Македонија
„Влен“: Бујар Османи го вети автопатот Скопјe – Блаце, но донесе само лаги

„Поминаа 5 години, 7 месеци и 8 дена од свеченото потпишување на договорот за „првите 2 километри“ на автопатот Скопје – Блаце, а ветувањето на Бујар Османи со кое се фотографираше и политички се фалеше остана нереализирано“, велат од „Влен“.
„ФБ сесии, фотографи, изјави, скапи видеа, но резултати нула. Тоа е Бујар Османи. Ветуваа автопати, оставија само албуми со слики. Ветуваа нови болници, оставија семејни трагедии. Ветуваа водоводи, оставија пустош.
Бујар Османи беше министер во владата на Груевски, вицепремиер за европски прашања и министер за надворешни работи кај Заев и Ковачевски, вкупно повеќе од една деценија на највисоки државни функции. За тоа време немаше резултати за овој проект, ниту за албанските општини за кои најмногу ветуваше. Имаше Фејсбук сесии, снимени видеа и лажни ветувања, а резултати нула.
Доста беше со промотивни настани на лажни големи ветувања. Бујар Османи нема што да покаже како резултат зад себе, нема реализирани проекти, нема изградено ништо, нема помогнато никому.
Бујар Османи е политичар кариерист, без резултати. Неговите ветувања денес за Чаир се исти како ветувањето за автопатот кон Блаце пред пет и половина години. Празни“, се наведува во соопштението на „Влен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Пет милиони денари за чистење на депонијата во Никуштак

Министерството за животна средина и просторно планирање денес ја започна акцијата за санација на дивата депонија во селото Никуштак, општина Липково.
Оваа депонија, идентификувана како една од најопасните во Националниот план за управување со отпад, претставува сериозна закана за здравјето и животната средина, како за жителите на Липково, така и за соседните општини. Честите пожари и постојаното загадување се голема загриженост за граѓаните од регионот.
Од Буџетот за 2025 година за овој проект се обезбедени околу 5 милиони денари, како и механичка опрема за безбедно управување со отпад. По завршувањето на техничките подготовки, денес започнаа градежните работи на терен.
Меџити рече дека санацијата на оваа депонија е голем чекор кон заштита на здравјето на граѓаните и подобрување на условите за живот во општина Ликове и околниот регион. Тој нагласи дека нема повеќе време за чекање и дека институциите имаат обврска конкретно да дејствуваат на терен.
Македонија
Предложен притвор за таткото што тепаше играчи на фудбалскиот натпревар во Штип

Основното јавно обвинителство Штип денеска поведе итна постапка против едно лице за кривично дело – Насилство.
Осомничениот извршил грубо насилство на 24 август на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови „Брегалница“ и „Шкупи“.
Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на „Беласица“, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
Настанот се случил во 89-тата минута од натпреварот, која судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за „Шкупи“.
Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на „Брегалница“. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот, имајќи го предвид видот и сериозноста на кривичното дело против јавниот ред, опасноста од бегство на осомничениот и можноста за повторување на делото.
Македонија
Седум пожари денеска во Македонија, три изгаснати

На територијата на Македонија имаше вкупно седум пожари на отворен простор, од кои два се активни, два се под контрола и изгаснати се три пожари, информира Центарот за управување со кризи.
Активни се еден пожар во Општина Долнени, во село Долгаец каде гори мешана шума и еден пожар на влезот на Крушево каде гори депонија.
Под контрола е пожарот во Јасен, и еден пожар на планината Кожуф каде гори висока шума.
Изгаснати се пожари во Општина Штип: с. Судик (стрниште); Општина Дебар: с. Елевци (ниска вегетација) и во Општина Куманово: нас. Гоце Делчев (ниска вегетација).