Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ награден за најдобар анимиран филм во Романија

Првенецот на македонската анимација „Јон Вардар против Галаксијата“ ја освои наградата за Најдобар долгометражен анимиран филм на 6. издание на Galactic Imaginarium Film Festival во Романија – иновативен фестивал кој ги спојува филмот, литературата и новите технологии во областа на фантастиката.
Ова признание е трето по ред за филмот, по наградите за најдобар долгометражен анимиран филм на Portoviejo International Film Festival во Еквадор и Ariano Film Festival во Италија. Со тоа филмот ја продолжува својата успешна фестивалска кариера и ја афирмира македонската продукција како значаен играч на меѓународната сцена на независна анимација.
„Наградата ја посветувам на сите членови на екипата кои неуморно работеа за да го претворат овој филм во реалност, и на сите оние кои помогнаа во ова историско остварување за македонската кинематографија“ изјави режисерот Гоце Цветановски.
Филмот, кој ја спојува авантуристичката научна фантастика со хумор и сатирични елементи, веќе привлече внимание на триесетина фестивали низ Европа, Јужна Америка и Азија.
Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, директор на анимација е Димитар Ѓоргиев, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Издаден нов графички роман „ЛОУ-Берлинските години на Дејвид Боуви“

Издавачот Бункер, во рамките на едицијата Апсолутни почетници, издаде нов графички роман, „ЛОУ- Берлинските години на Дејвид Боуви“ од германскиот автор и цртач Рајнхард Клајст.
Ова дело всушност се надоврзува на првиот дел Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст кое Бункер веќе го објави и со него Клајст на импресивен начин ја заокружува дводелната биографија на Дејвид Боуви, истовремено креирајќи вибрантен портрет на Берлин од минатиот век.
Во 1976 година Дејвид Боуви е на врвот. Меѓутоа славата, ексцесите, паранојата и прекумерната употреба на дроги се закануваат повторно да го фрлат во прегратките на бездната. Тој повлекува драстичен потег. Заедно со Иги Поп го менува лудилото на градот на ангелите – Лос Анџелес за Берлин. И токму во поделениот Берлин, каде што секој прошетка на крајот завршува со ѕид, тој повторно ќе ги пронајде мирот, креативноста и инспирацијата за наредните албуми: „ Low“, „Heroes“ и „Lodger“ кои ја сочинуваат култната „Берлинска трилогија“. Со нив Дејвид Боуви ќе го потврди статусот на водечка светска музичка ѕвезда. Стрипот изобилува со низа интересни анегдоти во кои се појавуваат некои од најхаризматичните претставници на поп/рок културата кои ги обележаа седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век: Џон Ленон. Иги Поп, Лутер Вандрос, Брајан Ино, Марк Болан… Исто така, делото ни ја открива и пулсирачката музичка сцена во Германија од тој период. Крафтверк, Тенџерин дрим, Кен, Ној, Кластер… се само некои од имињата кој Боуви многу ги почитувал и кои извршиле големо влијание врз неговото понатамошно музичко формирање.
Рајнхард Клајст е реномиран германски стрип-автор. Преведуван е на повеќе јазици, а неговите дела освоиле некои од најпрестижните награди. Графичкиот роман Cash I see a darkness (биографија на уште една музичка икона Џони Кеш), на пример, е номиниран за двете најпрестижни американски стрип награди Ајзнер и Харви. Истото дело, како и графичкиот роман Боксерот беа прогласени за најдобар стрип на германски јазик во годините на нивното објавување. За Боксерот, Клајст, како прв домашен стрип-автор, ја доби Германската награда за литература за млади. Бункер, исто така, го има објавено и неговиот графички роман Олимписки сон – Приказната на Самија Јусуф Омар кој ја освои Густав-Хајнеман наградата за мир.
Треба да се одбележи и дека Рајнхард Клајст во јуни оваа година беше гостин на фестивалот Стрип Трип во Скопје, кој е организиран од страна на МКЦ и група стрип-ентузијасти, меѓу кои е и издавачот Бункер. Неговото гостување беше овозможено од страна на Гете-институтот во Скопје.
.
Рајнхард Клајст работеше повеќе години на дводелната биографија на Дејвид Боуви и може да се каже дека таа претставува круна на неговата досегашна кариера. Долгоочекуваната светска премиера на ЛОУ- Берлинските години на Дејвид Боуви беше кон крајот на минатата година, а исто како и во случајот со Стармен, Бункер меѓу првите во светот ги откупи правата и го објави ова извонредно дело на македонски јазик.
Објавувањето на графичкиот роман го поддржа Министерството за култура и туризам. Преводот од германски јазик е на Марија Чорбева Пеновска, лектурата на Милена Стојановска, а предговорот го напиша Игор Анѓелков. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, Тотем д.с. Издавачот Бункер веќе речиси 15 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас.
Култура
Изложба „Поглед кон далечина обоена сино“ во Центар-Јадро

На 20 септември (сабота) во 12.00 часот ќе биде отворена изложбата „Поглед кон далечина обоена сино“ заедно со Дарко Алексовски во КСП Центар-Јадро.
На оваа прошетка уметникот ќе зборува за развивањето на идеите кои ги собраа различните, досега неизложувани дела во една целина, како и за теориските и референците од историјата на уметноста. Средбата ќе биде од неформален карактер, а публиката ќе има простор да постави прашања и да сподели свои впечатоци.
Автор на текстот и куратор на „Поглед кон далечина обоена сино“ е Славчо Димитров, а изложбата ќе може да се погледне и во текот на следната недела во работни денови помеѓу 10.00 и 16.00 часот.
Реализацијата на изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Култура
„Везилка“ – самостојна изложба на Јана Јакимовска во КИЦ – Скопје

На 24 септември во 20 часот во Културно-информативниот центар – Скопје ќе се отвори самостојната изложба на цртежи и слики на академската сликарка Јана Јакимовска со наслов Везилка.
За изложбата, кураторката д-р Ана Франговска ќе напише:
Проектот Везилка на Јана Јакимовска е замислен како визуелен и теоретски премостувач меѓу традицијата и современоста, меѓу културната меморија и дигиталниот сегашен момент, меѓу „женската рака“ и „машката историја“. Со него, Јакимовска се надоврзува врз силната метафора од истоимената песна на Блаже Конески (1955), која годинава одбележува 70 години од нејзиното создавање. Кај Конески, везилката е жената која во мрежата од конец и игла внесува историја, идентитет и културна меморија. Кај Јакимовска, таа улога се радикализира: везот станува критичка стратегија, алатка за преиспитување на општествените улоги на жената, за проблематизирање на нејзината видливост, рамноправност и општествена моќ.
Јана Јакимовска е родена во 1981 година во Скопје. Дипломира (2005) и магистрира (2009) на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ во Скопје. Се занимава со сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн. Во фокусот на нејзиното неодамнешно творештво преовладува телото, себството, сексуалноста, општествената позиција на жената. Имала 23 самостојни претставувања во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово, Кичево и Штип. Има учествувано на повеќе од 100 групни изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Северна Македонија. Учествувала на повеќе симпозиуми и ликовни колонии во земјава и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди, од кои последната е наградата од КИЦ „Константин Мазев – Коце“ за мал формат во 2024 година. Работи како редовен професор од областа сликање и сликарски техники на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.