Македонија
Николоски: Од заборавени проекти денеска имаме автопати по кои граѓаните возат
Имаме одлично силна градежна активност насекаде низ државата. Го пуштивме во сообраќај и вториот дел од автопатот Кичево-Охрид, во должина од 17 км на потегот од Климештани до Охрид, со силна динамика работиме и на изградба на автопатите од Тетово до Гостивар и од Гостивар до Букојчани. Очекувам првиот дел од автопатот од Прилеп до Битола да го пуштиме во сообраќај веќе следната година, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој потенцира дека од заборавен и целосно напуштен проект, со изборот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, изградбата на автопатот од Охрид до Кичево се одвива со силна динамика и резултатите се видливи каде за два месеци се пуштени 34 километри за сообраќај.
„Ние решивме да го изградиме и еве за помалку од два месеци втора делница од автопатот пуштаме. Во јули месец ја пуштивме делницата од Врбјани до Ботун во должина од 20 километри од кои 17 активно се користат. Сега го пуштивме делот од Климештани до Охрид и со поврзувањето до аеродромот Св.Апостол Павле и исклучокот за Струга во должина од 17 км, веќе 34 км на автопатот се користат. Останатите 22 км очекуваме сукцесивно да ги пуштаме од месец октомври до крајот на следната година. За разлика од сега, минатата година се соочивме со проект кој што не постоеше, практично немаше проект“, изјави вицепремиеорт Николоски.

Во делот на автопатите Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, вицепремиерот потенцираше дека проектите се реализираат со планираната динамика. Како што најави очекува почетокот на 2029 година да има целосно автопатско и експресно поврзување од ГП Деве Баир до ГП Ќафасан.
„Обиколница на Крива Паланка ја почнавме, од Крива Паланка до Страцин веќе имаме експресен пат, во моментов со ЕУ преку “Планот за раст” работиме од Страцин до Куманово исто така на експресен пат. Таму експропријацијата е завршена, сега треба со ЕУ да се договориме за процесот на избор на Изведувач. Од Куманово до Скопје има автопат, има и Обиколница на Скопје која не е во добра состојба, следната година целосно ќе ја реконструираме. Скопје -Тетово веќе постои автопат, Тетово -Гостивар се гради, Гостивар -Букојчани се гради, Букојчани до Кичево до 30 септември очекуваме понуди, Кичево – Охрид го работиме, така што воопшто не е нереално да очекуваме крај на 2028, почетокот на 2029 година од ГП Деве Баир до ГП Ќафасан да имаме автопатско односно експресно решение“, изјави вицепремиерот Николоски.
Оптимизам гледа и во изградба на автопатот од Прилеп до Битола, каде најави дека првите 11 км се очекува да бидат пуштени во сообраќај следната година, односно до втората половина на 2027 година целосно да биде завршен тој автопат.
Во однос на автопатот Скопје – Блаце исто така најави дека оваа есен ќе се избере Изведувач заедно со Европската банка за обнова и развој со што ќе започне изградбата и на овој автопат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.
Македонија
Штетите од поплавите сѐ уште се санираат, ЦУК објави најнови информации
Центарот за управување со кризи објави најнови податоци за состојбата по обилните врнежи од дожд.
Пелагониски регион
Битола
Во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја.
Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река.
Во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање.
Ресен
Ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана.
Крушево
ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река.
Демир Хисар
Надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост.
Долнени
Градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Југозападен регион
Охрид
ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми.
Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Скопски регион
Скопје – Зелениково
Општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Полошки регион
Тетово / Желино
СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Источен регион
Кочани
ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци.
Кратово
Општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Југоисточен регион
Струмица
Нема интервенции – состојбата е стабилна.
Североисточен регион
Куманово и регион
ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата.
Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.
Македонија
СДСМ: ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски?
ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски? Сателит-партијата на ВМРО експресно се јавува да го брани шефот Мицкоски, реагираат од СДСМ, на соопштението на Движењето ЗНАМ.
„По предавството на Македонија со потпишување и изгласување на Резолуцијата што личеше на Хитлеров Декрет, сега имаат уште една задача, да ја укинат последната линија на одбрана на демократијата, техничката влада. Само за уште неколку тендери. Малку им се тендерите во Пошта вредни 1,2 милиони евра за нивниот советник од Кисела Вода. Им треба уште. Затоа партнерот на тендерската коалиција, ЗНАМ, најавува историски трансфер – во тендер-лигата. Квислингот Деспотовски ли им се приклучува на останатите предавници? Очигледно, и нему треба да му се намести некој тендер, да му се плати координираното делување со Геро. Идеално е сите да се соберат на едно место, за Обвинителството подоцна да нема потреба да ги брка поединечно. Како што рековме – време е житото да се одвои од плевелот. Но не само во СДСМ, туку на целата политичка сцена во Македонија. На крај, сите ќе одговарате“, пишува во реакцијата.

