Свет
(Видео) Десетина маскирани крадци провалија во златарница во Калифорнија
Надзорна камера го снимила моментот кога златарница во Калифорнија била ограбена од повеќе од десетина маскирани крадци. Инцидентот се случил во петок попладне во златарница во Сан Хозе, а на снимката се гледа како теренец удира во прозорец, по што следи група мажи со разни алатки кои влегуваат во продавницата, кршат витрини и го крадат пленот, објави Ен-би-си Њуз.
Сопственикот на продавницата, 88-годишен маж, бил повреден во грабежот и соборен на земја. Неговата внука изјавила за Ен-би-си дека тој претрпел посекотини од скршено стакло и дека лекарите во болницата откриле дека и тој доживеал мозочен удар.
My friend’s 88 year old uncle's San Jose Jewelry Store was robbed on Fri 9/5 at 2pm. They ran a truck through the store and then pushed him down. He was injured by broken glass and then had a stroke. @MattMahanSJ you’ve done a lot for SJ but still more criminals to be locked up. pic.twitter.com/5eSRaCVKo2
— Moore On The Street (@Chris_Moore4Sup) September 6, 2025
Иако бил пуштен на домашна нега во недела, неговото семејство се сомнева дека некогаш ќе се врати на работа.
Полицијата во Сан Хозе потврди дека грабежот се случил во 14:09 часот и дека најмалку едно лице било вооружено со пиштол. „Осомничените избегале од местото на настанот со неколку возила пред да пристигне полицијата“, се вели во соопштението. Детективите задолжени за грабежите ги повикаа сите што имаат какви било информации да ги контактираат.
Ова злосторство предизвика реакции од активисти и локални политичари кои предупредуваат на зголемување на ваквите инциденти, и покрај официјалната статистика што покажува општ пад на криминалот во земјата. Во неделата се одржа прес-конференција на која организаторите го повикаа гувернерот Гевин Њусом да инвестира повеќе пари во борбата против криминалот.
Од друга страна, најновите бројки од Министерството за правда на Калифорнија покажуваат дека бројот на грабежи минатата година е намален во споредба со претходната година, додека кражбите и другите криминални дела поврзани со имотот се на најниско ниво во последните девет години.
Во саботата, на социјалната мрежа Икс објавена е анализа во која се заклучува дека Сан Хозе и Лос Анџелес се најбезбедните големи градови во Соединетите Американски Држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.
Свет
Европските компании за работа се повеќе ангажираат лица од странство
Европските компании за извршување на своите деловни активности многу често делумно или целосно ангажираат надворешни лица или партнери лоцирани во странство, се наведува истражувањето насловено „Глобални вредносни синџири“.
Во него се посочува дека во периодот од 2021 до 2024 година ваквата пракса, позната како „аутсорсинг“, ја користеле 72,8 отсто од европските претпријатија, кои пренесувале некои од своите деловни функции на субјекти во други земји од Унијата, но и надвор од неа и тоа најмногу во Индија (18,6 проценти) и во Велика Британија (17,1 отсто).
Ангажирањето „аутосорсинг“, според истражувањето, се практикувало за извршување на најразлични задачи, од ракување со операции, па до производство на стоки, кои дотогаш традиционално ги вршеле вработените во самите компании.
Ова, според истражувањето, се прави за да се намалат трошоците на компаниите, да се подобри нивната ефикасност, но и да можат да се фокусираат на други задачи и обврски.
Како главна парична за практикувањето на „аутсорсингот“, компаниите опфатени со истражувањето ги навеле намалување на трошоците за работна сила и тоа 34,1 отсто од нив, по што следува намалување на останатите производни трошоци со 27,8 проценти и фокусирањето на нивната основна дејност со 20,3 отсто.
Кога станува збор за работните процеси што се пренесуваат на субјекти во странство, во 47,4 отсто случаи тоа се административните и управувачките функции, по што следуваат информатичко-комуникациските услуги со 28,7 проценти.
Компаниите опфатени со истражувањето во периодот на кој се однесува анализата ангажирале 52.853 работници во странство, поради што биле укинати 152.023 работни места во нивните матични држави или 0,22 проценти од нивниот вкупен број.
Над една третина од изгубените работни места или 53.577 биле во производниот сектор, по што следуваат 33.818 во административно-управната сфера.
Меѓутоа, изразено во проценти, стапката на загубени работни места е највисока во областа на информатичко-комуникациските услуги и тоа 0,46 отсто, пред секторот на истражување и развој со 0,37 проценти.
Во анализата се оценува дека иако станува збор за прилично мали бројки на загубени работните места, сепак на долг рок не би требало да се занемари нивниот кумулативен ефект.
Со истражувањето биле опфатени компании од 22 земји членки на ЕУ и од Норвешка.
Свет
Москва му одговори на Макрон: Разговори – да, но со љубезни и пристојни луѓе
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Владимир Путин е подготвен за разговори, но само со „љубезни и пристојни луѓе“, одговарајќи на изјавите на францускиот претседател за потребата од дијалог со Москва.
„Нашиот претседател повеќепати истакнуваше дека секогаш е отворен за контакт, но со разбирање дека тоа ќе бидат љубезни луѓе со одредено основно ниво на пристојност“, изјави Лавров, потсетувајќи на острите изјави на Емануел Макрон, кој претходно ја нарече Русија, а лично и Путин, „единствениот злосторник“ во сегашниот конфликт.
Лавров претходно изјави и дека лидерите на Европската Унија се однесуваат непристојно, обидувајќи се да им диктираат на Кина и Индија дали треба да одржуваат контакти со Русија. Тој нагласи дека Москва го почитува правото на сите држави самостојно да ги одредуваат своите партнери, што, како што рече, е целосно во согласност со принципите на суверена еднаквост од Повелбата на Обединетите нации.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека дошло време тој и европските лидери повторно да воспостават дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, пишува весникот „Фигаро“.
Фото: Depositphotos

