Македонија
За два дена над 200 прегледани лица во Трубарево, уште 8 упатени на Пулмологија
Министерството за здравство во соработка со Клиниката за пулмологија спроведе дводневен скрининг на жителите на Трубарево, со цел навремено откривање на евентуални заболувања на дишните патишта по големиот пожар во складиштето за електроника.
„Само во текот на вчерашниот ден биле прегледани над 100 лица на двата пункта во населбата, од кои осуммина се упатени на Клиниката за пулмологија поради хронични заболувања за кои подолго време не направиле контрола“, рече министерот Азир Алиу.
Скринингот опфати клинички преглед, мерење на пулс и сатурација, како и проценка на виталниот капацитет на пациентите.
„Овој скрининг имаше голем одѕив со над двесте прегледани пациенти во два дена и беше навистина добро прифатен од локалното население. Во следниот период продолжуваме да ја следиме состојбата во соработка со Клиниката за пулмологија и сите надлежни институции,“ изјави министерот.
Од тимовите на Клиниката за пулмологија информираат дека упатените пациенти имале симптоми како потешко дишење, сува кашлица и стегање во градите. Дополнително, биле детектирани и лица со висок крвен притисок, кои биле советувани да се обратат кај својот матичен лекар за натамошни испитувања.
На првиот ден од скринингот, 11 лица беа упатени на Клиника.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

