Македонија
Меџити изврши увид на градежните активности за изградба на примарната водоводна мрежа во Мерово, Желино

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, придружуван од градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу и пратеници од регионот, денеска изврши увид на градежните активности за реализација на проектот за изградба на примарната водоводна мрежа во селото Мерово, општина Желино.
Проектот предвидува изградба на дистрибутивната мрежа за водоснабдување во рамките на селото, изградба на поврзувачки цевковод од резервоарот до главната мрежа, отворање на нов бунар покрај постојниот, како и рехабилитација и проширување на веќе изграден резервоар.
Досега е извршено отворање на еден бунар и изградба на еден резервоар, кои во рамките на овој проект ќе бидат финализирани и модернизирани.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 15.847.359 денари, обезбедени од буџетот на надлежното министерство, а градежните активности се очекува да завршат до крајот на 2025 година.
„Одржливото снабдување со вода е еден од најважните приоритети на нашата Влада, бидејќи е директно поврзано со квалитетот на животот на граѓаните и развојот на нашите населени места. Со овој проект ставаме крај на децениските проблеми со недостиг на водовод во Мерово и им обезбедуваме на жителите подобри услови за живот“, истакна првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити.
Оваа инвестиција претставува дел од стратешките проекти кои имаат за цел унапредување на основната инфраструктура и задоволување на елементарните потреби на граѓаните во сите населени места на општина Желино и пошироко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВЛЕН: Изборите беа локални, но поразите на НАИ се национални

Очајните обиди на поразената НАИ да ги преведе изборите од 19 октомври во „мандати за пратеници“ се доказ дека оваа коалиција не само што изгубила гласови, туку и контакт со реалноста, велат од „Влен“.
„Ова беа локални избори. И токму тука Албанците проговорија појасно од кога било, тие избраа промени, тие избраа ВЛЕН. Во повеќе од десет општини, Албанците ја дадоа својата доверба во нова енергија, во лица кои работат, а не во оние кои се кријат зад лажен патриотизам кога немаат што да му понудат на народот. Тие избраа политика на резултати, а не политика на страв.
Дури ни телевизиските толкувања на превртените бројки не можат да го променат фактот дека сега е неоспорно дека ВЛЕН ја покрива целата политичка карта на Албанците. И ова е единствената карта што се брои, онаа на слободната волја на граѓаните.
Изјавите на Арбер Адеми, Блерант Рамадани, Кренар Љога и некои други, кои смислуваат имагинарни графикони за „идни пратеници“ што никогаш нема да ги видиме, се доказ за паниката што ја зафати селотејп коалицијата. Тие сè уште не ја разбрале пораката на народот дека е време за реформи, а не за измислување бајки за да ги држат будни милитантите.
Четири дена по ред, нивниот „неоспорен“ лидер, Али Ахмети, не се појави никаде. Можеби сè уште чека да му бидат прикажани резултатите од „референдумот“.
Им посакуваме на Арбер Адеми, Блерант Рамадани и Кренар Љога почести јавни настапи. Секој пат кога ќе проговорат, НАИ губи илјада гласови. И ние, искрено, немаме ништо против тоа“, се додава во соопптението.
Македонија
Минчев со честитка за празникот: Ја продолжуваме борбата за општество какво што го замислувале нашите предци

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
„На денешен ден оддаваме почит на визијата и пожртвуваноста на македонските револуционери кои со својата борба ги поставија темелите на нашата државност и стремежот за слобода, правда и еднаквост.
Храброста и идеалите на борците од Илинденската и народноослободителната традиција остануваат втемелени во нашето колективно сеќавање и не водат во напорите за градење на современа, демократска и праведна држава.
Како министер за јавна администрација, силно верувам дека токму преку отчетност, професионализам и служба на граѓаните, ја продолжуваме борбата за подобро општество, општество какво што го замислувале нашите предци.
Да го одбележиме овој ден со чувство на единство и одговорност кон иднината.
Честит Ден на македонската револуционерна борба!“, се вели во честитката.
Македонија
Арсовска: Советот на градот и управниот одбор се одговорни за состојбата во Комунална

Градоначалничката Данела Арсовска во објава на социјалните мрежи утрово пишува дека одговорноста за состојбата во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје е во рацете на Советот на градот и управниот одбор, кои, како што наведува, се составени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН.
„Ако не ви е јасно дека кадрите на Мицковски се одговорни за ѓубрето низ Скопје, ќе се обидам да ви појаснам уште еднаш,“ напиша Арсовска на социјалните мрежи.
Таа наведе дека според законот, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје го основа Советот на Град Скопје, кој одлучува за сите согласности и оперативни планови. Управниот одбор, кој управува со претпријатието, е составен од членови на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, а неговата претседателка – како што посочува Арсовска – е „осудена за две кривични дела и наградена со советничко место во општина Бутел“.
Во објавата се наведува и дека Советот не презел мерки за да обезбеди нормално работење на претпријатието, ниту пак ги разрешил управниот и надзорниот одбор, иако, според Арсовска, тоа е законска обврска.
„Функционирањето на секој директор зависи од одлуките на управниот одбор на ВМРО/ВЛЕН и тој може единствено да спроведува тоа што тие ќе изгласаат. Кој и да е поставен, е блокиран и зависен од нивните одлуки,“ појасни Арсовска.
Во завршницата на соопштението се наведува дека Советот на градот не презел ниту една законска мерка за подобрување на состојбата, а дека целата одговорност за натрупаното ѓубре низ Скопје, според Градот, лежи кај кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН.