Регион
Волк нападнал 5-годишно дете од Србија на плажа во Грција: „Не’ бркаше на плажата и во дворот“, сведочи мајката
Неверојатно звучеше веста дека волк нападнал девојче од Србија на плажа кај Неос Мармарас, на Ситонија во Грција. Во првите извештаи медиумите беа резервирани, со сомнеж дека можеби не станува збор за волк, туку за некоја слична ѕверка. Детето заврши во болница со гребаница по грбот, пишува српски “Телеграф“.
Трагедијата била избегната благодарение на присебната реакција на мајката и на еден човек кој почнал да го гаѓа животното со камења.
„Во секунда волкот беше покрај мојата ќерка, ја отвори вилицата и тргна да ја зграпчи во пределот на половината! Веднаш ја зграбив и почнав да бегам!“, се присетува на ужасната сцена која можела да заврши трагично, Ирена Пеиќ – мајка на петгодишното девојче од Србија, кое во петокот на плажа во близина на градот Неос Мармарас беше нападнато од волк.
Сцената се одиграла за само неколку секунди, во раните утрински часови.
„Тоа е плажа пред делот кон Парадисос плажата, нешто пред осум часот наутро. Беше свежо, а среќна околност е што ќерка ми носеше дуксер. Таа си играше со едно бебе на плажата, кога еден човек викна: ‘Што е ова?’ Во истиот момент додека станувавме, волкот беше веќе до нас. Буквално ни го блокираше преминот и се позиционираше така што не можевме да поминеме“, опишува Ирена.
Во следната секунда, вели, волкот бил веднаш до девојчето.
„Ја отвори муцката за да ја зграпчи, но во тој момент ја зграбив и тргнав да бегам. Нас нè спаси човекот што почна да фрла камења. Волкот падна во вода, ние добивме неколку секунди да побегнеме по скалите за да влетаме во апартманот. Но, волкот излезе од водата и скокна во дворот на апартманот, па таму почнаа да го бркаат со мотки и камења, и така заеднички го истераа“, вели таа.
Среќа во несреќа, девојчето поминало само со гребаница по грбот. Во болница добила неколку вакцини и терапија со антибиотици.
„Сите бевме многу вознемирени. Да не беше човекот кој фрлаше камења, не знам како ќе завршеше. Тој ни даде шанса да се спасиме“, вели благодарната мајка.
Таа додава дека детето било во голем страв и два часа не дозволувало да се отворат вратите од апартманот.
Ирена го пријавила случајот во општината и полицијата, со надеж дека некој ќе реагира.
„Пред неколку дена имаше пожар, па веројатно волкот се одвоил од чопорот. Чувме дека ова не е прв напад – велат дека е веќе петти во регионот. Еден напад на жена бил пред три дена, а на куче пред два. Некои велат дека имало напади и во мај. Се надеваме дека надлежните ќе преземат мерки. Никој од нас не очекуваше такво нешто, но најмалку 20 луѓе го видоа волкот, имам сведоци“, објаснува Ирена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Деветгодишно момче почина во Црна Гора: имало сипаници и висока температура, педијатарот проценил дека нема потреба од хоспитализација
Деветгодишно момче од Бар почина ненадејно. Како што објави порталот „Приморски“, три дена пред кобниот настан, момчето добило мали сипаници и имало висока температура, поради што неговите родители го носеле на лекар неколку пати.
Споменатиот портал потврди дека родителите го однеле детето кај педијатарот во Општата болница во Бар во текот на ноќта помеѓу петокот и саботата.
Сепак, дежурниот педијатар проценил дека нема потреба да го хоспитализира пациентот таа ноќ. Здравствената состојба на момчето се влошила во следните неколку часа. Момчето починало во саботата наутро.
До последните неколку дена, кога добило мали сипаници, момчето немало здравствени проблеми, што според медиумот, го поставува прашањето – која е причината за прераната смрт на детето.
Извештајот од обдукцијата треба да ја открие причината за ненадејната смрт на деветгодишното момче.
Фото: принтскрин
Регион
(Видео) Детали за убиството во Мостар: убиената девојка претходно добивала закани од нејзиното поранешно момче
Во Мостар, 33-годишниот Анис Калајџиќ ја убил својата поранешна девојка, 32-годишната Алдина Јахиќ од Калесија. На трагедијата ѝ претходеле повеќекратни закани кои, за жал, не биле пријавени во полицијата, пишува Аваз.
По завршувањето на истрагата, дежурната окружна обвинителка на Обвинителството на Херцеговачко-неретванскиот кантон, Весна Прањиќ, потврди дека убиената девојка претходно добивала закани од нејзиното поранешно момче.
https://t.co/ulFqWb6hu6 na mjestu događaja 👇#ubojstvo #mostar pic.twitter.com/FWzPuQWAfI
— Bljesak.info (@Bljesak) November 16, 2025
„Според досега собраните информации, несреќната девојка претходно добивала закани од А. К., инаку нејзино поранешно момче, кои, за жал, не ги пријавила од причини што ѝ се познати, веројатно мислејќи, како што навела, дека ќе завршат со закани“, рече Прањиќ.
Таа го опиша и моментот на нападот.
„Сепак, вечерва кога таа замина на тренинг, тој ја пречека и физички ја нападна, по што извади пиштол. Таа истрча кон хотелот обидувајќи се да се спаси, но тој влезе и ја уби“, рече обвинителката.
Neslužbeno se također navodi da je nakon ubojstva pokušao počiniti samoubojstvo, no metak se navodno zaglavio u cijevi. #Mostar pic.twitter.com/aFWhetgwcF
— Bljesak.info (@Bljesak) November 16, 2025
На прашањето дали напаѓачот се обидел да се самоубие, таа одговори дека информацијата засега е непотврдена. „Без докази, не можам ништо да кажам за тоа“, рече Прањиќ, апелирајќи до медиумите одговорно да известуваат за овој случај.
Министерот за внатрешни работи Маријо Мариќ, исто така бил на местото на настанот, кој потврди дека се преземени обемни истражни мерки под надзор на дежурниот обвинител. „Осомничениот е лишен од слобода за само неколку минути, тој е под полициски надзор. Ова е навистина трагичен случај и ја користам оваа можност да изразам сочувство до семејството“, рече Мариќ.

Тој додаде дека Обвинителството ќе одлучи за квалификацијата на кривичното дело. „Што се однесува до квалификацијата на кривичното дело, Обвинителството ќе одлучи во која насока да се движи, се чини дека засега има многу докази“, заклучи министерот.
Да потсетиме дека осомничениот Анис Калајџиќ прво пукал во 32-годишна жена на автобуската станица, по што таа избегала. Ја следел и ја стигнал, по што ја убил со пиштол. Според неофицијални информации, Калајџиќ е фудбалски судија со долгогодишно судиско искуство во Првата лига на Федерацијата на Босна и Херцеговина и син на тренер и поранешен фудбалер на ФК Вележ.

Тој ја добил дозволата за оружје пред еден месец, по што набавил пиштол бидејќи добивал закани како фудбалски судија.
фото: принтскрин
Регион
Хрватските навивачи по нападот во Цетиње: „Не ги осудуваме Црногорците“
Група хрватски навивачи беа нападнати во Црна Гора во неделата вечерта на пат кон Подгорица, каде што се играше фудбалски натпревар.
Инцидентот се случил во Цетиње, а страничниот прозорец на комбе со сплитска регистрација бил скршен. И покрај нападот, навивачите изјавиле дека ова е изолиран инцидент и дека продолжуваат со своето патување кон натпреварот за да го бодрат својот тим, пишува црногорскиот портал „Побједа“.
Откако дадоа изјави пред полицијата во Цетиње, навивачите не сакаа да зборуваат пред камера, но еден од нив накратко го коментираше инцидентот за Радио Цетиње. „Ние не ги осудуваме Црногорците како народ, тие нè нападнаа со качулки на главите. Вакви инциденти се случуваат и тука“, рече тој, додавајќи дека ја сакаат и почитуваат Црна Гора и продолжуваат кон Подгорица.
Според достапните информации, навивачите успеале да избегаат од напаѓачите по нападот и сè пријавиле на полициската патрола на влезот во Цетиње. Градоначалникот на Цетиње, Никола Ѓурашковиќ, ги посетил во полициската станица и им понудил помош, за што му се заблагодариле. Тие го напуштиле градот синоќа кратко по 23 часот со полициска придружба.
фото: принтскрин

