Македонија
Мицкоски: Седум милиони евра за проекти за развој на Штип

Повеќе од седум милиони евра се проекти коишто директно се финансирани од централниот буџет, коишто треба да помогнат во развојот на Штип, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на пуштањето во употреба на затворениот базен во Штип.
Мицкоски посочи дека е убеден дека градоначалникот на Штип, како и до сега, така и во иднина ќе продолжи да реализира проекти за Штип и штипјани.
„Ова е еден од владините проекти од Министерството за спорт каде што има учество и општината, но најголем дел е од Министерството за спорт. Но, не е само ова, во првиот и во вториот јавен повик повеќе од седум милиони евра се проекти коишто директно се финансирани од централниот буџет, коишто треба да помогнат во развојот на Штип. Јас сум убеден дека градоначалникот, како и досега, така и во иднина, со вонредниот свој, би рекол, проектен менаџмент, ќе ги сработи овие проекти, и ќе додаде вредност во животот на Штип“, изјави премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кирков алармира: Туберкулоза во Зоолошката градина во Скопје

Советникот во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, преку објава на социјалните мрежи предупреди на сериозна состојба во Зоолошката градина во Скопје, наведувајќи дека причина за смртта на неколку животни е туберкулоза.
Кирков посочи дека во изминатиот период починале ламите и младо мајмунче од видот гибон, кај кои е потврдена туберкулоза, а последно и европскиот бизон, за кој денеска, според него, биле добиени официјални резултати дека исто така бил болен од оваа болест.
„Зоолошката градина е контаминирано подрачје, цели реони се зафатени, вработените се оставени без соодветна заштита, а секојдневно има стотици посетители кои поминуваат низ живеалиштата каде починаа животни“, пишува Кирков.
Тој додава дека резултатите се добиени од Ветеринарниот факултет, Ветеринарниот институт и Агенцијата за храна и ветерина. Кирков бара итен инспекциски надзор, тестирање на сите вработени и животни, како и можност за времено затворање на установата.
Советникот најави и поднесување кривична пријава против менаџментот на градината, нагласувајќи дека во последните три години починале повеќе од 50 животни, без да има преземена одговорност.
Македонија
Марјан Димитриев кандидат за градоначалник на општина Аеродром од Левицата

Марјан Димитриев е кандидат за градоначалник на Општина Аеродром од Левица. Носител на советничката листа е Дејан Ристовски.
„Со ова официјално влегуваме во изборната трка со јасна визија: Аеродром да стане место каде што интересот на граѓаните ќе биде пред личните и партиските привилегии. Нашиот тим, составен од луѓе со интегритет и волја за промени, е подготвен да работи посветено за: подобра урбана средина; транспарентна работа на општината; вистинска грижа за жителите. Веруваме дека Аеродром заслужува нов почеток, без корупција, без партиски игри и без запоставување на реалните проблеми. Со поддршката на граѓаните, заедно можеме да ја донесеме таа промена“, соопштија од партијата.
Македонија
Утре и задутре пулмолози ќе проверуваат колку им се оштетени белите дробови на жителите на Трубарево и околината

Два тима од Клиниката за пулмологија и алергологија утре и задутре ќе ги посетат жителите на Трубарево и околните места за скрининг на белите дробови по големиот пожар во фабриката за рециклирање пластика и електронски отпад. Министерот за здравство Азир Алиу денес ги повика жителите да се пријават на скринингот.
„Министерството за здравство заедно со Клиниката за пулмологија, на 24 и 25 септември, од 10 до 16 часот, организира скрининг за граѓаните што живеат во Трубарево и околните места. Замолувам, сите граѓани, кои ценат дека треба да посетат доктор, на 24 и 25 септември да се пријават на овој скрининг. Дополнително, овие граѓани, ако има потреба, ќе може да продолжат со прегледи во Клиничкиот центар тука“, рече министерот Алиу.
Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, Оливер Зафировски, вели дека на самото место на жителите ќе им се направат почетни испитувања на белите дробови.
„Направивме два тима, кои ќе ги посетат сите граѓани во местото Трубарево и ќе направат почетни испитувања. Во зависност од овие испитувања, ако може да се постави дијагноза или да се докаже дека нема никакво оштетување на нивните бели дробови, останува да се ревидира терапијата што ја имаат. Ако има потреба, тогаш ќе ги упатуваме во нашата Клиника за пулмологија и алергологија за да може да ги продлабочиме испитувањата и по потреба да се даде соодветна терапија“ , рече директорот Зафировски.
Пред десет дена во Трубарево се запали фабрика за рециклирање пластика и електронски отпад. Пожарот предизвика густ црн чад видлив од цело Скопје, а во воздухот беа измерени високи концентрации на тешки метали, меѓу кои кадмиум, олово и арсен.
Гаснењето траеше повеќе од 24 часа, а во акцијата беа вклучени пожарникари, полиција, Армијата, медицински екипи и Црвениот крст. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, го нарече гаснењето школски пример за справување со комплексен пожар.
Настанот предизвика прекин на наставата во четири основни училишта во Трубарево, кои беа префрлени на онлајн-настава поради загадувањето.