Македонија
„Влен“: Министерот на ДУИ, Насер Нуредини, ја дал дозволата на складиштето во Трубарево

„ДУИ е партијата што ја дала дозволата за работа на складиштето за електронски отпад во Трубарево, отпад што се наоѓа во населено место, веднаш до градот Скопје. Потписот на дозволата за работа на овој ризичен отпад е на министер, личен избор на Али Ахмети и близок и личен другар на Бујар Османи“, велат од „Влен“.
„ДУИ денеска се обидува да ја префрли одговорноста врз други, но граѓаните знаат дека токму оваа партија е главниот виновник за еколошката катастрофа која ја живее Скопје и цела Северна Македонија.
Бујар Османи е во тежок зорт кога почна да си ги мести и своите сопартијци, во овој случај неговиот довчерашен колега Насер Нуредини.
ДУИ е партијата што ја дала дозволата за работа на објектот во Трубарево, отпад што се наоѓа во населено место, веднаш до градот Скопје.
Потписот на дозволата е на министер, личен избор на Али Ахмети и близок другар на Бујар Османи. ДУИ 20 години раководеше со екологијата во државата. За тие две децении создадоа депонија во центарот на Тетово, депонија во центарот на Кичево, депонија веднаш до Струга, како и десетици депонии околу Скопје. Наместо решенија, ни оставија отровна животна средина.
ДУИ управува и со јавното претпријатие задолжено за отпадот во Скопје. Директорот е нивен кадар. Ако денес Скопје се гуши во чад и отрови, тоа е директна последица на нивното партиско владеење и нефункционалност на институциите под нивна контрола.
Додека граѓаните живееја во загаден воздух и отровна почва, функционерите на ДУИ купуваа трговски центри, фотоволтаични централи и нафтени бизниси. ДУИ нема право да зборува за екологија. Тие се симбол на партизација, корупција и урбан хаос. Граѓаните на 19 октомври ќе кажат стоп на оваа политика и ќе изберат власт што ќе ја врати чистата животна средина, ќе ги затвори дивите депонии и ќе воведе ред во управувањето со отпадот.
На ДУИ треба да му се инсталира детектор за лаги без одлагање. Количеството на лаги кои го пласираат станува медицински проблем. Како е можно ДУИ да го обвинува Изет Меџити за дозвола потпишана и издадена во време кога министер е Насер Нуредини? Како е можно партијата која 20 години раководи со ресорот животна средина да го обвинува Изет Меџити, кој е министер само 1,5 година? Како е можно ДУИ да е толку отуѓена од реалноста за вака дрско да ги потценува граѓаните“, прашуваат од „Влен“ преку писменото соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со дрон најдени и спасени тројца мотоциклисти, кои се изгубиле на планината Осогово

Вчеравечер, во полицијата во Штип, Регионалниот центар за гранични работи Исток пријавил дека тројца мотоциклисти, македонски државјани, пријавиле дека се изгубени на планината Осогово, над селото Саса, општина Македонска Каменица, во близина на државната граница со Република Бугарија. Мотоциклистите побарале помош преку бројот 112.
„Остварен е контакт со лицата и лоцирани се во шумскиот предел на непристапен терен на оддалеченост од 1.000 метри, над манастирот ‘Св. архангел Михаил’ во селото Саса. Со помош на дрон од Регионалниот центар за гранични работи Исток лицата се пронајдени во добра здравствена состојба и донесени се во Македонска Каменица, каде што е утврдено дека се работи за Г. Д. (38) од Скопје, К. Н. (38) од Гевгелија и Д. П. (31) од Скопје“, соопшти МВР.
Мотоциклистите не побарале лекарска помош, туку, по спасувањето, си заминале со мотоциклите.
Македонија
На диво изградил 22 бетонски столба во Гостивар, а градежниот инспектор не го сопрел, двајцата добија кривични пријави

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С. С. (35) од с. Речане, Гостиварско, под сомнение за сторено кривично дело бесправно градење, и против В. Р. (42) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
„Во март 2025 во гостиварска населба, првопријавениот, во својство на сопственик на објект во изградба, изградил 22 бетонски столба, без да поседува соодветна дозвола издадена од надлежен орган. А второпријавениот, овластен градежен инспектор при Општина Гостивар, по доставена пријава од МВР поради сомнение за сторено кривично дело, не излегол на терен и не извршил увид на градбата“, соопшти МВР.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава и против А. Е. (44) од Гостивар за бесправно градење оти во текот на февруари 2025 година во населба во Гостивар, на парцела сопственост на друго лице, изградил приземје и кат без одобрение за градење издадено од надлежен орган.
Македонија
Странска акредитирана лабораторија да направи испитувања на квалитетот на воздухот, на водата и на почвата, бара Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање укажа дека по пожарите во депониите Дрисла и Вардариште, и последниот во Трубарево, потребни се итни анализи на почвата, воздухот и водата, од страна на странска акредитирана лабораторија.
Филипче предупреди дека мора да се направи испитување на квалитетот на водата за пиење.
„Сите изотопи кои што не се растворливи во вода ќе се детектираат. И тоа сметам дека час поскоро треба да го направи некоја странска акредитирана лабораторија, да не сведочиме на овие смешни изговори на Институтот за јавно здравје“, рече Филипче.
Овие анализи, како што кажа Филипче, се важни бидејќи по вакви пожари постои ризик да е загадена почвата каде што има земјоделски производи.
„Треба да се измери количината на диоксини, на фурани, на јаглеводородни честички во воздухот, не само на ПМ честичките. Треба да се испита количеството на тешки метали во земјата – никел, кадмиум, олово. Зошто е тоа важно? Поради тоа што можат тие тешки метали да влезат во синџирот на исхрана“, рече Филипче.
За во иднина да се спречи нова еколошка катастрофа, Филипче нагласи дека е потребна итна детална анализа на сите институции и на сите депонии кои што работат во земјава. Ова, како што рече, е важно за да се превенира евентуална следна криза.
„Имаат ли сите депонии лиценци? Сите ли се на доволна оддалеченост од населените места? Работи ли некој нелегално со отпад? Од каде се увезува отпад во земјава? Конечно, да знаеме што се случува во тој сектор. Што направи Владата по тоа прашање? Ништо“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.