Македонија
(Видео) ЗНАМ ги претстави целите за спортот во Куманово од програмата за идниот мандат
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија денеска пред медиумите ги претстави зацртаните цели за спортот во Куманово од програмата за идниот четиригодишен мандат.
Куманово е град кој отсекогаш пулсирал со спортски дух. Од салите и игралишта произлегле генерации талентирани спортисти, шампиони и идоли на младите. Градот кој ги изнедри освојувачите на олимписки медали и светски европски шампионати, Аце Русевски, Реџеп Реџеповски, Бранимир Јовановски и многу други, повторно ќе раѓа нови спортски јунаци.
„Тоа се наши херои кои со гордост го носеле името на градот и на државата на Олимпијадите и на светските натпревари. Овде спортот не е само рекреација или натпревар, туку начин на живот – симбол на заедништво, борбен дух и гордост за целиот град. Во изминатите осум години докажавме дека знаеме да вложуваме во спортот и младите. Го реконструиравме најголемиот спортски објект во градот – Спортската сала, која денес е целосно обновена со професионален под по ФИБА стандарди, со модерно озвучување, осветлување, семафори и нови реквизити. Сала која е вистински дом за нашите спортисти и инспирација за новите генерации“, изјави кандидатот за советник од листата на Движењето ЗНАМ, Синиша Филиповски.
Во претходниот период изградени се и обновени спортски игралишта во повеќе населби, создадени се услови за стотици деца и млади за секојдневно да тренираат, да се развиваат и да растат во здраво опкружување. Поддржани се повеќе од педесет спортски клубови, организирани се стотици спортски настани.
Во следниот период, рече Филиповски, ќе се вложи уште повеќе во:
• Нови спортско-рекреативни комплекси и модерни игралишта во сите делови на градот.
• Велосипедски и трим-патеки, street workout зони и адреналински парк за младите.
• Проширување на програмите за стипендии и награди за талентирани спортисти и ученици.
• Услови за спорт и рекреација во секое училиште, со функционални сали, уредени дворови и училници на отворено.
Понатаму, потенцираше тој – целосно ќе се реконструира храмот на спортот Соколана – проект кој веќе е во тек. Ќе се постави и нов систем за греење и ладење за Спортската сала А, ќе се направи и реконструкција на спортскиот комплекс во поранешниот Дом на АРМ со мултифункционално игралиште, опрема и трибини. Дополнително, планирана е обнова и доопремување на спортските сали во повеќе училишта во градот и околните места што и припаѓаат на општината. Нашата заложба, нагласи Филиповски, е спортот да биде достапен за сите – за децата, за младите, за професионалците и за постарите генерации. Спортот обединува, гради тимски дух и нè учи на фер игра.
Куманово заслужува спортска инфраструктура која ќе одговара на неговиот потенцијал, спортски клубови кои ќе растат и ќе се натпреваруваат со најдобрите, генерации што ќе израснат здрави, дисциплинирани и горди на својот град. Куманово е и ќе остане град на спортот. Тоа е визијата, но и цел и обврска во истовреме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

