Култура
Киро Урдин автор на плакатот за „Браќа Манаки“: уметноста е во нијансите, боите се униформа
Оваа година мултимедијалниот уметник Киро Урдин е автор на плакатот за 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
-Разговаравме со одговорните луѓе од ИФФК „Браќа Манаки“ кои ми посочија дека имаат намера оваа година да му дадат еден уметнички аспект на визуелното решение за најновото издание. Во договор со фестивалските челници, имавме две-три опции, се одлучија за ова дело. Станува збор за слика која половина е апстрактна, а половина е лик на една дама. Бојата е повеќе во сино, но сметам дека бојата не значи ништо. Имам напишано еден афоризам „Уметноста е во нијансите, боите се униформа“, раскажува Урдин.
Вели дека во неговото творештво секоја слика е различна.
-Така сликам, така и размислувам. Повторувањето е знак на немоќ. Бидејќи основен постулат на уметноста е креативноста, значи треба постојано да се создава нешто ново, нешто креативно. Уметноста некогаш е успешна, некогаш е просечна, а некогаш е неуспешна, но зависи и од тоа кој е уметникот и кој е гледачот, смета Урдин.
Посочува дека првите чекори на кинематографијата почнуваат во Франција со браќата Лумиер.
-Постои една духовна паралела меѓу нив и браќата Манаки, но и меѓу Париз и Битола. Тие отвориле нови видици. Во тоа време не биле сфатени од своите современици, но биле големи ентузијасти и го отвориле тој пат на кинематографијата од кој сегашните генерации имаат голем бенефит. Особено многу ме радува податокот дека бројни добитници на Оскар се добитници и на Златна камера 300 што ја доделува фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. И тоа е голем успех за фестивалот. Тие оскаровци верувале, ја согледале репутацијата на фестивалот и дошле да ја примат наградата, вели Урдин.
Киро Урдин е роден 1945 година во Струмица. Дипломирал на правниот факултет во Белград во 1969 година. Во периодот од 1971 до 1973 година работел како новинар, а подоцна студирал на Академијата за уметност во Париз. Од страна на “Академијата на филмот” во Париз бил награден, а во 1982 – 1983 изработувал портрети на истакнатите учесници на “Струшките вечери на поезијата”. Од 1984 година тој работи како слободен уметник во повеќе земји.
Покрај сликарството и книгите ( афоризми “Le Dedoublement de la Personnalite”и “Le Dessin, le Pastel et l’Aquarelle of the contemporary arts” од издавачот Mayer) Урдин ги илустрирал книгите на Jacques Delors “Combats pour l’Europe” и на Анатолиј Карпов “Mes plus belles victoires”.
Сликата „Планетариум“ ( со површина од 48 м2.) која е реализирана низ најзначајните културни центри на светот, спаѓа меѓу најголемите во современа Европа е откупена и поставена во зградата на електронскиот гигант NEWAUS, во Ејндховен – Холандија. „Планетариум“ како мултимедијален проект се вбројува меѓу првите уметнички делa во ликовниот правец мондидализам. За „Планетариум“ е снимен и филм кoj беше прикажан во официјалната селекција на познатиот телевизиски фестивал во Монте Карло ( 1998 год.) Но, направил и балет кој бил прикажан на „Охридско лето“, во Торонто, Женева…
-Балетот „Планератиум“ е копродукција. Теди Вилсон е танчерска ѕвезда од Бројдвеј. Два пати е прогласен на балетски танчер на годината во Канада и кога го виделе филмот ми понудија да направиме балет. Се одигра на фесивалот „Охридско лето“ на сцената на Македонскиот народен театар, два пати се играше во Торонто, Чикаго, Анкара, а се одигра и во Женева на одбележувањето на 60 години на ОН. Тогаш беше прикажан и филмот „Планетариум“ во конгресната сала, раскажа Урдин вели дека за три часа комплетно ја променил сценографијата за овој балет по сугестија на една примабалерина непосредно пред премиерата.
За неговите изложби е пишувано во околу 600 весници, речиси во секоја од земјите каде што изложувал. Покрај спомнатите написи, има дадено и над 30 интервјуа за телевизиски канали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

