Македонија
Интервју со Тони Тоневски, директор на „Булмак 2016“: Над милион евра од рудникот годинава ќе отидат во општините Пробиштип, Крива Паланка и Кратово
Рударската компанија „Булмак 2016“, која управува со рудниците Тораница и Злетово, годинава речиси двојно го зголеми износот за концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини. Со тоа во буџетите на трите општини Пробиштип, Крива Паланка и Кратово ќе се слеат над милион евра. Растот се должи на висината на концесискиот надоместок, кој од јануари годинава е зголемен од 2 на 4 проценти.
Директорот Тони Тоневски, кој е и кандидат за градоначалник на Пробиштип, зборува за тоа како Булмак го гледа својот придонес во локалниот развој, какви се бизнис плановите за наредните години и зошто рударството мора да се гледа како стратешка индустрија за Македонија. Компанијата е дел од групацијата „Минстрој холдинг“.

Рударството повторно станува актуелно во Европа како економски двигател, но овој пат во фокусот на индустријата е постигнување на целите на зелената транзиција. Дали овој бран на промени се чувствува и кај нас?
„Булмак 2016 работи во традиционално рударски регион, но како индустриска гранка се уште има простор да се развива и расте, се разбира, како и досега со примена на европските стандарди за заштита на животната средина. За двата рудника, Злетово и Тораница, Булмак 2016 поседува А-интегрирана еколошка дозвола, и со тоа нашата работа е строго регулирана и под контрола на државните органи. Тоа значи дека сме обврзани да го следиме и пријавуваме секој аспект – од емисии во воздухот, до квалитетот на водите, управувањето со отпад и бучавата. Ова не е формалност, туку законска рамка која гарантира дека рударството е усогласено со европските стандарди. Месечно доставуваме извештаи до Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат, и таа транспарентност е дел од нашата одговорност.
Покрај тоа, инвестираме и во заштита на самите вработени – модерни системи за вентилација, лична заштитна опрема, во обуки на вработените и медицински надзор. Здравјето и безбедноста на луѓето кои работат под земја се наш највисок приоритет.
Македонија има потенцијал да се вклучи во европскиот процес на развој на технологијата на чиста енергија и да имаме свој придонес во таа зелена транзиција. Очекуваме дека најновите законски решенија за рударството ќе го овозможат тоа“.
Годинава рударските компании одвојуваат речиси двојно повеќе средства за концесиските надоместоци за поддршка на општините. Како Булмак 2016 е подготвена за оваа промена?
„Се разбира дека промената влијае, но ние сме подготвени и го прифаќаме како дел од нашата обврска да го зацврстиме општествениот капацитет и локалниот развој. Во интерес и на нас и на локалната заедница во трите општини – Пробиштип, Крива Паланка и Кратово е тие средства да се искористат за вложувања во развој на заедницата. Односно, ако тие пари се вложат во патишта, училишта, болници, директно во тие општини каде работите, сите ќе имаме корист. Овие средства за нас се и алатка која обезбедува транспарентност, која е клучна за компанијата, затоа што сакаме луѓето да гледаат дека дел од вредноста што ја создава рударството се враќа таму од каде потекнува. Ние ќе продолжиме со инвестициски активности и модернизација, бидејќи тоа е предуслов за стабилна работа.
Рударството е столб на економскиот развој на регионот. Нашите рудници обезбедуваат стотици директни и индиректни работни места. Имаме подизведувачи со кои работиме. Значи директно сме вклучени во над 700 домаќинства, а индиректно таа бројка е многу поголема. Поддржуваме и други локални проекти во образование, култура и спорт што ја потврдува нашата цврста заложба дека рударството може да биде симбиотичка алатка на локалните заедници, а не само индустрија.
Како партнер на локалната заедница, на рудниците не гледаме само како на извор на суровини, туку и двигател на општествен живот“.
Дел сте од многу голем рударски ходлинг, колку искористувате од тоа искуство за развој на македонското рударство?
„Булмак 2016 е дел од Минстрој Холдинг, една од најголемите рударски корпорации во регионот со седиште во Бугарија. Поддршката од матичната компанија ни овозможува стабилност и пристап до современи технологии и знаење, што е клучно за долгорочен развој. Тоа ни овозможува во Пробиштип и Крива Паланка да сме значаен фактор за економски раст – обезбедуваме стотици директни и индиректни работни места и ја поддржуваме локалната инфраструктура, спортот и културните настани. Тоа е начин да покажеме дека рудникот е партнер, а не само индустриски капацитет“.
Кои се главните бизнис цели и планови на Булмак 2016 за периодот по 2025 година?
„Нашата цел е модернизација на технологијата, зголемување на безбедноста и продолжување на животниот век на рудниците. Работиме на нови истражувања кои треба да потврдат резерви за долгорочна експлоатација. Постојано воведува новини – системи за управување со производството, како и да ја зголемиме енергетската ефикасност. Паралелно, планираме соработки со образовните инсутуции, од каде во моментов младите доаѓаат за пракса во нашата компанија. Посветуваме внимание на оваа соработка затоа што младите се важен сегмент од општините, сакаме да придонесе за намалување на одливот на млади и да ги задржиме во регионот. За нас, одржливоста значи три нешта: стабилно производство, безбедни вработени и здрава животна средина. На тие три столба ќе градиме и понатаму“.
Вие не сте ново име во политиката – ова е вашата третa трка за градоначалник на Пробиштип. Како ја гледате врската меѓу овој ангажман и раководењето со Булмак 2016?
„Како човек кој двапати ја добил поддршката од моите сограѓани од 2009 до 2017 година, сега влегувам со многу поголемо искуство и докажан успех во јавниот и во приватниот сектор. Раководењето со ’Булмак 2016’ ми даде дополнително практично искуство во управување на големи тимови, испорачување на цели, планирање на инвестиции и финансиска дисциплина – вештини кои особено ќе помогнат во уште поефикасно општинско менаџирање со јасни приоритети и рокови. Од другата страна, искуството од локалната власт ми потврди дека во раководењето со јавните процеси нема место за импровизации: процедурите мора да бидат ефикасни и транспарентни, а тимовите да бидат координирани.
Координацијата помеѓу локалната власт, Владата и бизнис заедницата е единствен начин како да се продуцира економски раст и инвестиции за подобар живот во Пробиштип. Мислам дека тоа можам да го постигнам со моето искуство и контакти. Ако не привлечеме поддршка од Владата и бизнис заедницата, Пробиштип ќе биде запоставен како што е последните години, а можеме повеќе“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека планот за управување со квалитетот на воздухот во Скопје ќе го спремаат докажани експерти
Имплементацијата на мерки кои ќе бидат предвидени во План за управување со квалитетот на воздухот во Скопје ќе го спремаат експерти со докажано искуство и успешни проекти позади нив, а не ПР кампањџии, се вели во соопштението од Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на Град Скопје.
Мерките од овој план ќе бидат поддржани од градските власти и ќе се бара мерливост на резултатите и отчетност во реализацијата.
За дел од мерките ќе бараме помош при финансирањето, а дел од мерките од овој план ќе се финансираат од пари на граѓаните и тие не смее веќе да се трошат како до сега, во проекти со сомнителен квалитет, без мерливи резултати и подготвувани од аматери.
Прашањето на чистиот воздух е прашање на нашето здравје. А нашето здравје и здравјето на нашите деца нема да им го довериме на оние кои својот успех го мерат само во бројот на лајкови кои ловат во матното поле на паниката која ја создаваат кај граѓаните, туку во мерливи резултати.
Прашањата поврзани со квалитетот на воздухот ќе ги решаваме со вклученост на вистински стручњаци, затоа што се работи за здравјето на нашите деца, а не на кариерата на некој опозициски советник.
Светските примери на градови кои влегле во борбата со аерозагадувањето и успешно се борат, покажуваат дека посветената борба трае долги години и не започнува со ПР акции на денот кога воздухот е најзагаден, туку со систематски поставен План за управување со квалитетот на воздухот и имплементација на неговите мерки.
Македонија
Сиљановска Давкова: Турската заедница има значаен придонес во сите сфери на општествениот развој на државата
Уште од формирањето на македонската држава е не само гарантирано, туку и практично овозможено правото на образование на турски јазик, како неразделно од етничкиот и културниот идентитет на Турците, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во обраќање на приемот, којшто по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, го организираше Сојузот на турски невладини организации во Македонија – МАТУСИТЕБ, со поддршка на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА.
Сиљановска Давкова истакна дека македонската држава отсекогаш ги препознавала различните идентитети, вклучително и турскиот, како вредност, сила и предност.
– Со обезбедување не само индивидуални, туку и колективни права коишто, денес, ги надминуваат стандардите на многу високоразвиени демократии, успеавме да изградиме демократски модел на соживот! Сепак, свесна сум дека во реалната/практичната примена на уставно утврденото право на образование на турски јазик постојат недорешени прашања и потешкотии, но и решеност и подготвеност за нивно надминување преку координирана, одговорна и ефикасна соработка меѓу локалната самоуправа и централните институции, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Нашите сограѓани од турско потекло овде, како и лицата од македонско потекло коишто живеат во Република Турција, наведе претседателката, се најцврстата човечка врска меѓу нас и пријателската Република Турција.
– Вие сте најсилната алка на македонско-турските односи. Верувам дека во периодот што следи, заедно со претседателот на Република Турција, господинот Реџеп Таип Ердоган, ќе продолжиме да ги продлабочуваме овие односи во духот на пријателството и на меѓусебната почит, подвлече претседелката Сиљановска Давкова.
Таа посочи дека празниците како овој не се само повод за радост и свеченост, туку и моменти кога повторно се потсетуваме на нашите обврски кон општеството и државата во којашто живееме.

– Основачот на модерна Турција и син на македонската држава, големиот Мустафа Кемал Ататурк, мудро рекол: „Татковината најмногу ја сака оној што најдобро ја извршува својата должност“. Водејќи се од оваа максима, нашата заедничка должност е јасна: каде и да се наоѓаме, што и да работиме, да ја извршуваме својата задача чесно, посветено и одговорно. Само така ќе придонесеме за нејзиниот развој и за нејзиното заслужено место меѓу европските држави, порача претседателката.
Според Сиљановска Давкова, наставниците се особено заслужни за едукацијата на турски јазик на бројни генерации ученици, воспитувајќи ги во духот на соживот и одговорност за заедничкиот живот во мултикултурното македонско општество.
Претседателката во обраќањето истакна дека припадниците на турската заедница имаат значаен придонес во сите сфери на општествениот развој на државата, почнувајќи од образованието и културата, до спортот и политиката.
Ја нагласи и важноста на интензивната турско-македонска меѓудржавна соработка и се заблагодари за континуираната турска финансиска подршка, особено преку ТИКА, со чие разбирање и помош се реновираа важни верски објекти, се подобрија здравствените капацитети, се модернизираа научните и образовни инстититуции, се подржааа земјоделските иновации.
За Сиљановска Давкова, сограѓаните од турска припадност, како и турските граѓани од македонско потекло во Република Турција, се најцврстата врска меѓу нас и Република Турција, што мора да се негува и зацврстува.

На настанот се обратија и: Фатих Улусој, турски амбасадор во земјава, Мустафа Шентоп, поранешен претседател на Големото национално собрание на Република Турција, како и организаторот на настанот, Тахсин Ибрахим, претседател на МАТУСИТЕБ, на кои, вклучувајќи ја и претседателката, им беа доделени признанија за истакнатата улога во градењето и зацврстувањето на турско-македонското пријателство.
– Доделените награди на најуспешните ученици на натпреварите во поезија, проза и цртање на Денот на наставата на турски јазик ја потенцираа важноста на знаењето, креативноста, стручноста и компетентноста, без коишто нема прогрес на заедницата, ниту европеизација на државата!, информира Кабинетот на претседателката.
Македонија
Грипот се шири брзо, раст од над 31 проценти за една недела
Во периодот од 8 до 14 декември, во Република Северна Македонија се пријавени 126 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 31,3% во споредба со претходната недела, покажуваат најновите податоци од здравствените власти.
Најмногу заболени се регистрирани во Тетово (30 случаи) и Куманово (20), а веднаш потоа следи Македонски Брод (18). Во Скопје се пријавени 15 случаи. Иако по број на пријави не е прв, Македонски Брод има највисока инциденца – 178,0 заболени на 100.000 жители.
Според старосната распределба, најзасегната е групата 15–64 години со 97 случаи. Кај лицата над 65 години регистрирани се 16 случаи, додека кај децата бројките се пониски: 7 случаи кај групата 5–14 години и 6 случаи кај 0–4 години.
Во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) биле тестирани 24 материјали, при што се детектирани 4 позитивни случаи на грип: три Influenza A(H3) и еден Influenza A(H1)pdm09. Дополнително, регистриран е и еден случај на RSV тип B, додека SARS-CoV-2 не е детектиран.
Кумулативно, од почетокот на сезоната 2025/2026, регистрирани се 998 случаи на грип/заболувања слични на грип, што е зголемување од 51,2% во однос на истиот период минатата сезона.
Најголем број пријави има во Гостивар (244) и Куманово (241), а Македонски Брод повторно се издвојува со највисока инциденца – 583,5 на 100.000 жители.
Вакцинацијата против грип останува најсигурна заштита, посочуваат здравствените власти. За сезоната 2025/2026 обезбедени се 80.000 бесплатни четиривалентни вакцини за ризичните групи:
-
лица над 65 години,
-
деца од 6 до 59 месеци,
-
лица со хронични болести,
-
бремени жени,
-
здравствени работници.
Според досегашните податоци, вакцинирани се 78.730 лица (со бесплатни или комерцијални вакцини).
Епидемиолошкиот надзор покажува дека грипот сè уште има спорадична активност низ земјата, а процентот на позитивност е под 10%, што укажува дека сезоната не е во полн интензитет. Сепак, бројот на пријавени случаи постојано расте, па се апелира на зголемено внимание, особено кај ризичните групи.
Министерството за здравство и ИЈЗ препорачуваат:
-
често миење раце,
-
избегнување големи гужви,
-
топло облекување, доволен одмор и внес на течности/витамини,
-
доколку се разболите: останете дома, избегнувајте блиски контакти, покривајте нос и уста при кашлање/кивање и користете заштитна маска при контакт со блиски.

