Свет
Премиерот на Луксембург: Русија е трајна закана за европската безбедност
Европа не е во војна со Русија, но мора многу сериозно да ги сфати нејзините закани, изјави премиерот на Луксембург, Лук Фриден, во ексклузивно интервју за Си-ен-би-си.
Во последните недели, неколку европски земји, вклучувајќи ги Полска, Романија и Естонија, пријавија нарушувања на воздушниот простор од страна на руски авиони или беспилотни летала. Данска исто така пријави неколку инциденти со беспилотни летала минатата недела не исклучувајќи ја можноста за вмешаност на Москва. Ова ги наведе некои европски претставници, како што е комесарот за економија на ЕУ, Валдис Домбровскис, да кажат дека Европа веќе е во хибридна војна со Русија.
„Јасно гледаме дека Русија стана трајна закана за европската безбедност“, рече Фриден, но додаде дека не верува оти континентот веќе се соочува со отворена војна.
„Постои одреден вид провокација што мора да ја сфатиме сериозно. Не мислам дека сме во војна со Русија и не сакам да бидам во војна“, нагласи тој.
Фриден исто така испрати директна порака до Русија да ги запре своите дејства и да ги остави Украинците на мир. „Мораме сериозно да ги сфатиме вашите безбедносни интереси, но исто така мора да знаете дека немате шанси да ја освоите Европа и нема шанси за повторно воспоставување на Советскиот Сојуз“, додаде тој.
Коментарите на Фриден доаѓаат пред состанокот на лидерите на ЕУ, на кој ќе се разговара за нови мерки за зајакнување на безбедноста на континентот. Една од главните идеи е да се воспостави ѕид од дронови по должината на источната граница на Европа, во близина на Русија. Одбранбениот систем би бил дизајниран да ги пресретнува неовластените дронови пред да влезат во европскиот воздушен простор.
„Иницијативата за ѕид од дронови е навремена и неопходна“, рече генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Лидерот на Луксембург рече дека е отворен за идејата, но дека треба да ги слуша експертите.
Сепак, концептот предизвика и загриженост дека блокот е премногу бавен во зајакнувањето на своите одбранбени капацитети. „Не зборуваме за концепт што ќе се спроведе во следните три или четири години“, предупреди германскиот министер за одбрана, Борис Писториус.
Неодамнешните инциденти, како што е испраќањето борбени авиони „Ф-35“ од страна на Холандија во Полска поради руските беспилотни летала, покажуваат колку е неподготвена Европа за растечкото значење на беспилотните летала во современото војување. „На крајот на краиштата, не можеме да потрошиме милиони евра или долари за ракети за уништување беспилотни летала, кои чинат само неколку илјади долари“, заклучи Руте.
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ИКЕА купува шуми во Латвија и Литванија
ИКЕА купува околу 24.000 хектари шума во Латвија и Литванија од финската инвестициска компанија CapMan Natural Capital, која по повеќе од десет години активно управување оценила дека имотот достигнал „зрела фаза“ на создавање вредност.
ИКЕА соопшти дека набавката е во согласност со целите за одговорно управување со шумите и користење локални суровини, имајќи предвид дека таа е меѓу најголемите потрошувачи на дрвна маса во светот.
Трансакцијата треба да биде одобрена од регулаторите, а се очекува да биде завршена во првата половина од следната година.
CapMan по продажбата ќе управува со 215.000 хектари шума и ќе остане меѓу најголемите независни сопственици на шуми во ЕУ. Компанијата моментално управува со имот вреден 7,1 милијарди евра.
Свет
Руте: Путин мисли дека може да издржи подолго од нас, но ние не одиме никаде
Еден ден по пораката на Владимир Путин дека Европа ризикува војна со Русија, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, излезе пред новинарите во Брисел и испрати повеќе директни пораки. Тој зборуваше за руските закани, поддршката за Украина и улогата на САД во мировните преговори.
Руте рече дека состанокот на министрите е „јасен знак дека Путин греши“, додавајќи: „Путин верува дека може да издржи подолго од нас, но ние не одиме никаде“. Истакна дека помошта на НАТО прави разлика на теренот, особено системите за противвоздушна одбрана.
Тој предупреди на „реални и трајни опасности“ што доаѓаат од Русија, споменувајќи сајбер-напади и повреди на воздушниот простор, и порача дека е потребна „непоколеблива будност“. Потсети дека сојузниците имаат цел – до 2035 година да вложуваат 5% од БДП во одбраната.
На прашањето за саботажите поврзани со Русија, меѓу кои и експлозијата на железничката пруга во Полска, Руте ги нарече нападите „крајно неодговорни“. Рече дека разузнавачките служби ќе ги расветлат деталите, но додаде: „Ќе реагираме на начин што самите ќе го одбереме – и тие ќе го почувствуваат тоа“.
Руте изјави дека само Доналд Трамп може да ја разбие блокадата во мировните преговори, пофалувајќи ја ангажираноста на неговиот тим. Одби да коментира дали Русија покажала поголема подготвеност за компромис, но рече дека НАТО мора да продолжи да ја притиска Русија преку вооружување на Украина и економски притисок.
Тој наведе дека Русија троши 40% од буџетот на одбраната и дека НАТО мора да одговори, а одлуките за мобилизација или вклучување жени во одбраната се одлуки на секоја држава поединечно.
За програмата ПУРЛ за набавка на оружје за Украина, Руте рече дека две третини од сојузниците веќе се приклучиле и дека распоредувањето на товарот е во многу подобра состојба. Истакна дека сојузниците обезбедуваат „постојан проток на оружје“ што создава притисок врз Русија.
Руте изрази уверување дека ЕУ ќе го реализира планот за користење на замрзнатиот руски имот за Украина, по најавата на Урсула фон дер Лајен за пакет од 79 милијарди евра. Доколку тоа не се оствари, рече, „треба да најдеме пари на друг начин“, додавајќи дека има целосна доверба во европското раководство.
Свет
Финскиот претседател: Малку веројатен е праведен мир во Украина
Претседателот на Финска, Александар Стуб, денес изјави дека е малку веројатно дека ќе бидат исполнети условите за праведен мир во Украина.
„Реалноста е дека мирот може да биде добар, лош или некаков вид компромис. Реалноста е исто така дека ние, Финците, мора да се подготвиме за моментот кога ќе дојде мирот и дека е малку веројатно дека ќе бидат исполнети сите услови за праведен мир за кои толку многу зборувавме во текот на последните четири години“, рече Стуб во интервју за MTV Utiset, како што објави бриселскиот портал Politiko.
Тој додаде дека денес сме поблиску до мирот отколку вчера и дека наредните денови и недели ќе покажат дали преговорите ќе донесат некакви резултати.
Интервјуто на Стуб следеше по средбите на американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер со рускиот претседател Владимир Путин.
Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен денес на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО изјави дека Европа наскоро ќе биде информирана за најновите мировни преговори, но дека е очигледно дека не успеале да постигнат масовен консензус синоќа во Москва.
„Русија не е подготвена за компромис“, рече таа, додавајќи дека секој мировен договор не само што мора да ги запре убиствата, туку и да вклучува одредби што ќе ја направат Украина доволно силна за да се спротивстави и на воената инвазија и на какво било политичко мешање во иднина, што е во согласност со стратегијата на Русија.
Фото: ЕПА

