Регион
(Видео) Костадинов од Бугарија нападнал автомобил мислејќи дека во него е Урсула фон дер Лајен

Во неделата, додека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, престојуваше во посета на фабриката за оружје во бугарскиот град Сопот, лидерот на националистичката партија „Преродба“, Костадин Костадинов, бил снимен како блокира влез на автомобилот за кој демонстрантите верувале дека се наоѓа таа внатре.
Според извештаите, Костадинов, кој претходно повикувал Бугарија да излезе од НАТО, организирал демонстрации со друга националистичка партија пред фабриката „Вазов“, противејќи се на европскиот пат на Бугарија и барајќи заштита на националниот суверенитет.
На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа како демонстрантите со бугарски и руски знамиња го опкружуваат автомобилот, кој потоа почнува да се движи, но е неколку пати удрен со транспарент. Костадинов се расправа со полицијата, додека демонстрантите продолжуваат да го блокираат возилото со повици „нацисти“ и свирежи.
Не е јасно дали претседателката била во автомобилот за време на инцидентот. Костадинов подоцна тврдел дека фон дер Лајен во фабриката во Сопот пристигнала со хеликоптер, а не со автомобил.
Партијата „Преродба“ редовно организира протести против ЕУ и бара Бугарија да излезе од Унијата, а нејзините приврзаници претходно ја вандализирале и делегацијата на ЕУ во Софија, фрлајќи црвена боја и обидувајќи се да запалат врати, пренесе „Б92“.
Претходно беше објавено и дека авионот во кој претседателката на Европската комисија леташе за Бугарија остана без ГСП-навигација и мораше да слета со помош на хартиени мапи. Тројца службеници запознаени со инцидентот изјавија за „Фајненшл тајмс“ дека се сомневаат во руско попречување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Хрватска урива стотина дивоградби покрај брегот

Во наредните три недели на плажата Зрќе во Новалија ќе бидат урнати 124 бесправно изградени објекти, соопшти Државниот инспекторат на Хрватска, пренесе „Јутарњи“. Од нив, 119 се наоѓаат во камп, а пет се угостителски објекти изградени без дозвола надвор од градежната зона.
Инспекторатот соопшти дека отстранувањето ќе се врши на трошок на сопствениците и е проценето на околу 720 илјади евра. Акции за уривање на нелегални градби ќе има и во други делови oд Хрватска.
Од 2019 година досега во таа земја се отстранети повеќе од 2300 нелегални градби, спроведени се повеќе од 42 илјади инспекциски надзори, поднесени се 334 кривични пријави, а изречените парични казни достигнуваат 16,5 милиони евра, соопшти Инспекторатот.
Регион
Бугарија може да му дозволи на Путин да прелета над земјата за да се сретне со Трамп во Будимпешта

Авионот што го превезува рускиот претседател Владимир Путин би можел да добие права за прелет над Бугарија, за да може рускиот лидер да присуствува на состанок со американскиот претседател Доналд Трамп во Будимпешта, според министерот за надворешни работи Георгиев, објави државното радио.
„Доколку има напори за постигнување мир, ако тоа е услов за одржување на состанок, тогаш најлогично е да се овозможи состанок од ваков тип на изводлив начин“, рече Георгиев, според извештајот.
Георгиев зборуваше на маргините од состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург. Една можна воздушна рута од Москва до Будимпешта ги опфаќа Црното Море, Бугарија и Србија, но бугарскиот воздушен простор е затворен за руски авиони од инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
Други рути се протегаат на север, низ Белорусија и Полска или преку Балтичкото Море, Германија и Чешка. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио, кои се задолжени за подготовка на самитот Путин-Трамп, разговараа во понеделник, објави руското Министерство за надворешни работи.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде потерница по Путин, а Унгарија е во процес на повлекување од таа меѓународна институција.
Москва го отфрла обвинението на МКС и ја прогласува потерницата по Путин за доказ за непријателството на Западот кон Русија.
Регион
(Фото) Тело на новороденче пронајдено во Нови Сад, мајката веднаш уапсена

Утрово, во Нови Сад, е пронајдено безживотно тело на новороденче, а кратко потоа е уапсена жена за која се сомнева дека е мајката на детето, пренесува „Нова.рс3.
Жената е затекната само на 50 метри од местото на кое е пронајдено телото, во влез од зграда, по што полицијата веднаш ја привела.
View this post on Instagram
Полицијата го блокирала просторот каде што е пронајдено детето. Во тек е истрага за утврдување на сите околности на овој трагичен случај.
Повеќе детали ќе бидат познати по завршувањето на истрагата.
фото: принтскрин