Македонија
В недела посебен режим на сообраќај во Скопје поради одржување на „Скопскиот маратон 2025“

На 05. октомври, недела, со почеток во 08:00 часот, ќе се одржи „Скопскиот Маратон 2025“ со следните траси на движење: траса на движење на трката од 5км – Старт на ул.„11-ти Октомври“ (кај зелен пазар), право по ул.„11-ти Октомври“, лево по бул.„Крушевска Република“, десно по бул.„3-та Македонска Бригада“, полукружно на крстосница помеѓу бул.„3-та Македонска Бригада“ и ул.„Васко Карангелевски“ и по истата траса назад до целта – Плоштад „Македонија“ на ул.„11-ти Октомври“ и траса на движење на маратонот, полумаратонот и штафетната трка (по наведената траса за штафетната трка и маратонот натпреварувачите се движат 2 пати) – Старт Собрание на РСМ на ул.„11-ти Октомври“, право кон „Рекорд“ односно по ул.„Димитрие Чуповски“, право по ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“, право по ул.„Војвода Васил Чакаларов“, се до крстосница со ул.„Ангел Динев“ каде се врти полукружно назад по истата траса се до Собрание на РСМ на ул.„11-ти Октомври“ и се продолжува право по ул.„11-ти Октомври“, лево по бул.„Крушевска Република“, десно по бул.„3-та Македонска Бригада“, лево по ул.„Васко Карангелевски“, десно по бул.„Јане Сандански“ се до крстосница со бул.„Србија“ каде се врти полукружно и во истата коловозна лента назад по бул.„Јане Сандански“ се до крстосница со бул.„Кузман Јосифовски Питу“ каде се врти полукружно назад во истата коловозна лента до крстосница со ул.„Васко Карангелевски“, десно по ул.„Васко Карангелевски“, десно по бул.„3-та Македонска Бригада“, лево по бул.„Крушевска Република“, десно по ул.„11-ти Октомври“ до целта- Плоштад Македонија.
Од тие причини Единица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде ќе се одвива настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во прекин сообраќајот на патот Никифорово – Леуново – Бунец поради врнежи од снег

Сообраќајот на регионалниот пат Никифорово – Леуново – Бунец е во прекин поради врнежи од снег и паднати дрва на коловозот, се интервенира за негово расчистување, информира АМСМ.
Од 12:40 часот е укината забраната за ТМВ на регионалниот пат Маврово – Дебар.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Во руралните подрачја недостасуваат 52 матични лекари

Фондот за здравствено осигурување информира дека во руралните подрачја недостасуваат 52 матични лекари.
„Во моментот од 96 планирани матични лекари во рурални подрачја, функционираат 44, а недостасуваат 52“, изјави директорот на Фондот, Сашо Клековски.
Тој најави дека Фондот има намера да спроведе измени на Правилникот ќе овозможат дополнителна либерализација на критериумите, отстранување на постојните пречки и олеснување на отворањето нови ординации во руралните средини каде што се најпотребни.
„Во рамки на оваа иницијатива, Фондот ги повикува: матичните лекари кои веќе работат во рурални ординации; докторите заинтересирани да работат во рурални средини, но ограничени од моменталните услови во Правилникот; и жителите на руралните подрачја, да ги достават своите мислења, предлози и сугестии за измените на Правилникот. Предлози може да се испратат до 1 ноември 2025 година на е-пошта: [email protected]. Сите пристигнати предлози ќе бидат внимателно разгледани од посебна комисија задолжена за подготовка на измените. Доколку се во согласност со законската регулатива, предлозите ќе бидат вградени во новиот Правилник или ќе послужат како основа на измени на законската регулатива“, рече Клековски.
Македонија
До 15 октомври сите дефекти на мрежата за централно греење ќе бидат остранети, објави Владата

По серија на ладни и топли проби на топлификацискиот систем настанаа нови пукнатини на два секундарни водови, по што одредени реони во градот, привремено останаа без топлинска енергија на 2 и на 3 октомври. До официјалниот почеток на грејната сезона на 15 октомври, сите дефекти ќе бидат отстранети, велат од Владата.
„Во текот на летниот ремонт, помеѓу двете грејни сезони се вршеше напрегање на дистрибутивната мрежа, активност која била занемарена со години, со цел откривање на дефекти и нивна санација. Во рамките на тие активности, откриени се околу 80 дефекти и истите се целосно санирани. Сепак, староста на мрежата не ја исклучува можноста од појава на нови дефекти, па така по серија на ладни и топли проби на топлификацискиот систем настанаа нови пукнатини на два секундарни водови, по што одредени реони во градот, привремено останаа без топлинска енергија на 2 и на 3 октомври. До официјалниот почеток на грејната сезона, сите дефекти ќе бидат отстранети“, се наведува во соопштението.
Топлинската мрежа, со која управува АД ЕСМ на територијата на градот Скопје, датира од средината на шеесеттите години од минатиот век. Од Владата велат дека доцнењето на инвестициите во оваа застарена инфраструктура во изминатите години, претставува значителен ризик за целокупниот систем за снабдување со топлинска енергија.
„За да се одговори на овие предизвици и да се обезбеди стабилно, долгорочно решение, програмата на Владата вклучува сеопфатни планови за развој, модернизација, ревитализација и проширување на мрежата за централно греење во Скопје. Подобрувањето и надградбата на системот за дистрибуција на топлинска енергија во Скопје се формално внесени во листата за планирање на инвестиции во рамки на Реформската агенда – План за раст за периодот 2024-2027 година, како предлог-инвестициски проект од областа на „Чиста енергија““, велат од Владата.
Од таму додаваат дека оваа голема инвестиција има за цел значително да ја зголеми енергетската ефикасност, што ќе ја подобри целокупната состојба во делот на топлинската енергија, ќе поддржи зголемен конзум, и што е најважно, ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето и зголемена стабилност на електроенергетскиот систем.
„На крајот, модернизацијата и оптимизацијата на системот за централно греење ќе резултираат со поголема енергетска независност и намалена зависност од увоз на електрична енергија. Подготвителните активности за реализација на овој проект се во тек“, велат од Владата.