Македонија
Со 2,5 милиона денари интервентно ќе се заштитува „Македониумот“, а странски експерти ќе работат на трајна заштита
Споменикот „Македониум“ над Крушево до крајот на оваа година ќе биде итно заштитен од пропаѓање, а за в година Владата најави трајна заштита, на која ќе работат странски експерти. Портпаролката на Владата, Марија Митева, извести дека се преземени конкретни чекори за обнова на споменикот преку Министерство за култура и туризам во соработка со Заводот и Музеј Прилеп.
„За оваа година е обезбеден проект за интервентна заштита во вредност од 2,5 милиона денари, кој ќе биде реализиран до крајот на 2025 година. Паралелно на ова, Националната установа Завод и Музеј Прилеп работи на проект за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс. Овој проект ќе биде финализиран до средината на 2026 година по што Министерството за култура и туризам ќе ги утврди динамиката и планот за финансирање на целосната реконструкција. Би сакала да потенцирам дека ‘Македониумот’ е уникатен архитектонски и уметнички објект создаден од бетон, витражи и специфични материјали, што бараат врвна стручност. Затоа и дел од експертизата ќе ја обезбедиме од странство за да гарантираме дека ова културно наследство ќе биде трајно заштитено“, рече портпаролката Митева.
За сегашната лоша состојба во која се наоѓа споменикот Митева нагласи дека вината е во непостапувањето во изминатите години.
„Реконструкцијата на ‘Македониумот’ почна пред повеќе години и требаше да биде завршена во 2017 година. Со симнувањето на скелето од страна на претходната власт токму таа година процесот беше насилно прекинат и оставен без потребната заштита. Од тогаш до денес цели седум години не било преземено ништо за негово завршување и заштита. Тој застој, создаден во минатото, остави длабоки последици врз состојбата на овој значаен културен споменик. Важно е граѓаните да знаат дека денешната состојба не е резултат на негрижа од актуелната Влада, туку на долгогодишно одлагање и непостапување во изминатите години. Како и за многу други состојби што ги затекнавме при преземањето на власта, така и за оваа нема да бараме оправдувања, наша обврска е да го исправиме ова“, рече портпаролката Митева.
Споменикот е свечено откриен на 2 август 1974 година во Крушево по повод 71 година од Илинденското востание и 30-годишнината од АСНОМ 2. Изградбата траела четири години, односно од 1970 година до 1974 година, а автори на монументалниот комплекс се Јордан и Искра Грабулоски. Сместен на ридот Гумење, над Крушево, на надморска височина од 1.320 метри, „Македониумот“ претставува архитектонска и симболична целина, која го слави стремежот на македонскиот народ кон слобода, независност и културен идентитет. Во неговата внатрешност се наоѓа гробот на Никола Карев, а надворешноста е украсена со скулптури, витражи и амфитеатар со дела од Петар Мазев и Борко Лазески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на магистралниот пат Струмица – Дабиле
Од 04:20 часот сообраќајот на магистралниот пат Струмица – село Дабиле е нормализиран, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Министерката Јаневска ќе учествува на „Глобалниот конгрес за популација, здравје и човечки развој“ во Каиро
Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска од 12 до 15 ноември ќе учествува на „Глобален конгрес за популација, здравје и човечки развој“ што по трет пат се одржува во Каиро, под покровителство на Претседателот на Египет, Абдел Фатах Ел – Сиси.
Предвидено е учество на министерката Јаневска на повеќе панел дискусии посветени на човечкиот развој, развој и примена на иновации со фокус на вештачката интелигенција, а ќе биде и воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење.
За време на конгресот, Јаневска ќе оствари билатерална средба со египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, Мохамед Ајман Ашур.
Македонија
Неколку улици во Скопје денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка, општина Шуто Оризари.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека денеска поради уличен дефект од ф 1” на улицата Прашка бр.50, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците од улицата Прашка од 09:00 часот до завршување на санацијата на дефектот.

