Македонија
Привремен режим на сообраќај за време на одржувањето на 21. Виз Ер Скопски маратон
Поради претстојното 21. издание на Виз Ер Скопски маратон, што ќе се одржи на 05.10.2025 (недела), а на кој ќе учествуваат рекордни над 14.000 натпреварувачи од 58 земји, во недела ќе важи привремен режим на сообраќај во главниот град. Ова значи дека одредени улици ќе бидат целосно или делумно затворени за сообраќај во периодот на одржување на маратонот, а променетиот режим ќе биде на сила до завршувањето на маратонот, до 14:00 часот.
Целта на сите трки е на Плоштад Македонија. Стартот на маратонската, полумаратонската и штефатната трка e во 08:05 часот пред Собранието на Р. Македонија, додека натпреварувачите на Комерцијална Банка трката на 5 км ќе стартуваат во 08:00 часот во близина на Црвениот крст на РМ и ќе се движат во насока на Аеродром. Сепак, организаторите апелираат тркачите да дојдат барем 20 минути порано. При влез во старт зоната, се апелира секој тркач да влезе во соодветниот бокс за својата трка или таргет време што го има одбрано при процесот на регистрација, сѐ со цел да не се создаваат турканици.
Трасата на Комерцијална Банка 5K трката започнува во близина на Црвениот крст на РМ, право по ул.„11-ти Октомври“, лево по бул.„Крушевска Република“, десно по бул.„3-та Македонска Бригада“, полукружно на крстосница помеѓу бул.„3-та Македонска Бригада“ и ул.„Васко Карангелевски“ и по истата траса назад до целта – Плоштад „Македонија“ на ул.„11-ти Октомври“.
Патеката за маратонската трка, полумаратонот и штафетната трка, ќе стартува на улицата „11 Октомври“ пред Собранието и тргнува во правец кон запад по улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Тркачите ќе трчаат право во двете насоки до крај на овој булевар и продолжуваат право по ул. „Васил Чакаларов“, каде по семафорите во населба Хром, ќе свртат полукружно и ќе се вратат во правец кон центар по истите улици и булевари. Кога ќе се враќаат тркачите кај Собрание, ја продолжуваат трасата по улица „11 Октомври“ кон Црвен Крст и ќе свртат кај Тутунски комбинат лево на бул. „Крушевска Република“ и десно на „Трета Македонска Бригада“. По неа ќе се трча до раскрсницата кај Американ Колеџ и ќе се врти лево по улица „Васко Карангелески“. Потоа ќе трчаат право сѐ до раскрсницата со бул. „Јане Сандански“. На раскрсницата ќе се врти десно и ќе се трча сѐ до раскрсницата со Бул. „Србија“, каде, пред неа се врти полукружно во истата коловозна страна (другата страна од булеварот е слободна за сообраќај во правец кон Центар) и ќе трчаат до пред раскрсницата кај Тобако 2. Тркачите полукружно ќе се враќаат до раскрсницата кај Сансет, ул. „Васко Карангелески“, десно до крај и повторно десно ќе излезат на „Трета Македонска Бригада“. Трчаат по истата патека до Собрание, со тоа што полумаратонците финишираат на Плоштад Македонија, а маратонците трчаат уште еден круг.
За време на одржувањето на маратонот сообраќајот ќе биде пренасочуван по околните улици, при што МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници долж трасите на движење и навремено да го планираат своето движење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

