татко. Тој посочи дека објавите следеле по неговата прес-конференција поврзана со трагедијата во Кочани, со цел, според него, да се тргне вниманието од одговорноста за тој настан.
Во однос на објавените фотографии на кои консумира дрога, Фрчкоски рече дека настанот се случил пред пет години, дека тогаш бил помлад и дека веднаш ја презел целосната одговорност, нагласувајќи дека со тоа ги повредил само своите најблиски.
„Она што се случи, се случи еднаш, и тоа пред 5 години, а не сега или пред неколку месеци како што тие лажно го прикажуваат. Може да се види на фографијата колку сум помлад, послаб.И за тоа веднаш ја презедов целосната одговорност. За разлика од нив, за кои имаме куп материјали, јас веднаш излегов јавно и ја презедов одговорноста. Дали некој од нив тоа го направи? Не. По сите нивни криминални афери, барем еден да се понесеше како човек и да преземеше одговорност. Никој. Тоа е разликата меѓу мене и нив. Со она што се случи ги повредив само моите најблиски – моите родители, моето семејство, децата. Ним ова најтешко им падна, а мене ми е искрено жал. Ниту еден граѓанин не беше загрозен на каков било начин, освен моите најблиски. Бев млад…“, изјави Фрчкоски.
Тој истакна дека на последниот Извршен одбор добил нова шанса од претседателот и од колегите, за што, како што рече, е благодарен и нема да ги разочара.
„За оваа тема зборувам последен пат. Вистината ќе победи“, изјави Фрчкоски, порачувајќи на крајот: „АКТ ви дише во врат. Борбата започна и нема да застане додека не ја ослободиме Македонија од криминалот и корупцијата“.
Македонија
Трамп менува 30 амбасадори, меѓу кои и Агелер
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп заменува 30 дипломати од кариера од амбасадорски и други позиции во амбасадите, меѓу кои и американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер.
Ова доаѓа како дел од напорите за преобликување на американските дипломатски мисии и назначување персонал кој се смета дека целосно ги поддржува приоритетите на Трамп отелотворени во неговата порака „Америка на прво место“.
„Шефовите на мисии во најмалку 29 земји беа известени минатата недела дека нивните назначувања завршуваат во јануари“, изјавија двајца претставници на Стејт департментот кои зборуваа под услов на анонимност, пренесе „АП“.
Оние кои се погодени од промените не ги губат своите работни места во Надворешната служба и се враќаат во Вашингтон за други должности доколку сакаат да ги преземат, рекоа тие претставници.
Сите отповикани амбасадори ја презедоа функцијата за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден, но останаа на тие позиции по првичната чистка на почетокот на вториот мандат на Трамп во јануари. Тоа се променило минатата среда кога почнале да добиваат известувања од Вашингтон дека треба да заминат.
Стејт департментот не коментираше за конкретниот број на засегнати вработени или амбасадори, но рече дека тоа е стандарден процес во секоја администрација. Како што беше најавено, амбасадорот е „личен претставник на претседателот и право на претседателот е да се осигура дека има поединци во овие земји кои ја промовираат неговата агенда „Америка на прво место“.
Најпогодена од промените е Африка, каде што беа повлечени амбасадори од 13 земји – Бурунди, Камерун, Зелен ’Рт, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маврициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда.
На второ место е Азија со промени на амбасадори во шест земји – Фиџи, Лаос, Маршалски Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипини и Виетнам.
Во Европа, смени се случија во Ерменија, Северна Македонија, Црна Гора и Словачка.
На Блискиот Исток во две земји – Алжир и Египет, како и во Јужна и Централна Азија – во Непал и Шри Ланка) и на Западната хемисфера – во Гватемала и Суринам.

