Македонија
(Видео) Кузеска: Владата на Мицкоски склучила договор за надзор со ИРД Инженеринг, истата фирма за која велеа дека е епски криминал
Со фирмата ИРД Инженеринг, за која велеа дека е епски криминал и сомнителна, владата на Христијан Мицкоски склучила Договор за надзор, рече денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. Таа кажа дека договорот е склучен на 19 септември годинава, помеѓу македонски Желеници и ИРД Инженеринг и е вреден 55 илјади евра.
„Кога беа опозиција, Мицкоски, Николовски, Стојановски, цело ВМРО-ДПМНЕ држеше секојдневни прес конференции со обинувања за ИРД Инженеринг, фирмата надзор за автопатите од страна на Бехтел Енка. Ова за ВМРО-ДПМНЕ беше „епски криминал“ „лош надзор“ „сомнителна компанија“. Јавно на прес конференции целиот партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ бараше реакции од Обвинителството, обвинуваа дека оваа фима, ИРД Инженеринг е „симбол на злоупотреби и партиски зделки“. Лично Мицкоски зборуваше за „нов голем епски криминал“ и бараше кривична одговорност. Највуваа раскинување на договорот, репреговарање, што ли уште не. Тоа беше ВМРО-ДПМНЕ во опозиција. Денеска гледаме дека се ова било лага до лага.
Наместо истрага – договор. Наместо одговорност – соработка. Ова е врв на политичко лицемерие, театар за јавноста во режија на Мицкоски и ДПМНЕ“, истакна Кузеска.
Таа побара Мицкоски јавно да излезе и да им се извини на граѓаните за, како што рече, сите негови лажни изјави, а Николовски да одговори зошто е склучен договор со ИРД Инженеринг.
Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа што секоја фирма може да добие тендер говори дека институциите се слободни, а постапките транспарентни, а не наместени како со СДС.
ИРД не е фирмата на Сотир Ампов, ниту фирмата која од фирма за долна облека станала надзор, туку фирмата која била во конзорциум со истата.
Тоа што МЖ Инфраструктура овозможила фер и транспарентна постапка во која може да добие и фирма со која СДС ја искористила во правење на разни бизнис шеми говори за тоа дека директорите во институциите поставени од ВМРО-ДПМНЕ не се занимаваат со местење тендери на подобни или неподобни фирми.
Сите фирми имаат еднакви шанси да бидат избрани доколку условите кои ќе ги понудат се конкурентни.
А што се однесува за фирмите на Сотир Ампов, Електра солушн и Институт за патишта, остануваме на нашите ставови и очекуваме ЈО да постапи“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ: Оневозможувањето полагање на правосудниот испит на албански јазик е основа за кривична одговорност
Оневозможувањето полагање на правосудниот испит на албански јазик повеќе не е административно прашање. Ова веќе претставува пречка во спроведувањето на законот и отвора основа за кривична одговорност, велат од ДУИ.
Според партијата, правосудниот испит е во директна надлежност на Министерството за правда и непреземањето мерки за обезбедување полагање на испитот и на албански јазик претставува свесно непостапување по законска обврска.
Од ДУИ велат дека со тоа се создава основ за одговорност за злоупотреба на службената положба и овластување, и несовесно вршење на службената должност, кога службено лице, со пропуст или одбивање, им ускратува законско загарантирано право на граѓаните.
„Дополнително, ограничувањето на употребата на албанскиот јазик во државна постапка претставува повреда на правото на употреба на јазикот, а јавното релативизирање на тоа право создава атмосфера на исклучување и содржи елементи на поттикнување нетолеранција на меѓуетничка основа, што е санкционирано со Кривичниот законик“, велат од ДУИ.
Од партијата бараат Инспекторатот за употреба на јазиците веднаш да спроведе инспекциски надзор за правосудниот испит и да покрене постапки за прекршок против Министерството за правда и одговорните лица.
„Јавното обвинителство да утврди дали постојат елементи за кривично гонење за злоупотреба на службена положба, непостапување по службена должност и поттикнување нетолеранција. Министерот за правда да сноси лична одговорност за секое дејствие или пропуст со кој се попречува спроведувањето на законот. Законот е јасен. Неговата примена не е избор. Секое попречување има правни последици“, велат од ДУИ.
Македонија
Трендафилов обвини дека му ги следат децата, ВМРО-ДПМНЕ му одговори да не глуми жртва на политички прогон
Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, денеска остро реагираше по објавеното видео со неговите деца од страна на пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО – ДПМНЕ. Тој изјави дека нема да дозволи, како што рече, монструмите кои седат во пратеничките клупи и кои снимаат малолетни деца да го заплашат и ги повика надлежните да го решат случајот.
„Нема да потклекнам. Нема да се предадам сѐ додека не ги зголемат работничките плати. Но ќе дозволите да зборувам за монструмите оние кои не се под детските кревети, туку оние кои седат во пратеничките клупи, кои снимаат малолетни деца. Монструмите не се само на телевизија, тие се околу сите нас. Министерот за внатрешни работи и обвинителството треба веднаш да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојаноска. Истата Дафина која некои ја знаат како богаташка, која ги објави моите деца за да може сите да ги оцрнуваат и да ме уценуваат“, рече Трендафилов.
Тој смета дека со објавување на неговите деца, некој се обидува да го заплаши.
„Мислејќи дека ако ме следат и преку објавувањето на моите деца ќе ме заплашат. Се случија големи катастрофи со деца. Не сакам да верувам дека целта ѝ било тоа“, рече Трендафилов.
Тој кажа и дека премиерот наместо да дава изјава дека е само почеток со заканите кон неговите деца и неговото семејство, треба да даде оставка или најмалку да ја разреши пратеничката Стојаноска.
„Во нормална држава, владата за вакви работи паѓа“, рече Трендафилов.
Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа на Трендафилов да не глуми жртва на политички прогон и доколку смета дека му е загрозена приватноста да пријави во надлежните институции.
„Фијаското на протестите на ССМ и Трендафилов пред Собранието, како и обелоденување на партиската позадина која стои зад протестите, се причина за огромната нервоза на Слободан Трендафилов, кој сака да се претстави како жртва на политички прогон. Трендафилов користејќи ја ситуацијата на жртва, призна дека има 57.000 денари плата, како и дека користи службено возило“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека според нивни сознанија, Трендафилов добива дополнителни финансиски средства во форма на бонуси и додатоци.
„Доколку Трендафилов смета дека му е загрозена приватноста, нека пријави во надлежните институции. Дополнително, го советуваме Трендафилов, помалку да ги слуша советите од Филипче, а повеќе да се интересира за интересите на работниците. ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе работи на зголемување на платите во сите сектори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Подзаконскиот акт за канабис во колизија со законот, власта на СДС го донела спорниот правилник
Познанството со Зоран Заев и Венко Филипче, како и блискоста со СДС биле најважен критериум за апликантите за добивање на лиценца за медицински канабис, вели Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ,
Според него, не можел кој било да извади таква лиценца, затоа што тоа било резервирано за луѓето блиски до кланот Заеви и до Филипче и затоа, како што вели, во струмичкиот регион во Македонија има најмногу фабрики за марихуана за медицински цели.
„За да им тече бизнисот и да ги вртат милионите, Заев и Филипче во 2020 година планираа целосно легализирање на марихуаната и со тоа сакаа Македонија да ја прават светска туристичка атракција. За среќа на граѓаните, овој обид не им успеа, а сега гледаме и која им била целта. Дека ова било планирано во главите на Заев и Филипче, се гледа во подзаконскиот акт, односно Правилникот за одгледување на канабис за медицински цели, донесен во времето на власт на СДС, кој е во колизија со законот, затоа што се дозволува да се произведува цвет од канабис кој не ги задоволува ГМП нормите. Со ова, логично е дека со неговото користење или во процесот на екстракција, маслото кое се произведува не може да биде лиценцирано, а најмалку да се најде во промет. Ги прашуваме Заев и Филипче, кој бил мотивот за ова? Зошто е направен подзаконски акт кој е во колизија со законот и со самото тоа овој процес е незаконски? Дали на Заев и Филипче целта им била продавање на канабис на црниот пазар? Затоа ли Заев и Филипче овие денови се толку испаничени? Затоа ли Заев излезе да го брани неодбранливото, додека во тоа време Филипче се упати кон Грција да се види со него? И дали Заев и Филипче стојат позади промената на Правилникот?“, праша Петрушевски.
Тој повторно побара обвинителството да го истражи случајот до крај.

