Соопштенија
Грозданов: Современа противпожарна опрема и функционална хидрантска мрежа во Кочани

Современа противпожарна опрема за сите пожарникари и функционална хидрантска мрежа во Кочани ветува Владко Грозданов, кандидат за градоначалник на општина Кочани поддржан од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во наредниот четиригодишен мандат, јас како кандидат за градоначалник, заедно со носителот на листата на советници, најавуваме зајакнување на капацитетите за заштита и превенција од пожари. Тоа значи грижа за граѓаните, шумите, инфраструктурата, односно безбедноста на целиот град. Набавка на современа противпожарна опрема за сите пожарникари, набавка на навално возило и противпожарни цистерни. Ревизија и оспособување на градската хидрантска мрежа, ревизија и оспособување на станбената хидрантска мрежа. Усогласување на бројот на вработени според законската регулатива“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Атанасов: Гевгелија ќе биде град што дише со своите луѓе и работи за граѓаните

Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Миле Атанасов, од трибината во Гевгелија ја побара довербата од граѓаните ветувајќи подобра иднина на градот, но и борба за достоинствен живот на своите сограѓани и решавање на нивните потреби.
„Гевгелија не е само град, Гевгелија е љубов, семејство, живот. Ќе се борам за секој наш сограѓанин, за пензионерот, за младите кои сонуваат да останат тука, за секое село. Во мојот мандат Гевгелија ќе биде врата од градот што ќе дише со своите луѓе, со својата убавина и со својата енергија,“ порача Атанасов.
Тој ја побара довербата од граѓаните и во својата програма и план за Гевгелија најави изградба на современ и модерен парк, зелена оаза на градот, нова спортска арена, мултимедијален центар за младите, Јужен булевар и катна гаража во центарот на градот.
„Посебно внимание посвети на новата населба за ранливите категории: Сум ги сретнал тие луѓе и сакам да им порачам дека таа нивна надеж ќе ја претвориме во нов почеток. Ќе изградиме нова населба со 36 домови. Секој дом ќе биде доказ дека оваа заедница не заборава, дека достоинството е право на секој човек,“ порача Атанасов.
Кандидатот најави и бесплатен оброк за учениците, бесплатен престој во градинките и ново транспортно претпријатие за поврзување на сите населени места.
„Ќе го решиме и деценискиот проблем со загадувањето, затоа што здравјето нема цена. Но, се обврзавме јавно и со изјави дека во општина Гевгелија во нашиот мандат никогаш нема да бидат доделени концесии за изградба на хидроцентрали, концесии за изградба на рудници, ниту ќе дозволиме мигрантски камп во општината,“ додаде тој.
„Ве повикувам, мои сограѓани, да се обединиме и заедно да го изградиме градот каков што го заслужуваме,“ порача Миле Атанасов.
Соопштенија
Лукароска: ДПМНЕ и нивните кандидати за градоначалници и советници забораваат дека во политиката треба да се има и лице

Обземени од желбата за власт, но и исплашени од нејзиното губење, ДПМНЕ и нивните кандидати за градоначалници и советници забораваат дека во политиката, исто како и во животот, треба да се има и лице, и образ, и обзир, изјави Петра Лукароска, кандидатка на СДСМ и Коалицијата за градоначалник на општина Прилеп.
„Господа од ДПМНЕ, чиста небулоза е да го шетате низ чаршија Панче Тошковски, министерот во чиј мандат во Прилеп се запалени триесетина автомобили, фрлени се бомби во угостителски објекти и во домови на наши сограѓани. Тешко лицемерие е да зборувате за „грижа за младите“, кога општина Прилеп е меѓу ретките во државата во која не постои Младински центар. Со тоа, не само што го прекршивте Законот за младинско учество и младински политики, туку покажавте и непочит кон сите млади. Исто како и пред 4 години, и денес ветувате изградба на градинка. Истото ветување, истата градинка, на истата локација како и тогаш. Кој може да верува во вакво ветување кажано од истите оние на кои им требаа три и пол години да стават во функција речиси изградена градинка, наследена од претходната локална власт на СДСМ? Со кое лице ветувате реконструкција на улици, кога за 4 години потрошивте над 100 милиони евра а улиците ги оставивте изрешетени со дупки како кратери? Нели ви е незгодно да се сликате на спортски натпревари, кога токму вие сте тие кои го уништија прилепскиот спорт а „Победа“ ја избришаа од фудбалската мапа? Како ќе им објасните на граѓаните дека вие и вашите партиски директори ги поскапевте данокот на имот, водата, комуналните услуги, градскиот превоз, но и покрај тоа сите 4 јавни претпријатија станаа загубари со финансиска “дупка“ поголема од 2 милиони евра? И сето ова се случи за време на вашето владеење со општина Прилеп, период во кој сите конци ги влечеа градоначалникот Борче Јовчески и претседателот на Совет и претседател на Општинскиот комитет на ДПМНЕ, Дејан Проданоски. Четиригодишната агонија во режија на тандемот Јовчески – Проданоски, прилепчани нема така лесно да ја заборават“, рече таа.
Соопштенија
Филипче од Дојран: Оставивме дела, а не зборови

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, вечерва од граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во општина Дојран, истакна дека актуелните градоначалници на СДСМ со дела покажауваат како домаќински и чесно може да се водат општините и порача дека континуитетот и искуството се клучни за напредокот на општина Дојран.
„Над 200 имплементирани проекти, од кои сигурно 15 до 20 капитални, и над 30 милиони евра инвестирани во Дојран за 8 години. Нема лажење – има работа. Затоа, Анго, искрени честитки за твојата посветена, искрена и чесна работа за Дојран,“ изјави Филипче, потенцирајќи дека неговата работа и резултатите ја докажуваат посветеноста на СДСМ кон Дојран и граѓаните.
Филипче нагласи дека СДСМ и понатаму ќе биде двигател на локалниот развој и гаранција за стабилност, чесност и конкретна работа во Дојран.
„Сега ве повикувам да го направиме истото. Да ја оставиме апатијата и разочарувањето што несомнено ја има насекаде, особено после ланските избори, и да покажеме дека веруваме во вредностите и политиките. Да покажеме дека имаме добри кандидати, дека имаме чесни луѓе кои ќе ја продолжат работата за Дојран да продолжи да се развива и да остане омилено, вистинско место во Македонија,“ рече тој.
Лидерот на СДСМ кажа дека кандидатот за градоначалник Ристо Џинев и неговиот тим советници имаат капацитет и знаење да продолжат со проектите за развој на Дојран и ги повика граѓаните масовно да ја поддржат листата на советници на СДСМ и кандидатот за градоначалник, Ристо Џинев.
„Ристо имаш голем предизвик но сум сигурен дека имаш и знаење и капацитет заедно со тимот којшто ќе го предводи развојот на Дојран, да продолжи и понатаму да се надградува со нови содржини со се што сакаат да бидат жителите не само на Дојран туку и на цела држава, коишто се се почести посетители тука во овој наш туристички бисер“, нагласи Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом“ во општина Дојран, која денеска се одржа во општина Дојран.