Соопштенија
Шукова од Гази Баба порача: „Вардариште“ од дива депонија ќе стане модерен центар за управување со отпад

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, вчера ја посети општина Гази Баба, каде оствари средба со граѓаните. Разговорите беа насочени кон секојдневните проблеми со кои се соочуваат жителите пред сè, алармантната состојба со дивите депонии, еколошките закани и целосната институционална негрижа.
„Жителите на Гази Баба со години живеат опкружени со ѓубре, неплански депонии и токсични пожари. Тоа не е судбина, тоа е резултат на неспособна и незаинтересирана власт. Вардариште е само најгласниот симбол на оваа четиригодишна рамнодушност на ВМРО-ДПМНЕ кон животната средина и здравјето на граѓаните,“ изјави Шукова.
Веќе четири години, над 150.000 скопјани живеат во сенката на Вардариште што секојдневно загадува, труе и претставува реален ризик по јавното здравје. Наместо решение, граѓаните добиваат молк, занемарување и институционално криење зад политички интереси.
„Ова не е само пропуштена обврска. Ова е криминално запоставување на јавното здравје. Но, решение постои. Не е популизам, туку структуриран план, со експертска поддршка и европски стандарди“, им објасни Шукова на граѓаните, најавувајќи конкретни чекори:
Итно оградување и физичко обезбедување на Вардариште, 24-часовен надзор и пристап само за овластени служби. Како долгорочни решенија Шукова, најави селекција, преработка и пренос на отпадот до Дрисла, со нула загадување на воздух, почва и подземни води Вардариште е обврска на Град Скопје, објасни Шукова. Според Законот за управување со отпад, локалната самоуправа е должна да обезбеди чистота, третман на отпад, отстранување на депонии и регионална соработка, обврски кои четири години се игнорираат.
Шукова нагласи дека не се работи за политички поени, туку за суштински план како Скопје да стане модерен, зелен град, каде здравјето и квалитетот на живот ќе бидат приоритет, а не колатерална штета на неспособноста.
„Скопје мора да се врати на патот на европските вредности и зелена трансформација. Ова не се ветувања за кампања ова се конкретни решенија подготвени да се спроведат од првиот ден,“ рече Шукова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Бујар Османи: Секое маало ќе има минимум два паркинга, бесплатен и со плаќање

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на прес-конференција ја претстави својата стратегија за решавање на хроничниот недостиг од паркинг-места, предупредувајќи дека општината е пред целосен колапс.
„Чаир е задушен, претворен е во општина на автомобили. Едноставно нема простор, улиците се претворени во паркинзи, тротоарите се претворени во паркинзи, и веќе нема слободни тротоари во Чаир. Дури и парковите почнаа да се полнат со автомобили. Граѓаните секојдневно живеат во анксиозност и стрес, а од разговорите со нив дознавам дека некои дури размислуваат да се иселат поради овој хаос“, изјави Османи.
Тој ја претстави краткорочната стратегија, која предвидува создавање паркинг-зони во секое маало, креирана во соработка со реномираниот светски архитект, Мишел Ројкинд.
„Во урбанизираните делови, во секоја улица, во секое маало да има најмалку по два паркинга: едниот бесплатен, другиот со наплата. Во првиот случај, општината ќе купи двор, куќа или простор и ќе го претвори во бесплатен паркинг.
Во вториот случај, граѓаните можат да ги отстапат своите дворови или куќи, а општината ќе им помогне да ги претворат во паркинзи со кои ќе стопанисуваат, во форма на приватно или јавно-приватно партнерство со општината, и тие ќе бидат со наплата“, појасни Османи.
Овој модел најдобро може да се примени во урбанизираните делови како што се Серава, Гази Баба, Дижонска, Дуканџик и Тенеќе Маало кои се посебно задушени од автомобили и потребно е нивно ослободување.
„Ја измапиравме целата карта на Чаир, ги идентификувавме зоните и решенијата што може веднаш да се применат. Време е Чаир да стане општина на луѓето, а не на автомобилите“, порача Османи.
Соопштенија
Шукова: За 15 месеци, 15 нови паркови во Скопје

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, денеска беше во посета на Општина Аеродром каде зборуваше за неисполнетите ветувања за изградба на парк, но и ја најави својата визија за позелено и поурбано Скопје.
„Денеска се наоѓаме на локација каде што требаше да никне ултрамодерен парк. За жал, и по четири години, оваа површина остана необработена. Аеродром, некогаш една од најзелените општини во Скопје, денес е во запуштена состојба“, изјави Шукова.
Таа нагласи дека запоставеност на зеленилото не е само локален проблем на Аеродром, туку за жал, опфаќа голем дел од скопските општини.
„Мојата визија е Скопје што позелено, но и со одржување не само со градење на нови паркови кои потоа ќе бидат оставени на забот на времето. Затоа во мојата програма предвидуваме изградба на 15 нови паркови за 15 месеци, но и сериозна рехабилитација на постојните зелени површини“, потенцираше Шукова.
Парковите, како што најави, нема да се градат исклучиво во центарот, туку и во урбаните населби и периферијата таму каде што најмногу недостига зеленило.
„Имаме мапирање на 15 локации дел ќе бидат нови паркови, дел целосно ќе се ревитализираат. Најмногу ќе се фокусираме таму каде што урбанизацијата е најголема и каде што зеленилото најмногу фали“, додаде таа.
Шукова нагласи и дека унапредувањето на зелената инфраструктура е директно поврзано со намалување на загадувањето.
„Знаеме дека Скопје е меѓу најзагадените градови во Европа. Зелените површини се природен филтер за ПМ-честичките и мора да станат приоритет. Парковите не се луксуз тие се неопходност за здравје и квалитет на живот“, рече таа.
Во програмата на Шукова се предвидени и мерки за поддршка на домаќинствата во борбата против аерозагадувањето, вклучително и бесплатни филтри за оџаци.
Соопштенија
Стојкоски: Ѓорче Петров добива пет нови детски градинки

Ѓорче Петров добива пет нови детски градинки, изјави кандидатот за градоначалник на Општина, Ѓорче Петров, од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Стојкоски.
„Нова детска градинка во Дексион. Проект којшто го најавувам подолго време, а денеска го потпишав Договорот, почнуваме со изградба веднаш. Покрај оваа детска градинка, во моментов ја градиме и детската градинка во Стопански двор, тоа е во напредната фаза. Со тоа го зголемуваме капацитетот за сместување за дополнителни најмалку 220 деца, на ниво на општината Ѓорче Петров. Дополнително, во нашата изборна програма ветувам изградба на уште три детски градинки, вкупно 5 детски градинки во наредниот мандат. Две во населбата Диво Маало, и во близина на Македонска војска и една за жителите на населбата Александрија“, рече Стојкоски.