Македонија
Муцунски на првиот состанок на министрите за надворешни работи на Јадранско-јонската иницијатива во Њујорк
На маргините на 80. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, денеска се одржа првиот состанок на министрите за надворешни работи на Јадранско-јонската иницијатива (ЈЈИ) – настан кој претставува историски момент и потврда за заедничката посветеност кон регионалната соработка, европската интеграција и конструктивниот мултилатерализам.
Состанокот беше организиран од страна на Република Северна Македонија, која ја презеде едногодишната улога на претседавач со ЈЈИ за периодот 2025–2026 година.
Во своето обраќање, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ја истакна симболиката на оваа година, кога се одбележуваат пет години од приклучувањето кон ЕУ Стратегијата за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR), седум години членство во ЈЈИ и 25 години од потпишувањето на Анконската декларација – основата на оваа регионална иницијатива.
Под мотото „Зајакнување на регионалното единство, унапредување на европската иднина“, македонското претседателство ја афирмира својата определба за продлабочување на интеграцијата и соработката меѓу земјите членки и нивната врска со Европската Унија. Муцунски ја нагласи потребата од кредибилен процес на проширување на ЕУ, истакнувајќи дека Западен Балкан мора да остане стратешки дел од европската иднина.
Во тој контекст, беа претставени приоритетите на македонското претседавање: зајакнување на ЕУ интеграцијата и регионалната доверба, дигитална трансформација, подобра инфраструктурна поврзаност, културна соработка и поддршка за младите. Во време на глобална неизвесност беше испратена јасна порака: „Единството е нашата сила, а европската интеграција – заедничка цел.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

