Свет
Извршниот директор на „Волмарт“: Вештачката интелигенција ќе ги промени апсолутно сите работни места
Работниците на сите видови работни места треба да бидат подготвени да се приспособат на порастот на вештачката интелигенција на работното место, вели Даг Мекмилон, извршен директор на „Волмарт“, најголемиот приватен работодавец во Соединетите Американски Држави, објавува Си-ен-би-си.
„Многу е јасно дека вештачката интелигенција буквално ќе ја промени секоја работа“, рече Мекмилон во интервју за „Волстрит џурнал“. „Можеби има некои работни места во светот што вештачката интелигенција нема да ги промени, но не можам да се сетам на една“, рече тој.
Мекмилон им се придружува на голем број други врвни директори, вклучувајќи ги Енди Џаси од „Амазон“ и Џим Фарли од „Форд“, кои објавија планови за намалување на нивната работна сила во наредните години бидејќи интегрираат повеќе алатки за вештачка интелигенција. „Волмарт“ планира да ја замрзне својата глобална работна сила од 2,1 милиона работници во текот на следните три години, а истовремено предвидува раст на приходите за кој компанијата вели дека ќе дојде од поширокото усвојување на технологиите за вештачка интелигенција.
Мекмилон очекува работните места во канцелариите, таканаречените бели јаки, да бидат меѓу првите што ќе бидат погодени, бидејќи „Волмарт“ сè повеќе користи чет-ботови и други алатки со вештачка интелигенција за да извршува задачи, како што се услуга на клиентите и следење на синџирот на снабдување. Со текот на времето вработените во продавниците и магацините на „Волмарт“ исто така ќе видат сè повеќе задачи преземени од алатки за вештачка интелигенција, а оние што ќе останат ќе мора да прифатат нови технологии за да останат релевантни, рече Мекмилон во неодамнешно интервју за „Асошиетед прес“. „Не мислам дека некој знае точно како тоа ќе се одвива“, рече тој повторувајќи го своето верување дека „во основа, секоја работа ќе се промени“.
За најдобро да ги подготви работниците за ерата на вештачката интелигенција, Мекмилон препорачува да се запознаат со новите алатки и технологии на вештачката интелигенција за да станат поефикасни и попродуктивни. „Мислам дека најдобриот начин да се размислува за тоа е да се надгради“, изјави тој за АП. „Како можам активно да се вклучам во која било улога што ја имам, каква и да е таа, да усвојам нови алатки, да ги користам и да ги подобрам работите?“
И покрај напредокот во технологијата, луѓето се подобри од вештачката интелигенција во меките вештини, како што се комуникацијата и критичкото размислување, што ќе ги направи вредни во иднина, рече Мет Гарман, извршен директор на Amazon Web Services. „Тие вештини се важни денес. Мислам дека ќе бидат еднакво важни, ако не и поважни во иднина“, рече Гарман.
Мекмилон се согласува забележувајќи дека на „Волмарт“ секогаш ќе му требаат човечки вештини, особено во интеракциите со клиентите. „Додека не им служиме на хуманоидни роботи и тие немаат можност да трошат пари, ние им служиме на луѓето“, рече тој.
Најпосакуваните работници ќе бидат оние што може да комбинираат меки вештини со техничко знаење, заклучи Мекмилон наведувајќи ги менаџерите на продавници на „Волмарт“ како пример. „Вештините што ги има менаџерот на продавница се и човечки и технички“, рече тој нагласувајќи ја важноста на комуникацијата и н акритичкото размислување заедно со способноста да се применат алатки за вештачка интелигенција за следење на продажбата и логистиката. „Мислам дека вештините што ги имаме како човечки суштества се вредни. Тие отсекогаш биле, а тоа ќе биде уште поважно во иднина“, заклучи тој.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Американските ѕвезди на Греми наградите му испратија порака на Трамп: „Ние не сме животни, ICE надвор“
Музичарот од Порторико, Бед Бани, повика на „исфрлање“ на американската Служба за имиграција и царина (ICE) додека ја примаше наградата за најдобра латино урбана музика на доделувањето на наградите Греми во Лос Анџелес.
Бед Бани, кој ќе биде главен изведувач на полувремето на Супербоул следната недела, се осврна на мерките на администрацијата на Трамп против имиграцијата во страсниот говор на доделувањето на наградите Греми.
„Пред да му се заблагодарам на Бога, ќе кажам „ICE надвор!““, рече тој, осврнувајќи се на американските службеници за имиграција, по неколку недели тензии во Минеаполис каде беа убиени двајца цивили.
„Ние не сме дивјаци, ние не сме животни, ние не сме вонземјани, ние сме луѓе и ние сме Американци“, продолжи тој, додека ја примаше наградата.
Многу членови на публиката стоеја додека тој зборуваше. Порториканскиот уметник се смета и за фаворит за главната награда на вечерта, албум на годината. Неговиот говор беше најочигледно политичкиот момент на церемонијата, каде што многу уметници, вклучувајќи ја и Р&Б ѕвездата Кехлани, носеа значки „ICE out“ на црвениот тепих.
Свет
Премиерката Такаичи би можела да оствари убедлива победа на изборите во Јапонија
Партијата на јапонската премиерка Санае Такаичи веројатно ќе обезбеди убедлива победа на изборите за долниот дом на парламентот следната недела, покажа анкета на весникот „Асахи“.
Силниот настап на изборите би го зацврстило влијанието на Такаичи врз партијата и би ѝ ги ослободил рацете за експанзивна фискална политика, што би можело да ги зголеми загриженостите за финансиите на Јапонија и да ги зголеми приносите од обврзниците.
Либерално-демократската партија на премиерката Такаичи веројатно ќе освои повеќе од 233 од 465 места во долниот дом, според анкетата на „Асахи“ објавена вчера.
Тоа би било зголемување во однос на сегашните 198 места. Заедно со коалицискиот партнер на ЛДП, Јапонската партија за иновации, или Ишино, владејачката алијанса веројатно ќе достигне 300 места, покажа анкетата.
Најголемата опозициска партија, Центристичкиот реформски сојуз, е во проблеми и би можела да изгуби половина од своите 167 места, објави „Асахи“. Владејачката коалиција на Такаичи моментално има тесно мнозинство во моќниот долен дом и малцинство во горниот дом.
Премиерката ги распиша новите избори со надеж дека ќе ја консолидира власта откако ја презеде функцијата од сопартиецот Шигеру Ишиба, кој поднесе оставка по лошите изборни резултати.
Свет
Иранскиот демонстрант Ерфан Солтани ослободен со кауција
Иранскиот демонстрант Ерфан Солтани, кој беше уапсен за време на антивладините протести и се стравуваше дека ќе биде осуден на смрт, е ослободен со кауција, објавија групите за човекови права и иранските државни медиуми. 26-годишниот Солтани беше уапсен минатиот месец додека земјата беше потресена од протести што предизвикаа насилна владина репресија, објави Си-Ен-Ен.
Тој беше приведен на 10 јануари во неговиот дом во Фардис, град на околу 40 километри западно од Техеран. Според државната телевизија IRIB, тој беше обвинет за „собирање и договарање против внатрешната безбедност на земјата“ и „пропагандни активности“ против режимот.
По неговото апсење, американскиот Стејт департмент и роднина на Солтани изјавија дека иранските власти имаат намера да го погубат. Иранското судство ги отфрли тврдењата како „измислени вести“, објави IRIB. Семејството на Солтани подоцна изјави дека неговата егзекуција е одложена. Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека добил уверенија од „доверливи извори“ дека Иран не планира егзекуции и го предупреди Техеран да не го прави тоа, велејќи дека САД ќе „преземат силни мерки“.
Во саботата, Солтани беше ослободен со кауција, потврди норвешката организација за човекови права „Хенгау“. Неговото ослободување го потврди и иранскиот државен медиум „Прес ТВ“ во објава на Телеграм.
Неизвесната судбина на Ерфан Солтани стана еден од најмеѓународно следените случаи за време на масовните антивладини протести што го зафатија Иран минатиот месец. Иранските безбедносни сили одговорија со брутална репресија и продолжено исклучување на интернетот низ целата земја.

