Македонија
Родители протестираат за бесплатен превоз за средношколците наместо поскапо сместување во дом, МОН смета дека решениeто е во интерес на учениците
Законското решение кое го регулира превозот на учениците е ново, заеднички изработено со сите засегнати чинители и претставува одговор на детектираните предизвици во минатото, велат од Министерството за образование и наука, по протестот на родителите од Демир Хисар, кои бараат бесплатен превоз за учениците од стручните училишта во Битола, и се чувствуваат уценети со престојот во ученичкиот дом.
„До лани реакциите беа дека учениците кои се запишани во средните училишта надвор од нивното место на живеење, губат многу време во патување, а со тоа и губат време за настава и учење. Поради превозот, односно утврдени термини за тргнување и заминување од училиште го пропуштаа почетокот на наставата или последните часови. Сега со новиот закон се надминува овој проблем, им се овозможува на учениците да бидат сместени во ученички домови и да имаат доволно време за тоа што им е основна обврска – учењето и совладувањето на наставната материја“, велат од Министерството во одговор за „Макфакс“, уверувајќи дека основа на решението се најдобрите интереси на учениците.
„Макфакс“ го праша МОН и дали има проценка колку семејства со повеќе деца ќе бидат директно погодени од оваа измена и дали е предвидена финансиска поддршка за нив, како и кои алтернативи им се нудат на учениците кои не сакаат да престојуваат во дом, а мораат да патуваат до училиште во друг град. Засега не се знае дали Министерството ќе ја преиспита оваа одлука, со оглед на тоа што, како што раскажуваат родителите, при уписот поднеле и изјава дека детето е со превоз, без да бидат запознаени со измените на Законот.
За семејствата во овој крај од Македонија почетокот на школската година почна со протести. Порачаа дека со измените се ускратува правото на нивните деца на избор и бесплатен превоз.
Реагираат и на критериумите за прием во ученичкиот дом. Велат дека првично не биле примени ученици од пооддалечени општини, како Росоман, Демир Капија и Неготино, иако токму оддалеченоста би требало да биде најважен услов. „Подоцна, кога некои од нашите деца ќе се откажат од престој, тие по дифолт ги примаат оние што претходно биле одбиени. А нам, кои не сакаме децата да седат во дом, ни го укинуваат правото на бесплатен превоз,“ се пожалија родителите пред почетокот на школкската година во дописот до медиумите.
Според нив, со оваа одлука државата наместо да обезбеди еднаков пристап, наметнува дополнителни трошоци.
На вчерашниот протест најавија дека и во наредните денови ќе продолжат со протести и блокади на патот кон Битола, а ги охрабруваат и родителите од другите градови да им се приклучат за заедно да го изразат револтот и да се изборат за правата на децата.
Според оваа измена, учениците кои се запишани во средните училишта во Битола мора најпрвин да аплицираат за место во ученички дом. Во моментов, околу 100 ученици од Демир Хисар учат во Битола, а родителите предупредуваат дека со измените на Законот им се скратува правото на децата да изберат струка која ја нема во нивниот град – како медицинска, економска или техничка. Во Демир Хисар има само едно средно училиште, и тоа со два смерови општа гимназија и компјутерска автоматика. Измените ги засегаат и учениците од селата и градовите од регионот, меѓу кои Ресен, Крушево, Могила, Новаци и други.
„Макфакс“ претходно денес испрати прашања и до Општина Демир Хисар, меѓу кои и тоа дали дали Општината може да обезбеди привремена поддршка за учениците (субвенција за превоз, посебна линија) додека не се најде трајно решение, но до моментот на објавувањето на овој текст, не е пристигнат одговор.
Од Општина Битола велат дека ја следат состојбата со учениците и постапуваат согласно член 41а од Законот за средно образование.
(Обновено)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

