Соопштенија
Камчев: Граѓаните на општина Валандово пијат небезбедна вода од застарени водоводни мрежи затоа целосно ќе ја обновиме

Ѓоко Камчев, кандидат за градоначалник за општина „Валандово“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и ја објасни моменталната состојба во општина Валандово, поединци ја држат општината во заложништво, граѓаните пијат небезбедна вода, а одредени места немаат ниту основна инфраструктура.
„За жал, денес неколку луѓе ја држат општината во заложништво, владеејќи зад затворени врати, без јавни дебати и без отчет. Се кријат во кабинетите, далеку од граѓаните, од проблемите, од вистината. Додека трошат милиони евра на затворен базен граѓаните на општина Валандово пијат небезбедна вода од застарени водоводни мрежи со огромни загуби, граѓаните на Раброво, Собри, Марвинци, Брајковци, Балинци, Чалакли, Башибос, Дедели газат во кал и немаат основна инфраструктура која законски им следува. Секојдневно дишеме чад од депонијата Сува река. Секојдневно облаци од отровен чад надвиснуваат над нашата општина, а ветуваа здрава животна средина“, објасни Камчев.
Камчев се осврна на проектите од изборната програма и најави реконструкција на водоводната мрежа во Валанадово, како и реконструкција и изградба на улици и патишта во секое населено место.
Реконструкција и модернизација на системите за водоснабдување, од физибилити стидија, проектна документација до конечна изведба. Удово, Јосифово и Горна Маала мора да добијат стабилно и квалитетно водоснабдување, конечно во Калково, сувиот резервоар ќе се полни со чиста вода за пиење, реконструкција на водоводната мрежа во Валандово, реконструкција на водоводните мрежи во бојмиските населени места, во Чалакли, Дедели, Собри и Грчиште ќе изградиме системи за одведување на отпадните води, ќе ги решаваме проблемите со атмосферските води во Пирава, Јосифово и останатите населени места. Ќе реконструираме и изградиме над 30 километри улици и патишта во секое населено место, и во Башибос и во Дедели и во Брајковци, Балинци, Марвинци, Грчиште, Горна Мала, и во Калково, Раброво, Чалакли, Казандол“, рече Камчев и додаде:
„Ќе ги реконструираме училиштата во Марвинци, Брајковци и Удово. Ќе градиме и реконструираме повеќенаменски игралишта во Дедели, Башибос, Марвинци, Удово, Балинци, Раброво, ќе го реконструираме градскиот стадион во Валандово, преку реконструкција на трибинскиот дел, и изградба на нова соблекувална и атлетска патека. Ќе ја довршиме реконструкцијата на стадионот во Пирава и пристапот до истиот. Ќе изградиме спортски сали во Пирава и Брајковци и мултифункционална сала за спорт и културни манифестации во Чалакли“.
На крај Камчев ги повика граѓаните да гласаат за бројот 9, за општината повторно да биде општина за пример.
“Направете го вистинскиот избор за заедно да започнеме да го градиме Валандово. Ова е борба за нашето достоинство. За нашата заедничка иднина и за нашето место. За Валандово да биде општина за пример, а не општина на безнадежност, гласајте за бројот 9“, истакна Камчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
(Видео) Филипче од Гази Баба: Мицкоски сака негово судство, СДСМ нема да дозволи нови тефтерчиња од Белата палата

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, вечерва од Гази Баба каде се одржа граѓанска трибина „Се бориме за нашиот дом“ го обвини Христијан Мицкоски дека не сака реформи во правосудството туку го сака скроено по свој терк како во времето на Груевски и порача дека СДСМ нема да дозволи нови тефтеричња од белата палата.
„Тоа е нивната намера, да закочат сè за да го вратат судството како во времето на Груевски. Не знае ВМРО-ДПМНЕ да владее ако има независни институции. Па кој ќе ја покрива нивната неспособност? Кој ќе нарачува пресуди кога ќе бидат во густо? Тоа е проблемот, на Мицкоски му треба судството под контрола за да може да сее страв, да се заканува, да уценува, исто како што беше во времето на неговиот ментор Груевски. Затоа избега од подадената рака на СДСМ за реформи. Му реков, ајде да ги донесеме реформите тоа го бараат граѓаните. Бараат независно судство, европски реформирано судство. Ајде да ја вратиме довербата во институциите. Јас не се плашам од независно судство, ама изгледа се плаши тој. Пола влада со кривични пријави, пола партија со матни бизниси. Затоа не сака“, порача Филипче.
Филипче во Гази Баба исто така рече дека наместо правда и реформи, наместо судска фела и експерти, граѓаните добија само неправди по што испрати порака дека СДСМ нема да молчи ниту ќе дозволи партизација во судството.
„Сега јасно му порачувам да престане да се заканува што ќе правел по изборите. Да не мисли дека ќе му молчиме ако решил да го партизира судството. Тоа нема да се дозволи. Или ќе има темелни реформи па нека одговараат сите што грешеле или нови судии од тефтерчињата од Белата палата нема да дозволиме“, потенцираше претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче од Гази Баба.
Соопштенија
Мицкоски: СДС ќе доживеат дебакл на локалните избори, наместо програма и проекти нудат демагогија, навреди и црна кампања

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во Гевгелија, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“.
Мицкоски кажа дека овие локални избори за противниците значат спас за нивните политички кариери и спас на нивните бизниси, но сепак ќе доживеат огромен дебакл.
„Јасно е дека ова не се само локални избори, туку од вашиот глас зависи и тоа како ќе се развива државата и во кој правец ќе се движи. За нашите противници ова се избори каде тие сакаат да си ги спасат политичките кариери, но зад тоа стои намерата на човекот кој си ја приватизираше партијата и си управува час од Дубаи, час од Струмица, да си ги штити бизнисите и слободата. А за да се случи тоа, си најми изведувач, и клучот за ова нивно сценарио се состои во контролираното судство и обвинителство, чии резултати ги видовме вчера. За сомнеж за криминал од 100 милиони во РЕК, за Марковски одлучуваат куќен притвор. И затоа СДСМ и ДУИ не гласа за смена на Љупчо Коцевски, затоа што тоа е последниот бастион на длабоката држава со која ќе расчистиме после овие избори“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски истакна дека противниците се нервозни бидејќи повторно ќе доживеат дебакл на локалните избори, бидејќи немаат програма и проекти, а единствено што нудат се демагогија и навреди.
„Токму за ова судство и обвинителство Филипче вчера кажа дека е професионално, иако досега видовме сè, само не професионализам. И знаат дека ова е последниот нивен крик и затоа се нервозни. На овие избори одат со гола демагогија и грст навреди и квалификации, наместо со програма и со проекти. И кажуваат дека се борат за нивниот дом, а нивниот дом не се вашите домови, туку се борат за заштита и спас на нивните украдени пари. И за да го направат тоа, знајте дека нема црвена линија која нема да ја распродадат и нема отстапка која нема да ја направат само за да стигнат до фотелја. Кога Филипче говори за црвени линии, тој говори за нов поклон и топка нафрлена кон Бугарија и ново газење на нашите македонски црвени линии. Тие добро знаат дека најголемата пречка за нивното лудило и отстапки сум јас, и оваа Влада во којашто се моите колеги, и затоа се фрустрирани и нервозни и затоа нивните апологети, како баби пред чешма, повикуваат на моја ликвидација, а тие од штабот на СДСМ не најдоа ни сила да се оградат од таквите нивни повици, што јасно ги покажува нивните мотиви. Но, од друга страна, барем народот гледа дека повиците за убиство, поклоните кон Бугарија и тезата дека судството со 2 проценти доверба се професионалци е понудата на оваа партија на овие избори е катаклизмична и затоа уверен сум дека на 19 октомври ги чека уште еден нов историски нов дебакл“, кажа Мицкоски.
Мицкоски ги повика граѓаните на 19 октомври да гласаат за број 9 за подобра иднина.
„Нашата борба не е само за една општина, не е само за еден град. Нашата борба е за секое семејство, за секое дете што сака подобро училиште, за секој млад човек што сака работа и останува тука, дома, во Македонија. Нашата борба е за достоинството на секој еден граѓанин. И затоа, оваа вечер ви велам изборот е наш, и тој избор ќе ја одреди иднината. Не се плашете од предизвиците, не се двоумете пред лагите, затоа што нашата сила е во тоа што сме исправени, чесни и што знаеме за што се бориме. Ајде заедно да ја напишеме новата приказна на нашата татковина! Ајде да изградиме иднина за која ќе бидеме горди! Ајде да покажеме дека кога сме обединети, никој не може да нè запре“, истакна Мицкоски.
Соопштенија
Сарамандов: Во Гевгелија ќе се реализираат две големи инвестиции кои ќе овозможат над 500 нови вработувања

Андон Сарамандов, кандидат за градоначалник за општина Гевгелија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и ги истакна реализираните проекти за неговиот четиригодишен мандат, од областа на комуналната, патната инфраструктура, проекти за заштита на животната средина, образованието, спортот, културата.
„Горд сум што Гевгелија се развива во успешна, модерна и урбана заедница. Реализиравме повеќе капитални проекти од областа на комуналната и патната инфраструктура, проекти за заштитата на животната средина, образованието, туризмот, спортот и културата. Горд сум што во тек на реализација се две инвестиции во Гевгелија, кои во наредниот период ќе овозможат над 500 нови вработувања, горд сум што Гевгелија се развива во успешна, модерна и урбана заедница. А, со макотрпна работа успеавме да ги реализираме ветувањата на кои се обврзавме пред нашите сограѓани во 2021 година“, истакна Сарамандов.
Во врска со изборната програма Сарамандов истакна дека таа е јасна, конкретна и гарантира развој на општина Гевгелија, и наброи дел од приоритетните проекти за наредните четири години.
„Таа е реална, јасна, конкретна и гарантира развој на општина Гевгелија. Заедно со членовите на Советот ќе ги реализираме ветувањата за доброто на сите наши сограѓани. Секундарен влез и излез во градот преку улицата „Борис Кидрич“, реконструкција на улицата „Маршал Тито“, изградба на Кеј на Вардар, изградба Нов „Парк на Мирот“ на потегот кај Сува Река, нов фудбалски стадион во урбан блок 5 – „Касарна“, Модерен Градски Плоштад. Во програмата се обврзуваме и на други суштествени проекти за нашите сограѓани кои ќе ги реализираме во наредниот период. Реконструкција и проширување на патниот правец Динќут – Горничет, реконструкција на Пионерски дом во Гевгелија, изградба на трета фаза од каналот Рауљ, изградба на подземни контејнери во централното градско подрачје, реконструкција и целосна обнова на младинскиот дом во Миравци, изградба на фекален колекторски систем со пречистителна станица во Негорци“, посочи Сарамандов.
На крај Сарамандов ги повика граѓаните да го направат вистинскиот избор, да гласаат за број 9, за нови проекти, напредок, и сигурност во општина Гевгелија.
„Мои гевгеличани, време е за вистинската одлука, време е за нови проекти и уште повеќе резултати. Да избереме напредок, сигурност и посветеност. Ве повикувам на 19 октомври масовно да излезете и да гласате за број 9 за Советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“!, дециден е Сарамандов.