Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Шукова 7 години беше одговорна за животната средина и не направи ништо
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, повторно излегува со празни ветувања.
„СДС, Заев и Шукова уште пред 7 години ветуваа здрава животна средина и чист воздух. Заев урлаше од Аеродром и ветуваше чист воздух, а имаа можност и не направија ништо“, велат од партијата.
Тие додаваат дека Шукова, како поранешна министерка и долгогодишен државен секретар во Министерството за животна средина, „20 години не направи ништо за Вардариште и сега повторно го користи како тема во кампањата“.
„Шукова да не ја потценува интелигенцијата на народот. Граѓаните знаат дека резултатите се нула, а токму во време на СДС беа тргнати чуварските служби од Вардариште и Дрисла, со што дополнително се влоши ситуацијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата порачаа дека граѓаните на Скопје заслужуваат проекти и резултати, а не празни зборови и популизам. „ВМРО-ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски нудат вистински решенија, проекти и посветеност за поздрава животна средина“, додаваат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.
Македонија
Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека денеска остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Како што наведе Муцунски, на средбата изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Муцунски информираше дека биле разменети и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што била потврдена заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.

