Соопштенија
Трајановски ветува решенија за инфраструктурата во општина Аеродром

Аеродром се соочува со сериозни инфраструктурни предизвици, сообраќаен метеж, недостиг од паркинг-простор и небезбедни пешачки и велосипедски патеки. Нашата програма нуди решенија, а не празни зборови, изјави Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на Општина Аеродром од СДСМ.
„Во соработка со Град Скопје ќе ја завршиме изградбата на булевар АСНОМ и ќе обезбедиме нови коридори за поврзување со соседните општини, вклучително и нова сообраќајница меѓу Аеродром и Кисела Вода, како и реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“ и нејзините краци. Дополнително, во секој дел од Аеродром планирани се локални реконструкции и проширувања: целосна реконструкција на споредни улици во Горно и Долно Лисиче, ново уредување на паркинг-просторите зад ТЦ „Скопјанка“ и ТЦ „Бисер“, како и во Ново Лисиче. Предвидуваме реконструкција на сите сервисни улици со воведување „зона 30“, што ќе значи поголема безбедност за пешаците и велосипедистите. Нови велосипедски патеки и воспоставување на нулта толеранција за паркирање на тротоари и пешачки патеки. Поставуваме нови семафори кај сите училишта за максимална заштита на децата. Реорганизацијата на паркирањето ќе се решава преку изградба на паметни паркиралишта и катни гаражи, со принципи на одржлива урбана мобилност. Ова се решенија што директно ќе влијаат врз секојдневието на нашите граѓани: побезбеден сообраќај, поуредени улици и поголема мобилност за сите“, рече Трајановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Ружински: Изработка на нов генерален и детален урбанистички план за Берово

Изработка на нов генерален и детален урбанистички план за Берово најави Петар Ружински, кандидат за градоначалник на Општина Берово од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Плановите по кои се развива нашето Берово се стари повеќе од 30 години, уште од 1992 година. Тие веќе не одговараат на нашите потреби и се причина за урбаниот хаос и проблемите со кои се соочуваме секојдневно. Затоа, изработката на комплетно нов генерален и детален урбанистички план е наш клучен приоритет. Ова значи дека конечно ќе ставиме ред. Ќе дефинираме каде има нови паркови и зеленило, каде ќе се градат улици, паркинзи и како ќе го заштитиме највреден ресурс, природата. Ова е темелот за паметен и одржлив развој“, рече тој.
Соопштенија
Филипче: Аеродром не заслужува да изгледа како депонија

Аеродром не заслужува да изгледа како депонија. Време е за промена и затоа нашиот кандидат е Александар Трајановски,“ изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, при денешната посета на општината заедно со кандидатот за градоначалник на Аеродром, Александар Трајановски и кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова.
„Ѓубре насекаде, околу контејнерите, корпите искршени, ѓубре на зелените површини, за жал тие не искосени, ниту едно ветување неостварено. Прво, од страна на Тимчо Муцунски, кој што избега општината, понатаму на неговиот наследник Дејан Митевски за којшто стварно не знам како може да се кандидира и да ветува некакви работи, кога сега општината нема апсолутно никаква среденост, нема содржини за млади, нема нова урбана опрема. Старата е искршена, општината не личи буквално на ништо.“ додаде тој.
„Го предлагаме Александар Трајановски за кандидат за градоначалник, човек што има своја визија, кој што е докажан професионалец, што и да работел, дека знае да работи и да изменаџира, и верувам дека граѓаните на општината Аеродром тоа ќе го препознаат и ќе го дадат гласот и ќе има конечно, средена, чиста општина, така како што заслужуваат.“ потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Соопштенија
Бујар Османи: Секое маало ќе има минимум два паркинга, и бесплатен и со плаќање

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на прес-конференција ја претстави својата стратегија за решавање на хроничниот недостиг од паркинг-места, предупредувајќи дека општината е пред целосен колапс.
„Чаир е задушен, претворен е во општина на автомобили. Едноставно нема простор, улиците се претворени во паркинзи, тротоарите се претворени во паркинзи, и веќе нема слободни тротоари во Чаир. Дури и парковите почнаа да се полнат со автомобили. Граѓаните секојдневно живеат во анксиозност и стрес, а од разговорите со нив дознавам дека некои дури размислуваат да се иселат поради овој хаос“, изјави Османи.
Тој ја претстави краткорочната стратегија, која предвидува создавање паркинг-зони во секое маало, креирана во соработка со реномираниот светски архитект, Мишел Ројкинд.
„Во урбанизираните делови, во секоја улица, во секое маало да има најмалку по два паркинга: едниот бесплатен, другиот со наплата. Во првиот случај, општината ќе купи двор, куќа или простор и ќе го претвори во бесплатен паркинг.
Во вториот случај, граѓаните можат да ги отстапат своите дворови или куќи, а општината ќе им помогне да ги претворат во паркинзи со кои ќе стопанисуваат, во форма на приватно или јавно-приватно партнерство со општината, и тие ќе бидат со наплата“, појасни Османи.
Овој модел најдобро може да се примени во урбанизираните делови како што се Серава, Гази Баба, Дижонска, Дуканџик и Тенеќе Маало кои се посебно задушени од автомобили и потребно е нивно ослободување.
„Ја измапиравме целата карта на Чаир, ги идентификувавме зоните и решенијата што може веднаш да се применат. Време е Чаир да стане општина на луѓето, а не на автомобилите“, порача Османи.