Забава
(Фото) Џорџо Армани никогаш не зборуваше за љубовта, но ги помина последните моменти со него

Легендарниот моден дизајнер Џорџо Армани почина на 91-годишна возраст, а неговиот животен партнер, Лео дел Орко, беше покрај него до самиот крај.
Веста за смртта на Џорџо Армани ја потврди неговата компанија наведувајќи во објава на социјалните мрежи дека Армани „починал мирно, опкружен со своите најблиски“.
Тој цело време бил придружуван од својот партнер Лео дел Орко.
Како почна приказната со Лео?
Армани и Дел Орко се запознале случајно во еден парк во Милано во 70-тите. Дел Орко го шетал кучето на пријател, кое си играло со кучето на Армани. Во тоа време Дел Орко, тогаш 24-годишен, работел како извршен директор за рекламирање, но набргу почнал кариера како индустриски дизајнер, а потоа и како модел за компании со кои Армани соработувал.
Десна рака и клучна поддршка по загубата
Дел Орко ѝ се приклучил на компанијата на Армани во 1977 година, само две години по нејзиното основање. Тој станал клучна фигура, особено откога на Серхио Галеоти, партнер и соработник на Армани во тоа време, му била дијагностицирана СИДА во 1984 година. По смртта на Галеоти една година подоцна, Дел Орко станал најголем поддржувач на Армани, и лично и професионално.
„По смртта на Серхио, тој беше најблиската личност до мене“, изјави Армани за Си-ен-ен во 2022 година. „Тој ми даде неверојатна психолошка, практична и деловна поддршка. Првин Серхио, потоа Лео“.
Со текот на годините Дел Орко беше опишан како десна рака на Армани, а денес тој ја води канцеларијата за машки стил и ги надгледува машките колекции за сите брендови на куќата, вклучувајќи ги „Џорџо Армани“, „Емпорио Армани“ и „Армани ексчејнџ“.
Тој ја покажа својата лојалност и во јуни оваа година кога Армани ја пропушти ревијата за машка облека првпат по 50 години поради болест. Дел Орко го замени и ги увери новинарите по ревијата дека дизајнерот го гледал емитувањето и дека му се допаднала.
Партнерство за цел живот
Иако деталите од нивната романса најчесто ги чувале за себе, Дел Орко ја опишал нивната врска како доживотно партнерство. Самиот Армани потврди во интервју за „Кориере дела сера“ во 2024 година колку многу му значел Лео. Во таа пригода тој покажал дијамантски прстен на левата рака, подарок од Дел Орко.
Кога го прашале за љубовта, дизајнерот признал дека, генерално, бил рамнодушен кон неа, но ги нагласил силните чувства што ги имал кон Дел Орко за кој рекол дека живеел со него со години и дека му била најблиската личност.
Иднината на брендот „Армани“
Пред смртта Армани често зборувал за плановите за наследување, иако никогаш јавно не именувал наследник. Заедно со Дел Орко, кој раководи со машката мода, внуката на Армани, Силвана Армани, која е задолжена за женската колекција, е исто така клучна фигура во компанијата.
„Ја подготвувам мојата иднина со луѓето околу мене“, изјави тој за „Асошиејтед прес“ во 2021 година. Во едно од последните интервјуа, објавено во „Фајненшл тајмс“ кон крајот на август, тој беше уште поконкретен.
„Моите планови за наследување се состојат од постепено префрлање на одговорностите што отсекогаш сум ги извршувал на оние што се најблиски до мене, како што се Лео Дел Орко, членовите на моето семејство и целиот работен тим“.
Тој заклучи велејќи: „Би сакал наследувањето да биде органско, а не момент на прекин“.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Руската вакцина против рак може да го промени животот на милиони пациенти

Русија го заокружи развојот на својата вакцина против рак, која успешно ги помина претклиничките испитувања и е подготвена за клиничка употреба по добивањето на лиценца, објави Вероника Скворцова, раководителка на Федералната медицинска биолошка агенција (ФМБА).
„Кон крајот на летото 2025 година поднесовме документи до Министерството за здравство за добивање лиценца за клиничка употреба. Истражувањето траеше неколку години, а последните три години беа посветени на претклинички студии. Вакцината е подготвена, чекаме лиценца“, изјави Скворцова.
Истражувањата покажале дека вакцината е безбедна за повеќекратна употреба и ефикасна во намалувањето на големината на туморите и забавувањето на нивниот раст. Дополнително, резултатите укажуваат на продолжено преживување на пациентите.
„Прво ќе ја применуваме кај пациенти со колоректален карцином. Истовремено, во последната фаза од развој се вакцини за глиобластом – малигнен мозочен тумор, и одредени видови меланом, вклучувајќи и очни мембрани. Овие болести се многу агресивни и потребни се брзи решенија“, додаде Скворцова.
Таа потсети дека во ноември 2024 година најавила дека ФМБА планира персонализиран третман со вакцина против рак за пациенти од 2025 година, во присуство на претседателот на Русија.
Забава
Две причини зошто треба да го оставите детето да оди босо

Многу родители се плашат да го пуштат своето дете да оди босо поради можни повреди или бактерии, но мало дете има многу придобивки од одењето босо – од зајакнување на стапалата и нозете до развивање чувство за рамнотежа.
Двете најчести причини зошто родителите не им дозволуваат на своите деца да трчаат боси се стравот од повреда од стапнување на остар предмет и избегнување кожни заболувања што може да ги добијат.
Сепак, мали се шансите такво нешто да се случи на површините за играње бидејќи тие се транспарентни и лесно се забележуваат опасни предмети. Исто така, оние што често одат боси развиваат зголемена свест за тоа каде стапнуваат, а нивните стапала се стврднуваат и создаваат природна заштита.
Исто е и со бактериите. Нашата кожа е во состојба да ги држи подалеку. Рацете се многу повалкани бидејќи ги користиме за да зграбиме сè и сешто, а децата редовно ги ставаат во уста.
Всушност, чевлите се соодветна средина за раст на бактерии и габи бидејќи тие создаваат темна, топла и влажна средина, каде што најлесно е бактериите да растат на детските стапала.
Кевин Гири, наставник, гуру за родители и автор на блогот „Револуционерен родител“, верува дека обувките се лоши за децата бидејќи ги уништуваат стапалата и го попречуваат природниот развој на движењето кај децата. Поради ова, вели тој, децата се поподложни на повреди на нозете и на стапалата.
Тој истакнува дека одењето боси ги зајакнува стапалата и долниот дел од нозете правејќи го детето повешто и посвесно за положбата на своето тело. Стапалата имаат повеќе од 200.000 нервни завршоци, што е најголема густина на мрежата на нерви во целото тело, токму за да бидеме побезбедни и подобро да се приспособиме на земјата под нас.
„Најлесниот начин да се развие чувство за рамнотежа кај бебињата е да им дозволите да одат боси колку што е можно повеќе“, вели педијатарот д-р Кејси Флегал.
„Друга придобивка е зајакнувањето на свеста за околината во која се движат бидејќи босите нозе испраќаат информации до мозокот, што ја подобруваат рамнотежата“, додава таа.
Децата што често се боси учат да се движат подобро. Четири милиони години нашите стапала се развивале без чевли, а нивното затворање во чевли и патики сигурно не е добар начин природните процеси на развој на одењето да се одвиваат како што е предвидено со еволуцијата.
На крајот на краиштата, не е сè ни во медицинските причини. Одењето со боси нозе значи давање задоволство на сетилата, што најдобро го чувствуваат малите деца за кои ова е секогаш радост. Помислете на тоа прекрасно чувство кога одите боси по песок или трева или во плитките води…
Фото: ЕПА
Забава
Избрана бојата за 2026 година во уредувањето: носи мир, удобност и безвременски стил

„Валспар“, еден од најпознатите и трендовски производители на бои, ја објави бојата на годината за 2026.
Инспирирана од носталгијата и природата, таа е дизајнирана да донесе мир, удобност и безвременски стил во секој простор.
Дизајнерите предвидуваат дека ќе доминира во домовите и на социјалните мрежи во следните 12 месеци.
View this post on Instagram
По анализата на тони податоци што го земаат предвид однесувањето на потрошувачите и трендовите во декорирањето, открија дека победничката е топлата боја на евкалиптус, мека зелена.
Во соопштение за медиумите брендот сподели дека топлиот евкалиптус одразува колективна желба за смирен, приземјен дизајн, што се приспособува на брзото темпо на живеење во станбениот и во комерцијалниот дизајн.
„Топлиот евкалиптус е повеќе од само прекрасна нијанса на зелена боја, тој е одраз на удобноста по која копнееме во нашите домови“, вели Су Ким, директорка за маркетинг во боја во „Валспар“, за „Рил симпл“.
„Неговите топли нијанси создаваат приземјено, пријатно расположение и црпат инспирација од природата и од познатоста на ретро дизајнот – ова е боја што поттикнува обнова и отпорност“.
„Буквално ве опкружува каде и да живеете и е релевантна и позната. Ни треба стабилност и ни треба релаксација. А носталгијата е во тренд веќе некое време – се осврнуваме наназад за да планираме за иднината. Сакавме да ги истакнеме оние работи што ги опфаќаат спомените и вашиот дел од тоа наследство што се пренесува во вашето семејство. Самата боја навистина ја слави таа носталгична нота“.