Соопштенија
Тоневски: Во наредните 4 години ќе инвестираме во патната инфраструктура во Пробиштип

Патната инфраструктура е област во која никогаш нема крај, секогаш има потреба од изградба и реконструкција на уште една улица, секогаш има потреба од нови тротоари како на улицата „28 август“, „Партизанска“, на „Браќа Миладиновци“, на улицата „Кочо Рацин“ и на многу други локации, рече Тони Тоневски, кандидат за градоначалник на општина Пробиштип од ВМРО-ДПМНЕ.
„Но Пробиштип не е само градот, во наредните 4 години ќе инвестираме во секое населено место. Асфалтерките ќе стигнат до секоја населба и секое село. Ќе го изградиме патот до Јамиште, Шталковица, Пестришино, Близанци, Кундино, Костомар, Горни Стубол. Ќе го прошириме и реконструираме патот до Свети Николе, преку Неокази и Мечкуевци, за да добиеме вистински регионален пат каков што доликува на нашата општина. На сите жители ќе им овозможиме нормален и безбеден пристап до нивните домови и села. Заборавени места повеќе нема да има. Направете го вистинскиот избор, за тебе за твоето место, за твојата иднина“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Филипче: Над 45 реализирани проекти во Росоман, поддршка за Стојан Николов за да продолжи напредокот

„Росоман е пример дека кога локалната власт работи со срце, резултатите се гледаат“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Росоман „Се бориме за нашиот дом“.
Филипче нагласи дека градоначалникот Стојан Николов за овие години покажа што значи вистинско водење на општината во интерес на граѓаните:
„Над 45 проекти се завршени комплетно, многу улици, плоштад, ново улично осветлување, детски игралишта, водоводи, канализации, покриен пазар, доградба на детската градинка, парк. Стојан Николов ја врати довербата во институцијата што треба да биде најблиску до човекот.“
Тој порача дека Росоман е доказ дека со план, со програма и со луѓе што ја сакаат општината, може да се создаде средина во која се живее подобро.
„Вашата поддршка за Стојан Николов е глас за да продолжи напредокот на Росоман, да не им го оставиме на оние кои ја гледаат општината како плен. Таа ваша поддршка не е само за еден човек, туку за идејата дека политиката може да биде чесна, фер и посветена на граѓаните“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцираше дека овие локални избори не се обични избори туку на нив се одлучува и како ќе продолжи Македонија понатаму.
„Се бориме за земја што ќе го вреднува трудот. Се бориме за фер цена, за навремена исплата, за сигурен откуп. Се бориме за работниците, за минимална плата над 500 евра, за држава во која секој ќе може да живее достоинствено од она што го создава. Се бориме за младите да не се иселуваат, тука да ја гледаат својата иднина“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ повика на масовна излезност на изборите на 19 октомври и побара поддршка за кандидатите на СДСМ и коалицијата.
Соопштенија
(Видео) Д-р Трајановски: Општина Аеродром конечно ќе добие нова општинска зграда

„Општина Аеродром е единствената општина во Македонија која нема сопствена зграда. Општинската администрација 20 години функционира во супстандардни услови, во објект за кој плаќа 120.000 евра годишно. Само во последните 4 години Општина Аеродром има потрошено половина милион евра по основ на кирии“, вели д-р Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од СДСМ.
„Трагедијата да биде уште поголема Тимчо Муцунски пред 4 години ја избриша маркицата каде што СДСМ планираше модерен објект за општинска зграда со готов проект за изведба. На таа локација пред 2 години требаше да биде подигнат паркот „Радост“.
По 4 години реалноста е поразителна. Ни парк, ни општинска зграда немаме на таа локација.
По изборите ја започнуваме постапката за изградба на современ, функционален и енергетски ефикасен објект за општинската администрација, во кој граѓаните ќе ги добиваат сите услуги на едно место.
Новата зграда ќе биде репрезентативен симбол на општината, со мултимедијален центар за млади, повеќенаменски сали и современа сала за венчавки, простор кој ќе им служи на сите жители на Аеродром.
Време е конечно Општина Аеродром да добие сопствен дом, достапен и отворен за сите“, соопшти д-р Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром.
Соопштенија
Саракинов: Ја нема ниту катната гаража кај ГОБ 8ми Септември која ја вети кандидатот на СДС, Филипче и Заев – Стевчо Јакимовски, има само дупки и ѓубре

„Стевчо Јакимовски, кандидатот на СДС, Заев и Филипче излажа за сите катни гаражи кои ги вети во 2021 година. Ниту една катна гаража која ја вети, не ја направи. Стоиме овде пред ГОБ 8 Септември, место каде Стевчо Јакимовски, кандидатот на СДС, Филипче и Заев тврдеше дека ќе направи катна гаража“, рече Христо Саракинов, носител на советничка листа на ВМРО-ДПМНЕ за општина Карпош.
„Овде нема катна гаража, има само ѓубре и дупки. Кога ја читаме програмата на Стевчо Јакимовски од 2021 година сфаќаме дека се било една огромна лага. Ниту една катна гаража која ја ветил, не ја направил.
Стевчо Јакимовски само ги изманипулира граѓаните на Карпош.
Последните 4 години со Стевчо во Карпош се хаос за карпошани, хаос со паркингот, ѓубре насекаде, бетонизација, наместо зеленило и хумана урбанизација.
Стевчо Јакимовски лаже и сега како што лажеше во 2021 година. Ништо што вети во 2021 година, не реализира. Ниту една катна гаража не направи. Истите лаги ги кажува и сега, разликата е што овој пат нема да му успеат. Стевчо Јакимовски е прочитана книга. Карпошани ќе го казнат и ќе го испратат во политичка пензија со Филипче и Заев, неговите ментори за бизнис зделки“, изјави Христо Саракинов.