Македонија
Лукровски: Во Карпош ќе изградиме катни гаражи со соларни панели, паркинг и зелена енергија во едно
Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори закажани на 19 октомври годинава, се обрати од денешниот народен митинг во општина Карпош, во рамки на изборната кампања 2025 година со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!
,,Вечерва не ви се обраќам како политичар туку како човек. Како татко, сопруг, пријател, кој исто како сите вие, го живее секојдневието на Карпош. И тогаш си велам доста е. Ваквиот Карпош не е нашиот Карпош. Карпош заслужува повеќе. Заслужува ред, чистина, зеленило, безбедност и гордост“, рече Лукровски.
Лукровски истакна дека Карпош ќе стане уредена и зелена општина, со нови паркинзи, катни гаражи, реновирани паркови и спортски зони и ќе се решаваат проблемите со дивата урбанизација, а ќе се реновираат градинките и училиштата. Како што вели тој, со новото јавно претпријатие и редари, ќе се воведе ред и безбедност, а Карпош ќе биде место за култура, спорт и заедништво, со нови патеки, настани и активни маала.
,,Во Карпош ќе има каде да се паркираме. Ќе изградиме нови паркинг места и катни гаражи со соларни панели. Ќе ставиме ред во сообраќајот. Ќе воведеме еднонасочни улици, јасна сигнализација и вистинска безбедност за сите. Ќе ставиме крај на дивата урбанизација. Доста е со мафијашки зделки и бетонски пустини. Јас нема да бидам ничиј партнер во инвестициите. Ќе формираме јавно претпријатие „Карпош План“, со кое ќе воведеме ред во урбанизмот и ќе ги решиме илјадниците легализации, транспарентно и чесно, заедно со вас сите, граѓаните“, кажа Лукровски и додаде:
,,Карпош мора да биде зелен, чист и уреден. Постоечките паркови да ги блеснеме, ќе се гордееме со новиот парк 1020, ќе спортуваме и ќе се рекреираме во новата рекреативна зона Карпош хајкинг делта, тротоарите мора да бидат безбедни, клупите ќе ги обновиме, улиците да ни светнат. Ќе создадеме подобри услови за најмладите. Ќе отвориме нови места во градинките, ќе ги реновираме училиштата и воведеме редари во и надвор од нив , ќе воведеме униформи со печат на општината, симбол на нашето заедништво и на нашата гордост. Карпош ќе живее со спорт и култура. Ќе поддржиме спортски клубови, ќе изградиме нови патеки, сали и забавен парк со картинг. Нашите маала ќе оживеат со концерти, улични настани и уметност на секој ќоше“.
Лукровски кажа дека општината ќе биде отворена за граѓаните, без затворени врати и политика за поединци и дека тој секој ден ќе биде на терен, во контакт со народот, со поддршка за пензионерите, лицата со попреченост и сите карпошанци.
,,Ќе ја вратиме општината во рацете на граѓаните. Нема повеќе затворени врати. Нема повеќе политика на поединци. Секој ден ќе сум еден од вас, секој ден ќе сум на терен меѓу вас, меѓу луѓето, меѓу народот, меѓу граѓаните на општина Карпош. Ќе дадам поддршка и за пензионерите, за лицата со попреченост, за секој карпошанец. Ќе ги обновиме фасадите, лифтовите, јавните простори“, вели Лукровски.
Лукровски нагласува дека локалната самоуправа нема да биде сама во реализирањето на плановите за развој на Карпош, а со поддршка од централната власт ќе се реализираат големи инвестиции и капитални проекти, со цел да се создаде Карпош кој ќе одговори на современите стандарди за живеење.
,,И што е најважно од се, локалната самоуправа нема да биде сама во реализацијата на мисијата и визијата за развојно ориентиран Карпош, каков што му доликува на современиот тренд на живеење. За сите капитални проекти ќе ја имаме поддршката од централната власт, во која го имаме моторот на обновата на Македонија, нашиот карпошанец, претседателот на Владата, проф. Д-р Христијан Мицкоски. Заеднички ќе реализираме големи и значајни инвестиции и капитални проекти во нашата општина“, заклучи Лукровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Шуто Оризари и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Македонско Косовска Бригада лоцирани спрема подвозникот кај Визбегово, како и дел од корисниците од улицата Индира Ганди, лоцирани покрај пруга кај подвозникот, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата Фјодор Достоевски, општина Карпош.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

