Соопштенија
(Видео) Димитриев: Време е за промени – време е за нова ера во Аеродром

„Денес сите можеме да ја почувствуваме енергијата на промена“, изјави Марјан Димитриев, кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од Левица на средбата со граѓани на која присуствуваа и Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје и лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
„Луѓето се охрабрија и јасно кажуваат дека вака не може повеќе. Доста беше лаги, доста беше корупција, доста беше истите луѓе да се кријат зад празни ветувања и да мислат дека можат да не купат со лажни насмевки и чистење само пред избори“.
Димитриев во своето обраќање остро ја критикуваше состојбата во општината, нагласувајќи дека „Аеродром никогаш не била понечиста општина“. Според него, службите што треба да го одржуваат јавниот ред и хигиена не функционираат, а целиот систем се свел на „испумпување пари од буџетот на општината кон приватни фирми за чистење кои не се ни појавуваат на терен“.
„Во последниот мандат потрошени се над три милиони евра за чистење, а општината никогаш не била понечиста,“ истакна тој, најавувајќи целосна реорганизација на јавното комунално претпријатие. „Нема повеќе да има тендери за приватни фирми за чистење. Парите ќе се инвестираат таму каде што треба во нова механизација, повеќе вработени и силна општинска служба што ќе ја врши работата навремено и чесно“.
Како втор приоритет, Димитриев го посочи решавањето на загадувањето кое, како што рече, со години го гуши Аеродром. „За да го решиме овој проблем, најпрво мора да адресираме чија е одговорноста за оваа состојба денес“, потенцираше кандидатот. „Овде, пред сè, мислам на одговорни лица во Општината Гази Баба и Град Скопје за случајот со Вардариште, како и на одговорни лица за случајот со Усје. Ќе бидат покренати кривични постапки за овие лица за непостапување по службена должност“.
Во делот на капиталните проекти, Димитриев најави изградба на Аеродромска чаршија – место за занаетчии, мали бизниси, култура и дружење, изградба на Технолошки парк кој ќе биде двигател на иновациите и новите технологии и ќе отвори современи работни места за младите, како и изградба на Дом на културата во Аеродром, каде што граѓаните ќе можат да гледаат театарски претстави, концерти и изложби што ќе го збогатат културниот живот во општината.
На крајот од своето обраќање, Димитриев упати јасна порака до граѓаните: „Време е за промени! Аеродромци, доаѓа наше време – време за вистинска промена“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Филипче: Тиквешијата страда, Мицкоски и ДПМНЕ го срушија достоинството на лозарите

Претседателот на СДСМ Венко Филипче на вечерашната трибина „Се бориме за нашиот дом“ од Кавадарци потенцираше дека достоинството на земјоделците и лозарите е срушена поради неспособноста и погрешните политики на власта.
„Тиквешијата страда од оваа власт. Ако има еден сектор кој беше срушен целосно во изминатата година, тоа е земјоделието. Неспособноста на Мицкоски и Трипуновски го сруши достоинството на земјоделците, но најмногу на лозарите. СДСМ и јас лично се заложивме да помогнеме, предложивме конкретни мерки и закони, но власта ги одби. Одби затоа што оваа влада не се грижи за обичниот човек, за работникот, за оној кој произведува, се грижи само за крупниот бизнис. Но и таму не им оди работата, затоа што индустријата слабее и инвестициите паѓаат“, рече Филипче.
Тој од Кавадарци зборуваше за напорот на СДСМ да им помогне на земјоделците и од опозиција, предлагајќи дополнителна субвенција од три денари по килограм предадено грозје за сите лозари кои ќе го предадат грозјето кај регистрираните винарии од 1 август 2025 година, но од власта предлогот не беше прифатен.
„Реагиравме остро и на тоа што оваа година не ја објавија производната цена на грозјето, иако се законски обврзани да го сторат тоа. Со објавувањето законот кој го донесе СДСМ винариите ќе мораа да ја почитуваат методологијата која предвидува надомест од најмалку 25% над производната цена. И намерно не ја објавија, за да не се знае колку е точната цена на трудот на лозарите и колкави се нивните трошоци“, рече Филипче.
Тој исто така рече дека СДСМ предложи и укинување на одредбата која овозможува винариите да ја намалат цената за 8% доколу лозарите побараат брза исплата, што според Филипче е пракса која се користи за уцена и манипулација со трудот на производителите. Но и оваа мерка, како што кажа не била прифатена.
Соопштенија
Георгиевски: Во Илинден ќе се отвори полициска станица за безбедна и мирна животна средина за сите граѓани

Александар Георгиевски, кандидат за градоначалник за општина „Илинден“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и истакна дел од реализираните проекти во општина Илинден.
„Ја подобривме инфраструктурата, изградивме фекални канализации и ја модернизиравме водоводната мрежа. Јавните комунални претпријатија добија современа механизација и зголемен возен парк, за полесно да ги извршуваат своите обврски кон граѓаните на Илинден, бидејќи нашите граѓани заслужуваат современи услови за живеење. Илинден, е финансиски стабилна општина без долгови“, рече Георгиевски.
Георгиевски истакна дел од проектите на изборната програма.
„Ќе изградиме и реконструираме над 15км главни и локални улици и патишта низ сите локални места, ќе изградиме и реконструираме најмалку 5 локални моста, ќе продолжиме со изградба на пешачки и велосипедски патеки, како и со проектот светла општина Илинден каде што предвидуваме поставување на нови линии на улично осветлување, во делот на образованието, ќе продолжиме со инвестиции во инфраструктурата на нашите училишта, во рамки на основното училиште „Гоце Делчев“ ќе изградиме нова училишна зграда која ќе обезбеди современи и безбедни услови за учење, исто така, ќе изградиме и нова спортска сала во основното училиште „Браќа Миладиновци“ која ќе обезбеди современ простор за физичко образование, спортски активности и рекреација, во овој дел, важно е да се спомене и финансиската поддршка за секое ново прваче која за прв пат ќе ја доделиме со почеток од новата учебна година, на новиот мандат, ќе изградиме нова градинка“, истакна Георгиевски.
Го истакна еден од најзначајните проекти и тоа отворањето на полициска станица, која ќе обезбеди безбедна и мирна животна средина за сите граѓани.
„Како дел од нашите напори за зајакнување на јавниот ред и мир, ќе отвориме полициска станица, оваа Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, конечно оваа година со промена на законските регулативи овозможи отворање на полициска станица од општа надлежност во Илинден. Оваа полициска станица ќе овозможи побрза и поефикасна реакција на полицијата, како и поголема присутност во заедницата, што ќе создаде безбедна и мирна животна средина за сите граѓани“, рече Георгиевски.
Ги повика граѓаните да изберат чесност и посветена работа и да го заокружат бројот 9.
Соопштенија
Ковачки: Илинден е пример за брз раст и развој, заслужува да се гради

Илинден заслужува да се гради, Илинден е пример за брз раст и развој, рече членот на Извршниот комитет Драган Ковачки пред присутните на митингот во општина Илинден.
Ковачки порача дека во Илинден локалната власт е со населението, и тоа насекаде во маалата, во селата, во училиштата.
„За големи работи потребно е партнерство, визија, лидерство и токму такво лидерство има Илинден во актуелниот и идниот градоначалник Александар Георгиевски. Илинден се менува под негово водство, општината покрај тековни работи кои се изведуваат ќе добие и полициска станица од општа надлежност и тоа на инсистирање на граѓаните“, кажа Ковачки.
Ковачки укажа дека Илинден е модерен дом за сите и додаде дека тоа е така бидејќи зад него се граѓаните од една страна, а од друга страна Владата.
„Александар ве има вас, а тој ја има поддршката од Владата и премиерот Христијан Мицкоски. Ова е Влада што верува во вистински развој и Влада што знае дека вистинскиот развој почнува од локалната самоуправа. До пред нешто повеќе од година дена имаше влада која кочеше, која стопираше, а денес е сосема поинаку ова е Влада која е партнер на граѓаните, на локалната самоуправа“, посочи Ковачки.
На крајот од своето обраќање Ковачки апелираше за масовна излезност на 19 октомври и гласање за број 9.