Македонија
Кирков алармира: Туберкулоза во Зоолошката градина во Скопје

Советникот во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, преку објава на социјалните мрежи предупреди на сериозна состојба во Зоолошката градина во Скопје, наведувајќи дека причина за смртта на неколку животни е туберкулоза.
Кирков посочи дека во изминатиот период починале ламите и младо мајмунче од видот гибон, кај кои е потврдена туберкулоза, а последно и европскиот бизон, за кој денеска, според него, биле добиени официјални резултати дека исто така бил болен од оваа болест.
„Зоолошката градина е контаминирано подрачје, цели реони се зафатени, вработените се оставени без соодветна заштита, а секојдневно има стотици посетители кои поминуваат низ живеалиштата каде починаа животни“, пишува Кирков.
Тој додава дека резултатите се добиени од Ветеринарниот факултет, Ветеринарниот институт и Агенцијата за храна и ветерина. Кирков бара итен инспекциски надзор, тестирање на сите вработени и животни, како и можност за времено затворање на установата.
Советникот најави и поднесување кривична пријава против менаџментот на градината, нагласувајќи дека во последните три години починале повеќе од 50 животни, без да има преземена одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски e директно одговорен за состојбата во судството, вели Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во изјава за медиуми, посочи дека единствени кои што се разочарани и незадоволни од неспроведувањето на реформите во правосудството, се само граѓаните.
Филипче нагласи дека премиерот Мицкоски e директно одговорен за состојбата во судството и неспороведувањето на потребните реформи.
„Сметам дека е апсолутно недозволиво премиерот да се однесува како независен аналитичар и да ги коментира само состојбите во правосудството, кога тој е директно одговорен за спроведување на реформите. Досега не се спроведени ниту една од предвидените реформи, преку носење на реформски закони во правосудството согласно Планот за раст, рече Филипче.
За оваа година беа предвидени 12 закони од коишто седум требаше да се донесат до јуни 2025 година, укажа тој.
„Во Собранието не е поднесен ниту еден, и дополнителни 5 кои од јуни до декември 2025 година требаше да се донесат согласно Планот за раст – нешто за што е врзан одреден буџет од Европската Унија, којшто секако веќе еден дел сме изгубиле. Од тие 5 закони од Министерството за правда не е донесен ниту еден“, рече Филипче.
Како што кажа, Владата на ВМРО-ДПМНЕ има огромно мнозинство во Собранието, 58 пратеници ВМРО-ДПМНЕ скоро двотретинско мнозинство со владејачката коалиција, поради што нема ниту една причина за тоа што сега се случува со неспроведување на реформите во правосудниот систем.
Македонија
Утре сончево и топло со мала до умерена облачност и температури до 33 степени

Времето денеска сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 28 до 33 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Во четврток попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи.
Од петок под влијание на серија влажни воздушни маси времето ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат обилни. Дневната температура значително ќе опадне, особено во деновите од викендот и почетокот на следната седмица.
Македонија
Влада: Усвоена информација за склучување на договор за соработка помеѓу Железници инфраструктура и Јавното тело на Министерството за транспорт на Обединетото Кралство

Владата на денешната 114 редовна седница ја разгледа и усвои информацијата за склучување на договор за соработка помеѓу Јавното претпријатие за железничка инфраструктура- Скопје и Јавното тело на Министерството за транспорт на Владата на Обединетото Кралство Кросрејл Интернешнал Лимитед (Crossrail International Limited (CI)).
Со овој Договор за соработка се воспоставува рамка со која страните ја потврдуваат својата подготвеност и посветеност да соработуваат преку споделување на експертиза, искуства, добра практика и научени поуки во поддршката на проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура- Скопје, со посебен акцент на брзата железница, како и товарен железнички сообраќај, сигнални и контролни системи, надградба на инфраструктурата, депоата и железничкиот возен парк. Договорот за соработка е во важност од 5 години со можност за продолжување од дополнителни пет години. Овој Договор произлегува од досега воспоставената соработка помеѓу македонската Влада и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во врска со партнерството за реализација на приоритетни инфраструктурни проекти.
Дополнително, Владата на денешната седница ја разгледа информацијата за потребата од субвенционирање на филтри на оџаци на домаќинствата и ја задолжи Канцеларијата на Претседателот на Владата во следниот период да подготви детална анализа која ќе ги предвиди условите, времетраењето и процедурата за објавување на оглас за субвенции на филтри за оџаци на домаќинствата кои користат греење со фосилни горива односно дрва.