Македонија
Шабан Салиу објави кандидатура за градоначалник на Шуто Оризари
Претседателот на Демократските сили на Ромите (ДСР), Шабан Салиу, синоќа ја промовира својата кандидатура за градоначалник на општина Шуто Оризари.
„Стојам тука пред вас исполнет со гордост и благодарност. Шуто Оризари е единствената општина во светот водена од ромската заедница, место каде што секој камен шепоти приказни за нашата историја, култура и непокорен дух. Денес заеднички носиме одлука за нашата иднина, за чесно и одговорно управување со нашата општина“, порача Салиу во својот говор пред жителите на општина Шуто Оризари.
Салиу најави дека приоритет ќе биде изградба на инфраструктура, која ќе донесе квалитетен живот за сите жители, како што се асфалтирани улици до секој дом, проширен водовод и канализација, ЛЕД-осветление и безбедни пешачки патеки, како и нови социјални станови за семејствата што долго чекаат покрив над главата.
„Посебно внимание ќе биде посветено на образованието и на културата преку изградба на модерно основно училиште, поддршка на културните институции и создавање услови младите да ја носат ромската традиција во срцето, а знаењето да го градат според најсовремените методи“, истакна Салиу.
Салиу наајави и формирање мобилен здравствен тим, целосна обнова на амбулантата, изградба на дом за повозрасни и формирање фонд за поддршка на ранливите семејства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од корисниците на Центар утре без вода
Дел од корисниците на Центар, поради дефект, утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 13.11.2025 година, четврток, поради уличен дефект на ул. 8 -ма Ударна Бригада 39, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица,вклучително и објектот на Амбасадата на Италија. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Центар)“, информира РЦУК.
Македонија
Гаши на средба со постојаната координаторка на ОН, Рита Колумбија
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија.
На средбата се разговараше за тековната и идната соработка меѓу Собранието и Канцеларијата на ОН во Северна Македонија, со акцент на улогата на законодавниот дом во процесите поврзани со одржливиот развој, човековите права и доброто владеење.
Претседателот Гаши изрази задоволство од реализирањето на средбата и ја истакна досегашната плодна соработка со Канцеларијата на постојаната координаторка, која, како што нагласи, значително придонесува за унапредување на транспарентноста и отчетноста на институциите.
Постојаната координаторка Колумбија ја поздрави иницијативата и ја потенцираше поддршката на системот на Обединетите нации за активностите на Собранието поврзани со спроведувањето на договорите и проектите што се реализираат во партнерство со агенциите на ОН. Таа нагласи дека во иднина акцентот ќе биде ставен на заедничките напори за унапредување на образованието, создавање подобри услови за лицата со попреченост, промовирање на родовата еднаквост и понатамошно јакнење на улогата на жените во општеството и во парламентот.
На крајот од средбата, претседателот Гаши изрази благодарност до системот на Обединетите нации во Република Северна Македонија за нивните активности и поддршка во областите на доброто владеење, социјалната инклузија, заштитата на животната средина, климатските промени, вработувањето и рамномерниот регионален развој, како и за досегашната конструктивна соработка со Собранието и неговите работни тела.
Македонија
Министерство за здравство со Светска банка ќе работи на реформи на примарната здравствена заштита и унапредување на здравствените политики
Министерот за здравство, Азир Алиу денеска одржа работен состанок со регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Шаошинг Ју, на која беа потенцирани приоритетите на Министерството за унапредување на јавното здравство.
„Министерството за здравство е институционално мобилизирано и посветено на темелни реформи на системот на примарна здравствена заштита, вклучувајќи и интеграција на моделот на долготрајна нега. Овие два сегментa ќе бидат надополнети и со дигитализација како фундаментален и сеопфатен процес на реформа на здравствениот систем“, рече министерот Алиу.
Целта на овие реформи е да се унапредат здравствените политики, да се подобри пристапот до здравствени услуги поблиску до местото на живеење, како и да се зајакне превентивната здравствена заштита.
На состанокот се разговараше околу можностите Светска банка да овозможи аналитичка, техничка и финансиска поддршка за овие процеси.

