Македонија
(Видео) Командантот на пожарникарите раскажа како се гаснел пожарот во Трубарево – на помош добиле хемиска пена, па стигнал и песокот

Скопските пожарникари во изминатите два дена интервенирале со целокупниот капацитет при големиот пожар во магацините за пластичен и електронски отпад во Трубарево. Иако само еден час претходно имале интервенција во населбата Лисиче, огнената стихија била брзо ставена под контрола, а соседните објекти биле изолирани од опасност од опожарување, информира командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски.
„Побаравме помош од Главниот штаб, а значајна поддршка добивме и од Окта со хемиска пена и од Макпетрол. Нашите резерви беа потрошени во првичниот удар. Активирани беа сите капацитети и на Комунална хигиена. Беше испратена дополнителна механизација и камиони со песок за да се спречи црниот чад кој се гледаше оддалеку,“ изјави Томевски.
Тој додаде дека пожарот е под контрола и се вршат дополнителни проверки за евентуални остатоци од горењето.
Интервенцијата ја оцени како успешна.
„Вакви пожари се тешки за гаснење, но успеавме да го ставиме под контрола, што беше изненадување и за мене“, рече Томевски.
Додаде и дека мирисот е намален и се надева оти до крајот на денот ќе престане исчадувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се користи специјална пена врз песокта за да се доизгасне чадењето во Трубарево

Од опожарениот простор во Трубарево моментално има слабо чадење само од неколку места кои веќе се затрупани, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што истакна, врз песочната покривка се фрла специјална пена со цел целосно сопирање на чадењето и спречување на повторна појава на пожар.
Македонија
Чадењето од Дрисла значително намалено, останува да се догасне третина од површината

Чадењето од депонијата Дрисла е значително намалено, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Kaко што рече, изработен е дополнителен земјен пат со кој е отсечен ѕидот на депонијата од заезерената површина со отпадни води полни со запаливи гасови. Овој дел сè уште чадe, но во многу помал обем во споредба со првиот ден од пожарот.
Затрупувањето продолжува и утре, најавува Ангелов, а преостаната е помалку од третина од почетно опожарената површина.
Македонија
ИЈЗ ги објави мерењата на радијација во воздухот: Нема отстапувања и покрај пожарот во Трубарево

Институтот за јавно здравје соопшти дека мерењата на радијацијата во воздухот, извршени од 7 до 14 септември 2025 година, покажуваат нормални вредности и нема никаква опасност за здравјето на граѓаните, и покрај загриженоста поради големиот пожар во скопската населба Трубарево.
Во Скопје, каде што работи една од автоматските мерни станици, просечните вредности изнесуваат 51 нано сиверт на час, што е рамки на природниот радијациски фон – природното зрачење што секогаш постои околу нас. Највисоката измерена вредност е регистрирана на 11 септември, кога бил забележан пик од околу 69 нано сиверти на час, но и ова отстапување е во рамки на природното и безбедно ниво. Денеска (14 септември) во 11:30 часот измерени се 50 нано сиверти на час.
Од ИЈЗ нагласуваат дека нема одстапувања од нормалните референтни вредности кои би укажале на зголемена радиоактивност или ризик по здравјето на граѓаните.
По насока на инспекторатот за животна средина и Министерството за здравство, на терен во близина на Трубарево се испратени обучени екипи кои земаат примероци од почва и вода за дополнителни анализи. Резултатите од тие анализи ќе бидат објавени јавно.
Институтот истакнува дека внимателно ја следи состојбата во координација со сите надлежни институции, а на граѓаните им препорачува да ги следат официјалните информации и упатства.