Македонија
(Видео) Османи со порака по повод 8 Септември: „Да си дадеме збор, нема враќање назад, иднината е Европа!“
Актуелниот кандидат за градоначалник на Чаир и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, утрово со видео порака им го честиташе 8 Септември, Денот на независноста на граѓаните на Република Северна Македонија.
Во своето обраќање Османи потсети на визијата, храброста и истрајноста на генерациите кои ја трасираа патеката кон независна и слободна држава, нагласувајќи дека денешната генерација има должност да ја продолжи таа борба со уште поголема одлучност.
„Нашата држава помина низ многу искушенија, но секогаш кога иднината изгледаше неизвесна, граѓаните избираа достоинство, демократија и европска иднина“, порача Османи.
Тој подвлече дека во овие историски моменти на државата ѝ е потребно повеќе единство од кога било, јасна насока и политичка одлучност:
„Ова не е време за поделби, ова е време за сплотеност и градење мостови. Нашата насока е Европа, а тоа е последниот чекор кој ќе ни гарантира безбедна, развиена и просперитетна држава“.
Османи потсети дека како дипломат и политичар бил дел од клучните процеси на евроатлантската интеграција, но најмногу како човек кој верува во заедничка иднина.
„На овој ден да си дадеме збор: нема да дозволиме никој да не врати назад. Ќе продолжиме напред, со гордост, со разум и со волја, за подобра држава за сите граѓани“, порача Османи во своето обраќање.
На крајот, тој им го честиташе празникот на сите граѓани со силна порака на единство, надеж и посветеност на европската иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски со предупредување до граѓаните, ќе се казнува секој што ќе фрла отпад
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека акцијата за чистење „72 часа“ се одвива одлично, со цел градот да изгледа „чисто, како што му доликува“.
Ѓорѓиевски рече дека во акцијата вклучени се повеќе од 2.500 луѓе и над 100 возила.
Градоначалникот упати апел до граѓаните за одговорно однесување, предупредувајќи дека несовесното одложување на отпад нема да се толерира.
„Досега напишани се десетици казни на неколку правни субјекти, а оваа пракса ќе продолжи за секој оној кој го загрозува нашето здравје. Да го чуваме Скопје,“ порача Ѓорѓиевски.
Македонија
Почнува откупот на тутунот
Привршуваат подготовките за стартот на откупот на тутунот, кој законски почнува од 15 ноември и трае до 28 февруари наредната година.
Според Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија, останува 10-те откупувачи кои треба да преземат околу 22 000 тони тутун да ги верификуваат мострите, да ги истакнат на 17 ноември, и од 18 ноември да ги отворат вратите на откупните пунктови во земјава.
„Од понеделник почнуваат да се верификуваат мосттрите тутун во Институтот за тутун во Прилеп. Тоа ќе трае до петок, 14 ноември. Од понеделник, 17 ноември, откупните компании ќе може да ги подигнат и на 18 ноември може да ги отворат пунктовите. Ние како Сојуз сме подготвени да почне откупот на тутунот. Имаме капацитет, односно повереници, за да ги покриеме сите ваги, а годинава во земјава се 337 откупни ваги што е најмногу досега, така што се очекува тутунот да се купи што побрзо и со добар квалитет“, изјави Ристески.
Сојузот сѐ уште преговара за повисоки цени, но Ристески смета дека тутунот ќе биде подобро платен од лани.
„Со компаниите преговараме, но може да тврдам дека поради високиот квалитет на тутунот ќе биде подобро платен од ланската реколта“, смета Ристески.
Поради сушата родот е намален. Откупувачите очекуваа 26 000 тони, но реколтата може да тежи најмногу до 22 000 тони, сметаат од Сојузот.
Јусуф Ибраими, тутунопроизводител од долненското село Житоше со нетрпение чека да почне откупот на тутунот. Има околу 3,5 тони квалитетен род кој, се надева, ќе постигне повисока цена, иако сушата ги намали приносите.
„Иако ги зголемивме површините годинава, сушата во летото го зеде данокот. Малку се подобри ситуацијата, за 10-ина проценти, со дождовите во септември и родот ми е околу 3,5 тони. Очекувам да постигнам повисока цена од ланската“, рече Ибраими.
Со неодамнешните измени во Законот за тутун, се забранува увоз на тутун во текот на откупната кампања, од 15 ноември до 28 февруари.
Македонија
Таткото на едно од девојчињата загинати со „Пулс“ објави видео од нејзиното последно излегување од дома
Александар Наунов, таткото на трагично загинатата Надица, една од 63-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сподели видео од нејзиното последно заминување од дома — момент кој, како што напиша, засекогаш му го променил животот.
„Последното затворање на вратата
Тоа беше обично затворање на врата…
Но за мене – тоа беше последниот здив на мојот свет.
Моето дете, мојата Надица, ја затвори вратата со насмевка,
а јас не знаев дека зад неа ќе остане нејзиниот живот,
заробен во пламен, во неправда, во тишина што нема крај.
Наместо да ја чекам со внуци во прегратка,
јас ја чекам во соништата – таму каде што не гори.
Наместо нејзиниот глас, слушам ехо од болка,
наместо чекори по ходникот – тишина што ме гуши.
Помина време, но не и мојата болка.
Надица, ти остана вечна во моето срце,
во секоја свеќа што ја палам, во секоја солза што не престанува.
Твоето име ми е молитва, твојот лик – вечна светлина.
И додека светот заборава, јас ќе живеам за да те паметам“, напиша Наунов.
Потресната порака на таткото ја проследи со видеоснимка направена неколку часа пред трагедијата, на која неговата ќерка се гледа како заминува од домот со насмевка.

