Соопштенија
Оливера Ливриниќ: Радишани добива нови инвестиции, нов парк и подобра инфраструктура

„Населбата Радишани ќе биде во фокусот на серија инфраструктурни и урбани проекти што ќе придонесат за подобри услови за живот, сообраќајна безбедност и уредена јавна средина“. Ова го најави кандидатката за советничка во општина Бутел, Оливера Ливриниќ, нагласувајќи дека приоритет е реализација на конкретни решенија што ќе се спроведуваат во текот на целиот мандат.
Меѓу планираните активности се:
- Целосно покривање и уредување на пазарот во Радишани, со што ќе се обезбеди подобра функционалност и услови за граѓаните и продавачите.
- Изградба на двокатни гаражи кај двата главни влезови во населбата кај трговскиот центар во Радишани, со што ќе се реши проблемот со паркирањето и сообраќајниот хаос.
- Финансиска поддршка за енергетски ефикасни фасади и покриви на колективните згради, за заштеда на енергија и подобар визуелен изглед на населбата.
- Воведување на нови автобуски линии во соработка со Град Скопје: Радишани – Визбегово – Карпош и Бутел – Железара – Аеродром, за подобра јавна поврзаност и намалување на сообраќајниот метеж.
- Создавање нов парк со зеленило, урбана опрема и вештачка карпа за спортско качување, кој ќе биде место за рекреација на сите генерации.
- Поставување улични канти за ситен отпад со цел почиста и поуредна околина.
- Реконструкција и асфалтирање на оштетените улици, поставување атмосферска канализација и сообраќајно решение за просторот околу ООУ „Ацо Шопов“, како и проширување на објектот на училиштето.
- Инсталирање на лежечки полицајци каде што е потребно, за зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот.
„Безбедноста не е избор – тоа е обврска. Радишани мора да биде место каде што граѓаните живеат мирно, безбедно и достоинствено,“ изјави Ливриниќ, додавајќи дека сите најавени проекти се дел од сеопфатен план за унапредување на животниот стандард во Општина Бутел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Герасимовски: Масовно да излеземе во недела и да гласаме за Центар што го сакаме

„Во изминатите четири години направивме многу за Центар, за животот на сите генерации. Имаме уште многу работа, програма и план, стручни луѓе и знаење, желба и енергија. Заедно победуваме. Со нас, твојот глас вреди и значи најмногу. Ве повикувам масовно да излеземе и да гласаме за Центар што го сакаме“, вели кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите од СДСМ Горан Герасимовски.
Герасимовски, потенцира дека новата програма за работа за втор мандат е јасна, прецизна, остварлива и која Центар ќе го направи вистинско и посакувано место, најдобро за сите.
„Мојата визија опфаќа силен фокус на образованието, културата, спортот и социјалната заштита, како и континуирана грижа за младите, семејствата, пензионерите и лицата во социјален ризик. Солидарноста, еднаквоста и инклузивноста се темелот врз кој Центар функционира како вистински сервис на граѓаните и создава услови за достоинствен и сигурен живот. Продолжуваме да работиме во оваа насока за уште позелен, похуман и поразвиен Центар“, порачува Герасимовски.
Соопштенија
Марковски: Магацините на „Славија“ може да прераснат во простории за културната сцена, а не во бетонски чудовишта

Магацините на „Славија“ во општина Кисела Вода можат да прераснат во уреден јавен и мултифункционален простор за алтернативната културна сцена, креативна индустрија и други функции наменети за младите и сите граѓани истакна Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“.
„Да ги сочуваме и искористиме овие простори, како градителско наследство кое може да добие поинаква функција, а не да прераснат во колосални станбени објекти кои дополнително го загушуваат овој град“, истакна Марковски.
Тој кажа дека факт е дека на Скопје му недостасуваат простори за социјализација и дружба на младите, како и места за организирање на различни настани.
На денешната прес конференција се обрати и Јана Белчева Андреевска, носителка на листата за советници во град Скопје на „Независни заедно“:
„Наместо само да се руши и одново да се гради, добро е да ги следиме и принципите на циркуларната економија и примерите на европските метрополи, да реставриваме објекти од ваков тип, да им дадеме живот и да добијат нова вредност во новото време кое го живееме“, истакна Белчева Андреевска.
Соопштенија
ЗНАМ ја промовира програмата за млади

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска во Куманово ја презентираше програмата, поточно делот посветен на младата популација во општината и приоритетите што ќе ги реализираат во наредниот мандат.
„Студентите и младите се иднината на Куманово. Тие носат нова енергија, идеи и визија за подобро утре. Општината е нивен пријател, сојузник и партнер на патот кон знаењето и успехот. Тоа ќе го прави со поддршка во образованието, со можности за практично искуство, за културен и спортски развој, како и охрабрување на нивното претприемништво и иновации.
Со вложување во младите, вложуваме во поразвиена локална економија, модерно и европско Куманово, каде што младите ќе имаат причина да бидат овде и да градат своја иднина“, изјави Тамара Тренчевска кандидат за советник на Општина Куманово од редовите на Движењето ЗНАМ.
Таа ги наброја плановите:
Подобрување на условите и проширување на капацитетите во сите постојни општински образовни објекти.
· Гасификација и енергетска ефикасност во училиштата за подобри услови и пониски трошоци.
· Спортски игралишта и уредени дворови во секое училиште, со можност за „училници на отворено“.
· Технолошки и интеркултурен центар во целосно реконструиран „Дом на пионери – 29 Ноември“, како простор за културна размена и развој на вештини, со отворена мултимедијална сала за филмови, презентации, јавни настани, семинари, дебати, обуки, како и посебен дел наменет за центар за целодневен престој за деца.
· Младински центар во објектот на НУЦК „Трајко Прокопиев“.
· Обуки и усовршувања за наставниците и стручните служби.
· Нови спортско-рекреативни комплекси, паркови, велосипедски и трим-патеки, street-workout зони за здрав животен стил.
· Изградба на адреналински парк во состав на нов парк во с. Проевце.
· Претприемаштво за младите преку стартап-инкубатори и специјализирани обуки.
· Програма за финансиска поддршка на проекти и активности на студентите.
· Бесплатен интернет-пристап на повеќе јавни локации.
· Младински НВО-саем за вмрежување и промоција на младинските организации.
· Поддршка за талентирани ученици преку стипендии, промоција на иновации и поттик за млади уметници.
· Стипендии и награди за спортистите како поттик за нови достигнувања.
· Стипендии за првенците на генерација.
· Субвенционирање за набавка на велосипеди и електрични тротинети.
· Open Space / chill зона и скејт-парк: простор за дружење и неформални активности.
· Поддршка за развој на street art активности на млади уметници
· Организирање наградни натпревари меѓу општинските училишта со цел поттикнување на натпреварувачкиот и на тимскиот дух, дружење и мотивација за најдобрите тимови.
· Културна програма збогатена со фестивали, натпревари, секции и промоција на филмски и креативни проекти на млади ентузијасти.
· Повеќе креативни работилници: уметнички, музички и културни проекти.
· Поддршка на концерти и соло настапи на талентирани млади ученици на градските плоштади.
Движењето ЗНАМ, нагласи Тренчевска, има зацртано мноштво проекти, со кои ќе докажеме дека сакаме да бидеме и да останеме вистински партнер на младите и студентите.
„Ние не сакаме младите да заминуваат – сакаме да останат, да создаваат, и да сонуваат дека може да го променат светот токму овде. Затоа и ја градиме општината како отворено место за Вашите визии. Ние сме Општина која верува во младите – затоа што тие се нашата најголема сила! “, потенцираше Тренчевска.