Македонија
АВМУ: Медиумите генерално се придржуваа кон начелото за објективно и непристрасно известување за изборите, исклучок беа две телевизии
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изготви Извештај од мониторингот на радиодифузерите во периодот од распишување на изборите до почетокот на кампањата за Локалните избори, односно од 10 август до 28 септември 2025 година.
Со мониторингот беа опфатени девет национални телевизиски програмски сервиси – МРТ 1, МРТ 2, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ 21-М и ТВ 24 Вести. Акцентот беше ставен врз централното издание на вестите, како и врз посебните информативни емисии (интервјуа, дебати, соочувања) и врз другите информативни програми поврзани со подготовките за изборите.
Наодите од мониторингот покажаа дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик.
Во целиот период на предизборието, од 10 август заклучно со 28 септември 2025 година, во вестите на анализираните телевизии на државно ниво имаше малку информативни прилози (вести/вести во низа/извештаи) посветени на претстојните Локални избори.
„Медиумите генерално се придржуваа кон начелото за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења, при што на публиката би ѝ се овозможило слободно да оформи мислење за одделни настани и прашања. Исклучок беа две телевизии. ТВ Алфа не го почитуваше ова начело од квантитативен (одвоеното време) и од квалитативен аспект (преку позитивно врамување и тон во вестите и интервјуата за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и Владата и негативен тон и врамување во вестите за политичката партија СДСМ), додека ТВ Алсат-М ова начело не го почитуваше доследно поради негативниот тон и врамување за политичката партија ДУИ во прилозите од вестите“, соопшти АВМУ.
Јавниот радиодифузен сервис преку редовните информации (вести/извештаи/соопштенија) од Државната изборна комисија, ги исполни обврските да информира за изборниот процес. Телевизиските програмски сервиси на Јавниот радиодифузен сервис емитуваа и дебатни емисии, меѓутоа не за соочувања на најголемите политички партии од власта и опозицијата како што пропишува член 76-а став 11 од Изборниот законик, туку со политички аналитичари, кои ги анализираа направените анкети во врска со Локалните избори меѓу населението во неколку градови во Македонија на МРТ 1, односно предизборната реторика на Вреди и ДУИ на МРТ 2.
Неколку комерцијални телевизии, исто така, вложија напори Локалните избори 2025 година да ги анализираат и преку посебни информативни емисии (интервјуа, дебати и други информативни програми). Интервјуа емитуваа ТВ Алфа, Канал 5, ТВ 21-М, ТВ Сител и ТВ 24 Вести, додека дебати организираа ТВ 24 Вести, ТВ Телма и ТВ 21-М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода – првата скопска општина со целосна виртуелна прошетка
Општина Кисела Вода е првата скопска општина која доби целосна 360° виртуелна презентација, преку новиот дигитален проект „Општина Кисела Вода НА ДЛАНКА – 360°“. Проектот претставува современ начин на претставување на општината, кој овозможува граѓаните, учениците, посетителите и туристите виртуелно да се движат низ Кисела Вода и да ги истражуваат најзначајните образовни, културни, спортски и духовни локации. Со над 500 панорами снимени од воздух и од земја, меѓусебно поврзани во интерактивна прошетка, корисниците добиваат реалистично искуство и информации за секоја локација, известува општина Кисела Вода.
„Оваа иновативна алатка има и значајна образовна улога, бидејќи може да се користи во наставата по историја, географија и други предмети. Виртуелната прошетка им овозможува на учениците полесно да ги разберат содржините што ги изучуваат. Од туристички аспект, проектот создава силен потенцијал за промоција, овозможувајќи им на посетителите однапред да ја запознаат понудата на општината.
Виртуелната тура е достапна бесплатно на www.macedoniafromabove.mk/kiselavoda, а поставена е и на официјалната веб-страница на Општина Кисела Вода, со што општината станува подостапна за секој што сака да ја истражи, без разлика дали се наоѓа во Македонија или во светот. „Виртуелна Кисела Вода“ е проект реализиран со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода преку конкурсот за поддршка на уметници, културни работници и здруженија. Истиот е дел од националниот проект „Македонија на дланка – 360° визуелен водич“, најголемата дигитална платформа за промоција на природните, културните и историските богатства на државата, која постојано се надградува со нови локации.
Негов носител е Здружението „Нови Зраци“- Скопје, во партнерство со здружението МАКИТ ВИРТУАЛ, извршител на активностите и автор на поширокиот проект „Македонија на дланка – 360° визуелен водич“, се додава во соопштението на општина Кисела Вода.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Мигранти во Македонија нема да има, СДС како расипана плоча, растура пердуви во јавноста
СДС секојдневно се обидува да дојде до некакво медиумско внимание преку ширење на лажни вести, шпекулации и невистини, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како расипана плоча или касета која врти во круг, СДС во безидејност, без програма, без идеја, без аргументирана критика, растура пердуви во јавноста.
Еве денес, по не знаеме веќе кој пат, како ВМРО-ДПМНЕ, а вчера и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, веќе демантираше дека ќе има мигранти во Македонија, повторно им кажуваме на СДС, мигранти во Македонија нема да има“.
Македонија
„Анима Мунди“: Денес се одлучува дали убиството на коњите ќе биде казнето или прикриено
Денес, во Кривичниот суд, продолжува судењето за грозоморно убиените коњи во ЗОО Скопје – животни кои биле под институционална грижа, а завршија убиени: измачувани, заклани на најбрутален можен начин, велат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди.
„Ова не е обично рочиште – ова е момент кога државата ќе покаже дали е способна да ги заштити најранливите, или ќе дозволи брутално злосторство да се избрише како да не се ни случило.
До нас доаѓаат сериозни информации дека одредени институции се обидуваат да се прогласат ненадлежни. Ако ова се реализира, тоа ќе значи едно: свесно создавање простор за неказнивост. Тоа е скандал од највисок ранг и директен удар врз правдата, моралот и здравиот разум.
Да биде јасно: коњите биле под институционална грижа, дотогаш мачени, експлоатирани животни. А во ЗОО Скопје – бездушно убиени, буквално масакрирани. Тоа е злосторство кое ја потресе целата држава, секој еден нормален човек. И тоа не смее да биде затскриено зад бирократски игри и формални маневри“.
Бараат најстроги казни, како што велат, без изговори и без обиди за релативизација.
Одговорнос, според нив, мора да има за сите инволвирани, и за извршителите, и за оние кои со своја функција, позиција или молк го овозможиле ова.
„Никој, ниту тогашниот директор, ниту било кој од раководството, не смее да биде поштеден доколку се утврди вина. Бараме најстрога казна затвор.
Ги повикуваме граѓаните, медиумите и сите организации да го следат процесот. Овој процес мора да биде видлив и под будното око на целата јавност.
Ова судење е пресвртна точка: или ќе покаже дека правдата важи за сите – или ќе докаже дека системот свесно штити злосторства. Ако дозволиме овој случај да биде потиснат, тогаш ја прифаќаме бруталноста како норма. Ние тоа нема да го дозволиме. Ова мора да заврши со казна; најстроги казни за сите инволвирани, а не со амнестија и молк“.

