Соопштенија
Коцев: Ќе ставиме акцент на туризмот, Зрновци ќе добие етно парк, современ туристички и културно-рекреативен комплекс

„Зад нас е период во којшто реализиравме огромен број проекти, во изминатите четири години заедно изградивме, заживеавме многу нешта. Заедно изградивме силна, посветена и обединета приказна за нашата општина Зрновци“, истакна кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Борчо Коцев на денешниот митинг во Зрновци кој е во рамки на кампањата за локалните избори која се води под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.
Коцев посочи дека изминатиот мандат има изградено нови локални патишта, реконструирано улици, како и спортски и културни центри.
„Изградивме нови локални патишта, реконструиравме дваесетина улици, асвалтиравме и проширивме значителни раскрсници, обезбедивме нови паркинг простори на повеќе локации. Жителите добија безбедни улици, земјоделците современ пристап до земјоделски земјишта, а општина Зрновци нов модерен урбан лик. Со новите тротоари и бетонирани пешачки патеки, добивме проширување на улиците, сигурна зона за пешаците, уреден административен влез на општина Зрновци, но уште поважно добивме нов дух и енергија“, посочи Коцев.
Коцев истакна дека во новиот мандат со уште поголема одговорност, Зрновци ќе продолжи да се развива и да оди напред како и дека ќе претставува пример за развој, урбанизација и квалитетен живот.
„Во новиот мандат продолжуваме уште посилно, со уште поголема одговорност и со појасна визија, да ја направиме општина Зрновци пример за развој, урбанизација и квалитетен живот“, вели Коцев.
Тој додаде дека новата програма е сеопфатна и опфаќа инфраструктура, комунални услуги, како и земјоделие, образование, социјална заштита, па се до култура, туризам и екологија. Коцев го претстави проектот етно парк кој ќе претставува уникатен спој на македонската етно традиција со модерни содржини, создавајќи простор за сите генерации и отворајќи нови перспективи за економски развој на општината.
„Проектот претставува уникатен спој на македонската етно традиција со модерни содржини, создавајќи простор за сите генерации и отворајќи нови перспективи за економски развој на општината. Етно паркот ќе вклучува: детско игралиште со современи и безбедни реквизити, велосипедски полигон за деца, сместувачки капацитети,ресторанот со етно кујна и дегустации на локални производи, летна сцена за настани, концерти и манифестации, летна бавча со фонтана“, истакна Коцев.
На крај, Коцев порача граѓаните на 19 октомври да гласаат за својата иднина, за проекти и дела и ги повика да излезат масовно и обединето да гласаат за бројот 9, за него и за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ве повикувам на денот на изборите 19 Октомври да излеземе масовно да гласаме за Твојот Човек, за Твоето Место, За Твојата Иднина, да гласаме за развој за развој и просперитет на општина Зрновци, за ВМРО-ДПМНЕ, да гласаме за Македонија“, заклучи Коцев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
(Видео) Филипче од Аеродром: Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја води државата во економски колапс

Со катастрофални економски политики, Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја води државата во целосен економски колапс, истакна Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, што се одржа во скопската општина Аеродром.
„Економските политики се катастрофални, просечната плата три месеци се намалува, за повеќе од половина се намалени странските инвестиции, паѓа индустриското производство, се намалува бројот на вработени“, рече Филипче.
Тој предупреди дека сериозно е влошена состојбата со ликвидноста на илјадници компании кои се доведени во криза и доцнат со исплата на плати.
„Околу 12.000 фирми доцнат со исплата на платите. Повеќе илјади фирми чекаат поврат на ДДВ, а во наше време тоа се исплаќаше во истиот ден и час кога требаше да се случи. Сериозно е нарушена ликвидноста на компаниите, стопанството, поради тоа што државата и општините не ги вршат навреме исплатите.“
Во обраќањето, Филипче нагласи дека власта ги изневери сите граѓани, вклучително и пензионерите.
„Денеска на виделина излезе уште една лага, а тоа е за пензионерите – само 1.000 денари зголемување. Над 97% од вкупниот број на пензионери кои сега земаат само 1.000 денари, требаше по нашата методологија да земат 2.000 денари“, рече Филипче.
На граѓанската трибина тој порача дека не постои ниту една област во која ВМРО-ДПМНЕ може да се пофали со резултати.
„Ваква ненародна Влада, мислам дека држава, нема една сфера во која што е добро. Нема еден проект, една работа за која може да се пофалат“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Овој хаос, како што кажа Филипче е резултат на нефункционалната и незаинтересирана Влада на ВМРО ДПМНЕ.
„Тоа е само доказ за една незаинтересираност и некапацитетност на оваа Влада која нема намера да направи и да имплементира ниту една политика во интерес на граѓаните и државата.“ рече Претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Соопштенија
(Видео) Трајановски: Целосно ќе го запреме урбанистичкиот терор и бетонизацијата во Аеродром

Кандидатот за градоначалник на општина Аеродром, д-р Александар Трајановски, на денешната трибина ги презентираше своите планови за целосна трансформација на општината, од чиста и зелена средина, дигитализирано образование до воведување локален сервис за парамедицинска помош.
„Заслужуваме чиста и зелена општина во која достоинствено ќе живееме!“, порача Трајановски, најавувајќи реформа на комуналните служби со зголемување на плати, нова опрема и редовно миење улици. „Аеродром мора темелно да се исчисти. Нема човек кој не се согласува со ова.“
Трајановски потенцира дека „вечерва ставаме крај на едно крајно недомаќинско и неодговорно управување со Општина Аеродром“. Тој истакна дека ќе стави крај на „жолтите и неискосени тревници, ѓубрето на секој чекор и отровниот воздух што не труе и нас и нашите деца”. Појаснувајќи дека Аеродром не смее да стане уште една скопска депонија, тој повика граѓаните да се борат за својот дом. „Аеродром е нашиот дом, и повторно ќе биде наша скопска гордост“
Трајановски најави изградба на две нови градинки во Мичурин и Ново Лисиче и проширување на постојните, со цел да се реши проблемот со листите за чекање.
„Нема да дозволиме нови висококатници во најгусто населените делови. Целосно ќе го запреме урбанистичкиот терор и бетонизацијата“, порача Трајановски, додавајќи дека наместо тоа, општината ќе добие повеќе зеленило, игралишта и СМАРТ осветлување.
Во сообраќајот најави воведување „зона 30“ на сервисните улици, нови паркиралишта и катни гаражи. Во образованието најави дигитализација и укинување собирање средства од родителите за основни потреби.
Во здравството најголем новитет е воведување локален сервис за парамедицинска помош, што според него е потребно заради долгите чекања на брзата помош.
Посебен акцент стави на младите, формирање Фонд за млади и изградба на културен центар со кино, театар и изложбен простор.
Покрај тоа, најави изградба на нова општинска зграда за поефикасно да им се служи на граѓаните, како и подобрување на инфраструктурните врски со соседните општини.
„Мојот МЗТ, нашата аеродромска гордост, мора повторно да победува преку враќање на младинската школа и трајно решавање на проблемот со финансирањето “, рече Трајановски, повикувајќи ги граѓаните на 19 октомври да го заокружат бројот 5.
Соопштенија
Мицкоски: Димче и Левица обработуваат за новиот стопан Али, затоа имаат кандидати во Струга и Тетово, а не и во Велес и Штип

На денешниот народен митинг во Виница претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски посочи дека на отворена сцена се гледа една непринципиелна помеѓу Левица и ДУИ којашто е многу опасна.
Мицкоски посочи дека во минатото ги видовме активистите и членовите на оваа политичка партија Левица како дел од така наречената Шарена револуција кога уништуваа, фарбаа, палеа државен имот, кога уриваа држава.
„На отворена сцена гледаме како има една непринципиелна коалиција која мораме да ја изнесеме на чистина. Тоа е коалиција којашто ја направија ДУИ и политичката партија Левица, тоа е коалицијата која ја направија Али Ахмети и Димче Апасиев. Оваа коалиција е многу опасна. Зошто? Затоа што во минатото ги видовме активистите и членовите на оваа политичка партија Левица како дел од така наречената Шарена или обоена револуција кога уништуваа, бојадисуваа, палеа државен имот, кога уриваа држава. Ги видовме понатаму како добиваат скапо платени хонорари од СЈО, последно време сведоци сме како влечат партиски пари за личните удопства и луксузи коишто ги имаат“, рече Мицкоски.
Мицкоски се наврати и на кажувањата на Зоран Заев од минатото како на собраниската говорница му се обраќа на Димче Апасиев и му вели, пред едни избори, нели јас и ти се договоривме јас да ти обезбедам ресурси, јас да ти обезбедам средства за да добиеш некој глас повеќе, за да добиеш некое удопство повеќе, а потоа после изборите да бидеме заедно во коалиција и да ја спасувале, како што тој кажа, Македонија од ВМРО-ДПМНЕ и од Христијан, на што Апасиев ја наведна главата и си замина од собраниската сала.
„Денес ги гледаме истите овие од Левица со нов стопан. Но, овој стопан е од Зајас, се вика Али Ахмети, па ќе видите како низ Македонија во општини каде што, апсолутно, немаат ниту теоретски шанси да освојат градоначалник, тие кандидираат кандидати за градоначалници, како Тетово, како Гостивар и Струга“.
Мицкоски порача, „ако се чувствуваат толку силни и веруваат во себе, зошто не кандидираа кандидат за градоначалник во родниот град на Димче, во Велес или пак во родниот град на вториот по важност во Левица, Крмов во Штип“.
„Одговорот е многу едноставен. Тие се таму прокси улога на потребите на ДУИ и имаат за цел да ги акумулираат анти ДУИ, анти Али гласовите, со цел да му удоволат на нивниот нов стопан Али Ахмети и ДУИ“, посочи Мицкоски.
Затоа, повика Мицкоски, на 19 октомври македонските граѓани имаат историска можност да излезат масовно низ цела Македонија да го заокружат бројот 9 и да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за вистинскиот избор, за твојот човек, твоето место, за твојата иднина.