Македонија
Љутков на Светската конференција на УНЕСКО за културни политики и одржлив развој „Мондијакулт 2025“ во Барселона

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја предводи македонска делегација на Светската конференција на УНЕСКО за културни политики и одржлив развој „Мондијакулт“, што од денеска до 1 октомври се одржува во Барселона, Шпанија.
Конференцијата за отворена ја прогласи претседателот на владата на Шпанија, Педро Санчез, кој пред присутните истакна дека културата не му припаѓа на еден народ или една држава и ја истакна културата како отворена форма на дијалог. Пред присутните се обратија и министерот за надворешни работи, Хозе Мануел Албарез, претседателот на владата на Каталонија, Салвадор Иља, министерот за култура, Ернест Уртасун, и помошникот на генералниот директор на УНЕСКО за култура, Ернесто Отоне.
„Мондијакулт“ е конференција на која ќе се презентираат националните, регионалните и меѓународните достигнувања во делот на културата по усвојувањето на декларацијата „Мондијакулт“ од 2022 година, со која се дефинираат културните права и се утврдува улогата на културата како посебна, специфична цел во агендата за одржлив развој по 2030 година.
Програмата на конференцијата вклучува повеќе паралелни тематски сесии, меѓу кои: културата и образованието, културата и мирот, културните права, економија на културата, културата и климатските активности, културата, наследството и кризите, културата и дигиталната трансформација и културата и вештачката интелигенција.
Министерот Љутков на конференцијата ќе има свои обраќања на тематската сесија „Културни права и економија на културата“, каде што ќе ги претстави националните заложби за унапредување на културните права, поддршката на уметничкото творештво и развојот на културните и креативните индустрии.
На овој најголем светски собир на министри за култура, кој се организира под покровителство на УНЕСКО, учествуваат претставници на државите членки на УНЕСКО и придружните членки, државите што не се членки, организациите на системот на Обединетите нации, меѓународните невладини организации, граѓанското општество, приватниот сектор и други носители на одлуки и влијателни личности од областа на културата, а домаќин е владата на Шпанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Светски ден на срцето: Граѓаните со голем интерес за бесплатните превентивни прегледи

По повод одбележување 29 септември–Светски ден на срцето, денес министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со директорката на Институт за јавно здравје, Марија Андоновска го посетија превентивниот пункт во ТЦ „Дајмонд мол“.
-Граѓаните покажаа голем интерес за бесплатно мерење крвен притисок, холестерол и ниво на шеќер во крвта на превентивниот пункт. Здравствените услуги на пунктот ги врши тим од Институтот за јавно здравје. Со ваквите акции заеднички ја подигнуваме свесноста за навремено откривање и превенција од кардио-васкуларни заболувања. Дополнително, присутните добија индивидуални совети и препораки за здрава и урамнотежена исхрана, редовна физичка активност, како и поддршка и мотивација за откажување од пушење – три клучни фактори во заштитата на здравјето на срцето, изјави министерот Алиу.
Директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска ја истакна важноста на примарната превенција и активниот пристап кон сопственото здравје.
-Светскиот ден на срцето е можност да се потсетиме дека здравото срце значи и квалитетен живот. Институтот за јавно здравје ќе продолжи со активности насочени кон унапредување на здравјето на населението и поддршка на здрави животни навики” изјави д-р Андоновска.
Македонија
Шукова најави нов систем за собирање отпад и двојно повеќе контејнери во Скопје

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска најави целосна реформа на системот за собирање отпад во главниот град.
„Ќе воведеме паметен систем по теркот на европските градови – со нова механизација и GPS рутирање на возилата, за точно да се знае каде е полно и каде треба да се собира отпадот. Ова ќе биде систем без импровизации и без доцнења“, порача Шукова.
Дополнително, најави двојно зголемување на бројот на контејнери во сите скопски населби, со цел подобра покриеност и хигиена.
Според неа, хаосот во Скопје е резултат на четиригодишната блокада и саботажа од ВМРО-ДПМНЕ, кои го контролирале ЈП Комунална хигиена и го оставиле градот да „скапува во смет и депонии“.
Македонија
(Видео) Филипче: Немаме коалиција ниту со ДУИ, ниту со Левица

Не, ние немаме коалиција ниту со ДУИ, ниту со Левица. Но, се согласувам со премиерот кога вели дека граѓаните имаат две опции, истакна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање.
„Едната е напредна, проевропска опција, која нуди чесни и добри кадри, луѓе кои покажаа како се работи за доброто на граѓаните, а тоа е СДСМ. Другата е ВМРО-ДПМНЕ, кои се служат со лажни кампањи, со лаги и клетви, и кои докажаа дека се неработници. Тие го блокираа и го запустија Скопје,“ нагласи Филипче.
Претседателот на СДСМ, Филипче, порача дека на следните избори граѓаните ќе одлучуваат помеѓу чесно и одговорно водење или враќање во времето на лаги, блокади и застој под раководство на ВМРО-ДПМНЕ.