Македонија
„Не било доволно папаја, манго, аспарагус и други егзотични овошја, Министерството за одбрана набавува кафе и алкохол за 31.000 евра“, велат од СДСМ
„Додека стандардот на граѓаните постојано опаѓа и семејствата едвај врзуваат крај со крај, владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се луксузира со народните пари. Не било доволно папаја, манго, аспарагус и други егзотични и прескапи овошја, Министерството за одбрана на Мисајловски склучило договори со пет компании за набавка на кафе, вино, ракија, мастика и други алкохолни пијалоци во вредност од 31.000 евра“, соопшти СДСМ.
„Во реалноста, народот не може да си дозволи ниту основни работи. Последните податоци покажуваат дека синдикалната потрошувачка кошничка достигна 65.507 денари, на граѓаните им се потребни речиси 3 минималнни плати за да ги покријат само основните трошоци. Многу производи се недостижни за голем број семејства во државата.
ВМРО-ДПМНЕ ја држи Македонија со најниската минимална плата во целиот регионот и упорно одбива да ги покачи платите и да ги намали цените кои се превисоки. Просечната плата е само една третина од европскиот просек, додека цените на основните производи достигнуваат до 60% од просекот во Европа.
Ваквата расипничка политика на власта е доказ дека Мицкоски и неговите министри се грижат единствено за сопствената удобност, а не за народот кој секој ден тоне во сиромаштија и едвај врзува крај со крај“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла кај Плетвар, Крушево, Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози. Врнежи од снег на планинските премини Ѓавато и Буково без задржување на коловоз.
Намалена видливост до 50 метри и појава на магла на планинскиот премин Плетвар, Крушево до 50 м. Стража до 80м. и на патниот правец Тетово – с.Лисец до 80 м, јавува АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21 ноември е затворен за сообраќај за сите видови возила.
Македонија
Променливо облачно време во Македонија – утре дожд и снег, нов бран врнежи од вторник
Времето утре променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на некои повисоки места и на планини од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 2 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 5 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време. Во понеделник и во вторник преку денот времето ќе биде стабилно и суво. Во вторник кон крајот на денот, во текот на ноќта и во среда се очекуваат нови врнежи претежно од снег.

