Свет
Заложникот Алон Охел свирел пијано првпат по две години, мајка му зборуваше и за повредите
Алон Охел (24), заложникот со српско потекло, свирел пијано првпат од 7 октомври 2023 година кога бил киднапиран во напад на палестинската милитантна група Хамас врз Израел во болничката соба во Тел Авив, изјави мајка му Идит Охел за израелскиот „Канал 12“.
„Пред неколку минути седна на пијаното во својата соба и свиреше малку по две години“, истакна мајката на младиот пијанист додавајќи дека Алон постепено ќе се врати на свирење на нивото на кое беше навикнат.
Семејството Охел користеше донирани пијана во целиот свет како начин да ја подигне свеста за неговата тешка состојба.
Кога беше прашана за лошата состојба на окото на Алон, за која претходно зборуваа израелските заложници ослободени претходно оваа година, Идит рече дека „Алон гледа многу лошо на десното око“.
„Тој сè уште не поминал детаљни прегледи. Ќе видиме“, додаде таа, како што објави „Тајмс оф Израел“.
Идит нагласи дека син ѝ не знае ништо за тоа што се случило во Израел во текот на изминатите две години, освен дека имало војна.
„Тој беше шокиран кога виде толку многу луѓе на Плоштадот на заложниците и непознати луѓе кои ја држеа неговата фотографија. Одиме чекор по чекор, во ритамот на Алон“, додаде таа.
Охел присуствуваше на музичкиот фестивал „Нова“ на 7 октомври 2023 година кога членови на Хамас го нападнаа јужен Израел и го киднапираа него и 250 други заложници. Како дел од договорот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Газа, Хамас вчера ослободи 20 заложници.
Вчера, голем број луѓе се собраа на Плоштадот на заложниците во Тел Авив во поддршка на ослободените заложници и нивните семејства.
Иако долго време немаше официјална потврда дали Алон е жив или мртов, мајка му Идит никогаш не ја изгуби надежта. Како што претходно изјави за телевизијата „Блиц“, ослободените заложници ѝ раскажале за заробеништвото и за тортурата низ која поминале.
„Тие биле држени во многу мал простор, 40 метри под земја, во тунел. Им била давана мала количина храна дневно, една пита или нешто многу, многу мало. Врзани биле со синџири на глуждовите и немале воздух бидејќи биле длабоко под земјата во тунели“, рече Идит, меѓу другото, во мај, речиси пет месеци пред ослободувањето на Алон.
Како што додаде тогаш, ослободените заложници ѝ рекле дека Алон свири пијано на своето тело „за да ја зачува вештината што ја има во рацете“.
Охела од Појасот Газа, по неговото ослободување, првин го презеде Црвениот крст, а потоа заедно со другите заложници беше предаден на Израелската армија (IDF), која ги транспортира него и неговото семејство во болница во Израел со хеликоптер.
Тој беше фотографиран како седи насмеан во хеликоптерот помеѓу мајка му и татко му држејќи табла на која ја напиша својата прва порака по ослободувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

