Соопштенија
Несовршено совршен – HalkEZ-пакет за млади. И во ред е да не е совршено

Започнувањето на студентскиот живот е мешавина од возбуда и хаос. За некои значи нов град и барање сместување, за сите – поголеми трошоци за секојдневни потреби и адаптација на нова средина, бескрајни редици за упис, изгубени моменти во потрага по вистинската предавална, навикнување на новите професори, или трка по документи и уплатници. Овие почетоци не наликуваат на совршена сцена од филм – но тоа е реалноста со која ќе се соочи секој студент. А, токму таа несовршеност го прави искуството автентично.
Халкбанк ја препознава токму таа реалност и со кампањата „Несовршено совршен – HalkEZ пакет за млади“ испраќа порака дека е во ред да се греши, да се лута низ ходници, да не се добие 10-ка на испит и да се учи во движење. Несовршеноста е дел од патот кон самостојноста, а HalkEZ е тука да го олесни оној дел од приказната што се однесува на првите банкарски искуства, бидејќи за многу студенти, банкарството е исто толку ново колку и почетокот на студентскиот живот. Отворањето на платежна сметка, користењето на картичка или онлајн трансакциите се чекори што ја означуваат нивната нова самостојност…
Во оваа реалност се вклучува и HalkEZ пакетот за млади, дизајниран за генерацијата што живее брзо, дигитално, динамично и несовршено. Пакетот наменет за млади на возраст од 16 до 24 години, сигурно не е совршен, но нуди:
● Подигнување готовина од банкомати во земјата и во странство со Виза дебитна картичка за млади.
● Без надомест за водење на трансакциска сметка.
● Бесплатен пристап до електронско и мобилно банкарство.
● SmartSend – брзо и едноставно префрлање средства со еден клик на контактите од телефонскиот именик.
● SmartCash – подигање готовина од банкомати на Халкбанк без употреба на картичка.
● Е-касичка – можност за автоматско штедење на „кусурот“ при секое плаќање со картичка.
● Можност за бесконтактно плаќање со Garmin часовници.
● Низа дополнителни промоции и поволности специјално наменети за младите.
А за да го одбележи стартот на оваа иницијатива, Халкбанк подготви изненадување за првите 50 студенти кои до 3 октомври ќе отворат HalkEZ пакет. Овие лица ќе добијат кредит од 600 денари преку платформата „Корпа“ како мал знак дека несовршениот почеток може да биде и охрабрувачки.
„Младите растат преку несовршените моменти. Затоа, сакаме да им кажеме дека е во ред да се соочуваат со гафови и хаос, зашто токму тие моменти, во иднина ќе ги изградат во силни личности што ќе знаат да се справат со секакви ситуации. А HalkEZ е тука да им го олесни првиот чекор во светот на банкарството и да им даде поддршка што се вклопува во нивниот стил на живот,“ велат од Халкбанк.
Со HalkEZ банкарскиот пакет за млади на возраст од 16 до 24 години, тие добиваат партнер што ќе ги следи во секојдневните предизвици, средношколските денови и првиот ден на факултет, па сè до моментите кога ќе се чувствуваат самостојни. Несовршено совршено, како и нивното секојдневие.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Бујар Османи: Секое маало ќе има минимум два паркинга, бесплатен и со плаќање

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на прес-конференција ја претстави својата стратегија за решавање на хроничниот недостиг од паркинг-места, предупредувајќи дека општината е пред целосен колапс.
„Чаир е задушен, претворен е во општина на автомобили. Едноставно нема простор, улиците се претворени во паркинзи, тротоарите се претворени во паркинзи, и веќе нема слободни тротоари во Чаир. Дури и парковите почнаа да се полнат со автомобили. Граѓаните секојдневно живеат во анксиозност и стрес, а од разговорите со нив дознавам дека некои дури размислуваат да се иселат поради овој хаос“, изјави Османи.
Тој ја претстави краткорочната стратегија, која предвидува создавање паркинг-зони во секое маало, креирана во соработка со реномираниот светски архитект, Мишел Ројкинд.
„Во урбанизираните делови, во секоја улица, во секое маало да има најмалку по два паркинга: едниот бесплатен, другиот со наплата. Во првиот случај, општината ќе купи двор, куќа или простор и ќе го претвори во бесплатен паркинг.
Во вториот случај, граѓаните можат да ги отстапат своите дворови или куќи, а општината ќе им помогне да ги претворат во паркинзи со кои ќе стопанисуваат, во форма на приватно или јавно-приватно партнерство со општината, и тие ќе бидат со наплата“, појасни Османи.
Овој модел најдобро може да се примени во урбанизираните делови како што се Серава, Гази Баба, Дижонска, Дуканџик и Тенеќе Маало кои се посебно задушени од автомобили и потребно е нивно ослободување.
„Ја измапиравме целата карта на Чаир, ги идентификувавме зоните и решенијата што може веднаш да се применат. Време е Чаир да стане општина на луѓето, а не на автомобилите“, порача Османи.
Соопштенија
Шукова: За 15 месеци, 15 нови паркови во Скопје

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, денеска беше во посета на Општина Аеродром каде зборуваше за неисполнетите ветувања за изградба на парк, но и ја најави својата визија за позелено и поурбано Скопје.
„Денеска се наоѓаме на локација каде што требаше да никне ултрамодерен парк. За жал, и по четири години, оваа површина остана необработена. Аеродром, некогаш една од најзелените општини во Скопје, денес е во запуштена состојба“, изјави Шукова.
Таа нагласи дека запоставеност на зеленилото не е само локален проблем на Аеродром, туку за жал, опфаќа голем дел од скопските општини.
„Мојата визија е Скопје што позелено, но и со одржување не само со градење на нови паркови кои потоа ќе бидат оставени на забот на времето. Затоа во мојата програма предвидуваме изградба на 15 нови паркови за 15 месеци, но и сериозна рехабилитација на постојните зелени површини“, потенцираше Шукова.
Парковите, како што најави, нема да се градат исклучиво во центарот, туку и во урбаните населби и периферијата таму каде што најмногу недостига зеленило.
„Имаме мапирање на 15 локации дел ќе бидат нови паркови, дел целосно ќе се ревитализираат. Најмногу ќе се фокусираме таму каде што урбанизацијата е најголема и каде што зеленилото најмногу фали“, додаде таа.
Шукова нагласи и дека унапредувањето на зелената инфраструктура е директно поврзано со намалување на загадувањето.
„Знаеме дека Скопје е меѓу најзагадените градови во Европа. Зелените површини се природен филтер за ПМ-честичките и мора да станат приоритет. Парковите не се луксуз тие се неопходност за здравје и квалитет на живот“, рече таа.
Во програмата на Шукова се предвидени и мерки за поддршка на домаќинствата во борбата против аерозагадувањето, вклучително и бесплатни филтри за оџаци.
Соопштенија
Стојкоски: Ѓорче Петров добива пет нови детски градинки

Ѓорче Петров добива пет нови детски градинки, изјави кандидатот за градоначалник на Општина, Ѓорче Петров, од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Стојкоски.
„Нова детска градинка во Дексион. Проект којшто го најавувам подолго време, а денеска го потпишав Договорот, почнуваме со изградба веднаш. Покрај оваа детска градинка, во моментов ја градиме и детската градинка во Стопански двор, тоа е во напредната фаза. Со тоа го зголемуваме капацитетот за сместување за дополнителни најмалку 220 деца, на ниво на општината Ѓорче Петров. Дополнително, во нашата изборна програма ветувам изградба на уште три детски градинки, вкупно 5 детски градинки во наредниот мандат. Две во населбата Диво Маало, и во близина на Македонска војска и една за жителите на населбата Александрија“, рече Стојкоски.