Македонија
Гаши по повод 8. Септември: Имаше моменти кога дури и соживотот беше изложен на искушенија и успеавме, заедно знаевме да освојуваме и победи

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се обрати пред пратениците, претставници на владиниот кабинет, дипломатскиот кор и јавноста по повод 8 Септември – Денот на независноста, честитајќи ја 34-годишнината од независноста на Македонија.
Во својот говор, Гаши истакна дека независноста е темелот врз кој треба да се гради демократски и стабилен заеднички дом, со почитување на различностите, справување со корупцијата, зајакнување на правната држава и меритократијата, како и зголемување на благосостојбата на граѓаните.
„Кога зборуваме за независноста на државата, природно ни изгледа како да ја допираме историјата, а сите добро знаеме дека историјата на нашата држава не беше ниту лесна ниту многу пријатна. Имаше моменти кога дури и соживотот беше изложен на искушенија и успеавме, но имаше и моменти кога заедно знаевме да освојуваме победи. А денес, пред сè, се радуваме бидејќи овој ден нè наоѓа обединети во мир“, порача Гаши.
Нагласи дека Северна Македонија денес е пример на сплотеност меѓу различните народи, стабилен сојузник на НАТО и достоен кандидат за полноправно членство во Европската Унија. Главната порака што ја упати до граѓаните е суштинската сплотеност – да се гради заедништво преку почитување на различностите, наместо поделби.
„Независноста не е подарок – таа е завет од минатото, обврска за сегашноста и патоказ за иднината. Таа е завет оваа земја да биде наш заеднички дом, татковина на сите нејзини луѓе без поделби и без исклучоци“, рече Гаши, повикувајќи на создавање на заедничка иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Карпош, Бутел и Аеродром

Без струја денеска ќе останат делови од Карпош, Бутел, Студеничани и Аеродром.
ЕВН Македонија АД извести дека на ден 21.10.2025 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Ловќенска лоцирани околу бр. 14, како и корисниците од бул. Партизански Одреди лоцирани околу автобуската станица кај хотел Карпош. ( општина Карпош )
– во периодот од 08.30 до 16.00 часот, корисниците од областа Мала Река, Алдинци, Караџица и Солунска Глава (општина Студеничани)
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците ул. Стар Качанички Пат и дел од нов Качанички Пат.(општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од дел ос С.Долно Лисиче. (општина Аеродром)
Македонија
Облачно време со сончеви периоди, температурата до 18 степени

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во крајните јужни и источните делови ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди и со слаб до умерен јужен ветер. Во среда ќе има локални врнежи од дожд, а од четврток дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Мицкоски во дводневна посета на Лондон на Самитот за Западен Балкан

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со владина делегација ќе присуствува на Самитот за Западен Балкан, кој оваа година се одржува во Лондон, Велика Британија.
Од Владата соопштија дека Мицкоски, заедно со вицепремиерот Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, како и министерот за евроинтеграција Орхан Муртезани ќе учествуваат на голем број состаноци во состав на Берлинскиот процес.
„На маргините на самитот, а и во рамки на посетата на Обединетото Кралство, предвидени се голем број на билатерални средби, за што навремено ќе ја информираме јавноста. При посетата на Обединетото Кралство, владината делегација ќе оствари повеќе економски работни средби кои ќе преставуваат економски исчекор за меѓусебната соработка“, велат од Владата.