Македонија
Кај 11 лица од Трубарево утврдени иритации на грлото при скринингот

Кај 11 лица од Трубарево се утврдени иритации и надразнување на грлото при првиот ден од скринингот што го спроведува Министерството за здравство во соработка со Клиниката за пулмологија.
Лицата се упатени на дополнителни испитувања во Клиниката за пулмологија.
Скринингот почна вчера (24.09.2025) и во текот на првиот ден биле прегледани вкупно 111 лица – 56 на Пункт 1 и 55 на Пункт 2. Според податоците, пациентите генерално се во добра здравствена состојба.
Прегледите опфаќаат клинички преглед, мерење на пулс, сатурација и проценка на витален капацитет. Активностите продолжуваат и денес со цел навремено откривање на евентуални здравствени проблеми и унапредување на јавното здравје, соопшти Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЈП Паркинзи на Општина Центар потпиша договор за сертификација на два меѓународни ISO стандарди: за поголем квалитет на услугите и грижа за околината

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“- Скопје, денес официјално потпиша договор за сертификација на два светски признаени ISO стандарди, со што, како што е соопштено, започнува ново поглавје во унапредување на квалитетот на услугите и грижата за животната средина.
„Стандардите кои ќе бидат имплементирани се:
• ISO 9001 – меѓународен стандард за управување со квалитет, насочен кон подобрување на процесите и зголемување на задоволството на корисниците.
• ISO 14001 – меѓународен стандард за системи за управување со животната средина и одржливо работење“.
Според информацијата, ова е првпат претпријатието да добие ISO сертификација, со што дополнително се унапредуваат процесите според меѓународните стандарди.
„Со воведување на ISO стандардите поставуваме нови критериуми за транспарентно и одговорно работење, а со цел граѓаните да добијат побрза, поефикасна и поквалитетна услуга,“ истакна директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски.
Тој додаде: „ Истовремено, ISO 14001 е потврда дека нашата мисија не е само паркирањето, туку и грижата за почиста и поздрава животна средина во општината Центар и во градот. Со оваа имплементација правиме чекор поблиску кон европските стандарди и покажуваме дека и јавно претпријатие може да биде пример за модерно и одржливо управување.“
Македонија
Параглајдинг-несреќа на Галичица: државјанин на Германија доживеа тежок пад од поголема височина

Планинската спасителна служба „Охрид“ извести дека вчера, околу 18.30 часот, добила повик од група параглајдеристи, кои летале од падините на Галичица.
Тие пријавиле дека нивниот пријател, државјанин на Германија, од засега непознати причини доживеал тежок пад од поголема височина на исклучително непристапен и карпест терен.
„За голема среќа, тројца спасители на ПСС во тој момент престојуваа во планинарската куќа ‘Спиридон’, каде што е лоцирана и спасителната станица на ПСС, опремена со специјализирана техничка опрема за интервенции во овој регион. Веднаш по дојавата, екипата за 15 минути стигна до местото на несреќата, изврши имобилизација на повредениот и почна комплексен транспорт по стрмен и тежок терен. Дополнителна отежнувачка околност беа и ноќните услови во кои се одвиваше целата акција.
По повеќе од еден час напорна интервенција, во 20.20 часот, повредениот беше безбедно спуштен до асфалтниот пат кај превојот Баба, каде што беше предаден на екипа на Итната медицинска помош од Охрид. Од таму тој веднаш беше пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде што, за жал, му беа констатирани фрактури на пет прешлени во долниот дел на ‘рбетот“, велат од Планинската спасителна служба.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Со новата механизација го исчистивме сметот во Центар

Градоначалникот Горан Герасимовски, информира дека во текот на вчерашниот ден хигиеничарите од општината со новата механизација за чистење го собраа целиот смет од улиците во Центар.
„Целиот смет е собран од центарските улици. Нашите вредни хигиеничари вчера чистеа и во населбата Кале, а потоа со цистерна ги миеја улиците. Самите го исчистивме Центар, додека Град Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ го преплавија цело Скопје со смет. Им благодарам на хигиеничарите што секојдневно се на терен, неуморно работејќи за наша почиста општина“, рече Герасимовски.